Обемот на трговската размена лани се намалил за 3,3 проценти, а конкретно извозот од земјава паднал за 6,6 отсто, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС). Податоците покажуваат дека лани се извршила стоковна размена во вкупна вредност од 18,84 милијарди евра, од кои извозот учествува со 7,78 милијарди евра. Според тоа, трговскиот дефицит изнесува 3,28 милијарди евра.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги зидвоивме за почеток на денот.
Германската криза се прелеа во земјава: Се затвораат фабрики, следат отпуштања
„Аптив“ во Скопје е колатерлана штета на кризата во автомобилската индустрија. Извори запознати со процесите во компанијата за „Блумберг Адрија“ велат дека во македонската фабрика немало проблеми, имало нарачки, но затворањето се случува поради прегрупирања на ниво на корпорација.
Според нашите извори, компанијата чии главни клиенти се „Фолксваген“ и „Стелантис“ има сериозни проблеми со фабриките во Полска и Португалија. Затворањето во Македонија има за цел да овозможи спас на тие две фабрики со тоа што нарачките ќе бидат насочени таму.
Може ли државата со засилена изградба на згради да го поевтини станбениот квадрат?
Државата, преку јавното претпријатие за станбен и деловен простор (АДИССДП), најавува засилени инвестиции во изградба на комерцијални станбени згради, со цел да се намали цената на станбениот квадрат. „Веќе извесен период пазарот на недвижности се соочува со експлозија на цените на станбениот квадрат. Секако дека побарувачката го диктира порастот, но време е да му се стави крај на самоволието на приватните градежници“, велат од АДИССДП.
Со изградбата на поевтини станови, оттаму се надеваат дека „во вистинска смисла може да влијаат врз пазарот на недвижности нудејќи реални цени на становите“. „Притоа, треба да имаме предвид дека нам ни е потребна изградба на поголем број комерцијални станбени згради, за што ќе ни треба и повеќе време“, додаваат од јавното претпријатие.
„Блекрок“ ќе го претстави својот прв биткоин ЕТФ во Европа
„Блекрок“ (BlackRock Inc.), најголемиот управител на средства во светот, се подготвува да листира производ поврзан директно со биткоин во Европа, по успехот на неговиот американски ЕТФ - фонд со кој се тргува преку берза - од 58 милијарди долари, а кој ја следи криптовалутата.
Фондот најверојатно ќе биде регистриран во Швајцарија, според лица запознаени со плановите, кои не беа овластени јавно да дискутираат за ова прашање. „Блекрок“ би можел да започне со маркетинг на фондот уште месецов, вели извор запознаен со ситуацијата.
„Ново Нордиск“ го зголеми профитот благодарение на лековите за слабеење
Фармацевтската компанија „Ново Нордиск“ (Novo Nordisk) во четвртиот квартал пријави профит од 3,98 милијарди долари, што е за 29 проценти повеќе од претходниот квартал. Резултатот, кој ги надмина очекувањата, е последица на зголемената побарувачка за лековите против дебелина „вегови“ (Wegovy), но компанијата предвиде делумно забавување на продажбата во 2025 година.
Годишниот чист профит се зголеми за 21 процент, на 14,11 милијарди долари, што исто така ја надмина процената од 13,85 милијарди долари за 2024 година. Акциите на данската фармацевтска компанија на берзата во Лондон се зголемија за 4,18 проценти.
Трамп ѝ се наврте на чистата енергија, ги чешла заемите дадени за таа намена
Администрацијата на Трамп ги истражува правните опции за откажување на заемите дадени во рамките на програмата вредна 400 милијарди долари за финансирање на технологијата за чиста енергија и размислува да ја ревидира иницијативата, информира анонимен извор.
Новоименуваниот директор на програмата за заеми на Министерството за енергетика, Џон Снид, на минатонеделниот состанок им рекол на претставниците на агенцијата дека напорите ќе бидат пренасочени кон фокусирање на технологиите што ги фаворизира новата администрација, како што се нуклеарната енергија и течниот природен гас, посочува анонимниот извор.