Истражуваме колку им дозволува куповната моќ на македонските граѓани да купат стан споредено со граѓаните од европските земји и од регионот. Откриваме колкава е висината на надоместоци кои банките и другите обезбедувачи на платежни услуги ги наплатуваат од трговците на продажни места во земјата односно дали има промени во изминатава година.
Прашуваме зошто уште не функционира регистарот на цени и закупнини на недвижности во Катастарот. Анализираме зошто власта во Македонија позајмува пари од држави, а истовремено ја гасне можноста за позјамување пари од граѓаните преку издавање зелени и граѓански обврзници.
По најавата за понудата за преземање на „Стопанска банка Битола“ анализираме дали постои можност конечно да дојде до окрупнување во банкарскиот сектор, но и зошто има голем интерес за преземање македонски банки.
Просечната плата во март достигна историски рекорд, а веќе завршија владините мерки за ограничување на маржите во малопродажбата. Поради тоа анализираме дали постои можност за повторно загревање на инфлацијата.
Во Македонија бројот на патници во авионскиот превоз е десет пати поголем отколку во железничкиот. Прашуваме на што се должат ваквите трендови.
Нашата земја лани урна рекорд во увоз на употребувани автомобили. Затоа, истражуваме колку автомобили има во Македонија по жител, а колку велосипеди и какви се трандовите во Европа и регионот.