Во голем пожар што завчера избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 150 се повредени. Според неофицијалните информации, причина за пожарот најверојатно е несоодветна употреба на пиротехнички средства во дискотеката при концерт на македонската музичка група ДНК. Првите наоди покажуваат дека објектот работел со низа пропусти, а осомничени за трагедијата се дваесетина лица од кои десет се во притвор.
Добро утро, редакцијата на „Блумберг Адрија“ изразува искрено сочувство до семејствата кои ги загубија најблиските во страшниот пожар во Кочани.
Македонија пулсира во тага, бол и бес по трагедијата во Кочани
Во земја која има огромен демографски проблем и од која младите си заминуваат секој ден, да се дозволи ваква трагедија е како да им се порачува на цели генерации што побргу да заминат од Македонија. Утврдување на фактичката состојба во Македонија како по правило се случува откако ќе се случи некоја трагедија наместо тоа да биде практика која ќе превенира вакви случаи и ќе гарантира каква-таква безбедност.
Граѓаните деновиве на социјалните мрежи бараат коренита промена на работењето на политичарите и институциите бидејќи токму тие носат најголема одговорност за нефунционалноста на државата која ги гори сопствените деца.
Коцевски: Во дискотеката немало хидрант, а имало само два ПП апарати
Јавниот обвинител на РСМ Љупчо Коцевски и обвинителите од тимот што постапуваат на случајот со пожарот во дискотеката во Кочани на прес-конференција соопштија дека во објектот немало функционален хидрант, а имало само два противпожарни апарати што е недоволно за објект со толкава квадратура.
Тој информира за уште низа пропусти во однос на работењето на објектот, меѓудругото и дека имало една импровизирана врата, наместо две како што налага регулативата. Исто така, соопшти дека противзаконски во објектот се користеле пиротехнички средства на недозволена висина.Според Коцевски, има простор за повеќе видови кривична одговорност кај повеќе лица, меѓудруго за примање поткуп и доведување во животна опасност од големи размери. Тој информира дека ЈО засега бара притвор за десет лица.
Трговска војна: Се отвора Пандорината кутија, Македонија ќе биде колатерална жртва
Македонскиот извоз кон САД во 2024 година се зголемил за 220 отсто споредено со 2023 година. Иако растот изгледа огромен, вредноста на извозот не е особено значајна. Во текот на минатата година од земјава кон САД се извезени стоки во вредност од над 118 милиони евра, што е незначително во однос на вкупниот извоз на земјава.
Малиот удел на извозот кон САД е знак дека земјава нема да биде директно погодена од царините што од почетокот на својот втор мандат ги најавува, а сега почна и да ги воведува, американскиот претседател Доналд Трамп. Тој веќе воведе царински давачки од 25 отсто за челикот и алуминиумот што се увезуваат во САД. Но за македонскиот челик вакви царини има од времето на неговиот прв мандат, од 2018 година, што значи состојбата останува непроменета.
Како трговската војна САД-ЕУ влијае на вашиот плакар
Годинава очекуваме многу возбудливи трендови претставени на тековните модни недели, но постои сериозна пречка некои од тие парчиња да завршат во нашите плакари: трговската војна меѓу САД и Европа. Луксузните брендови и компании од двете страни на Атлантикот се меѓу најзагрозените, бидејќи производите што подлежат на тарифи директно се однесуваат на суровините што се користат во индустријата на луксузот.
Да потсетиме дека тарифите на американскиот претседател Доналд Трамп се однесуваат на увозот од Кина, Виетнам и Индија, при што царините се движат од 10 до 60 проценти. Овие тарифи опфаќаат производи како облека и обувки, како и суровини како памук, волна, синтетички ткаенини и кожа.
ББА-анализа: Регионот Адрија продолжува да расте силно и покрај ризиците
Економскиот раст во регионот Адрија ќе продолжи во 2025 и 2026 година, поттикнат пред сè од домашната побарувачка, според најновата анализа на тимот аналитичари на „Блумберг Адрија“, додека најголемите ризици за регионалните економии ќе доаѓаат однадвор.
„Бавниот раст во Германија и во ЕУ воопшто, заедно со растечкиот протекционизам што доаѓа од другата страна на Атлантикот, ќе ги наруши трговските текови, но и динамиката на цените. Централните банки ќе продолжат да ги намалуваат каматните стапки годинава, и покрај нестабилното глобално опкружување“, се истакнува во анализата на ББА. Регионот ќе продолжи да го мачи тврдоглавата инфлација, која ги зголемува цените на храната и на услугите, но нашиот аналитички тим очекува таа да се смири.