Индексот на трошоците на животот во јули 2025 година, во однос на јули 2024 година, продолжи да расте до 4,8 проценти, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5,3 проценти, соопшти вчера Државниот завод за статистика. Според податоците, поскапеле речиси сите производи и услуги, а највисок раст има кај цените на храната од 6,8 отсто.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Увозот на струја забрзува - се доближува до 200 милиони евра
За шест месеци од оваа година Македонија увезе струја во вредност од близу 200 милиони евра. Сумата потрошена за купување струја се доближува до потрошената за цела 2023 година. Пред две години, кога цените на глобално ниво беа повисоки и сè уште се чувствуваше притисокот од енергетската криза, земјава увезе само 2,75 отсто од електричната енергија. Таа година беа потрошени вкупно 216 милиони евра за увоз на електрична енергија.
Лани увозот забрза и достигна до 260 милиони евра, а годинава само за шест месеци надмина 194 милиони. Според енергетскиот биланс за 2025 година, вкупната потребна енергија на државата е планирано да се зголеми за 6 отсто во однос на лани, а притоа треба да се зголеми домашното производство на струја и да се намали увозот. Во документот се наведува дека годинава треба да се произведе 15 отсто повеќе електрична енергија од лани.
Трамп ги докусури компаниите за чиста енергија - дали е сега вистинско време за купување на нивните акции?
Уште од почетокот на својот втор претседателски мандат, Доналд Трамп ја користи својата „измислена“ национална енергетска вонредна состојба за да го оправда проширувањето на производството на нафта, гас и јаглен, а наедно и да ја истисне зелената енергија од агендата - и покрај научните докази собирани со децении дека согорувањето на фосилните горива значително придонело за климатските промени, алармираат научниците и еколошките организации.
Откако ја презеде функцијата на 20 јануари 2025 година, а знаците се наѕираа и претходно, секторот за обновлива енергија, особено производителите на соларни панели и другите компании од областа чиста енергија, доживеаја значителни загуби во вредноста на акциите поради неговите политики насочени кон форсирање на фосилните горива и намалувањето на субвенциите за зелена енергија.
НБА ја засилува европската офанзива, ангажира клучен сојузник од Волстрит
НБА-лигата е решена да реализира амбициозен проект за почнување ново големо европско кошаркарско натпреварување. Во тој потфат клучна улога ќе има „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase), една од најголемите глобални банки, како нов стратешки партнер на лигата. Џејми Дајмон, извршниот директор на „ЏП Морган“, лично се вклучил во проектот, што јасно покажува колку сериозно пристапува НБА кон освојување на европскиот пазар.
„ЏП Морган“ ќе ја води финансиската структура и реализација, додека консултантската куќа РГ (Raine Group), позната по водењето на продажбата на фудбалскиот клуб Челси, ќе му дава стратешка поддршка на проектот. Европските кошаркарски ѕвезди како Никола Јокиќ, Јанис Антетокумпо и младиот Виктор Вембанјама последниве години стекнаа статус на глобални ѕвезди, што дополнително го зголеми интересот за кошарката на Стариот Континент.
Германската индустрија бележи најголем пад во речиси една година
Германското индустриско производство претрпе најголем пад за речиси една година, што претставува уште еден удар за најголемата економија во Европа, која се соочува од ограничени трговски услови со САД. Производството во јуни се намали за 1,9 отсто во однос на претходниот месец, а падот најмногу е поттикнат од секторите производство на машини и опрема, фармацевтски производи и храна.
Падот е многу поголем отколку што предвиде кој било економист. Мајското отчитување беше ревидирано на мало намалување, а вкупниот пад во вториот квартал сега изнесува еден отсто, соопшти денеска „Дестатис“. Извештајот е нов знак за вознемиреност, откако веќе слични знаци праќаат и извозно ориентираните германски бизниси, кои сега се соочуваат со реалноста, а не само со царинските закани од американската администрација.
Функционери на Фед сигнализираат намалување на каматите по слабите бројки за вработеноста
Тројца креатори на политиките од Фед во средата изразија загриженост за американскиот пазар на труд, при што нивните изјави упатуваат на можност за намалување на каматните стапки во септември. Претседателката на Банката на Фед во Сан Франциско, Мери Дејли, изјави дека креаторите на политиките најверојатно ќе треба да ги приспособат каматните стапки во „наредните месеци“ за да се спречи понатамошно влошување на вработувањето.
„Пазарот на трудот ослабна. Ценам дека дополнително забавување е несакано“, наведе Дејли во средата во изјава на настан во Анкориџ, Алјаска. „Сето ова значи дека најверојатно ќе треба да ја приспособиме политиката во наредните месеци“.Нејзините коментари следуваа по изјавата на гувернерката на Фед, Лиса Кук, во Бостон во врска со извештајот за вработеноста за јули, кој вклучи значајни надолни ревизии на податоците за изминатите три месеци. Според неа, овие ревизии се „донекаде типични за пресвртни точки“ во економијата.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...