Трамп и Путин ќе се сретнат в петок на Алјаска. На маса е прекројување на картата на Украина. Зеленски вели дека тоа нема да го дозволи. Европските лидери инсистираат да се видат со Трамп пред тој да се сретне со Путин.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Лето во Хрватска: Колку заработуваат Македонците таму
Тоа што веќе навлеговме во август воопшто не значи дека периодот на вработување сезонски работници е завршен. И покрај фактот дека од година на година условите за обезбедување работни дозволи за странци се олеснуваат речиси во секоја земја поради глобалниот недостиг од работна сила, сепак очигледно работници тешко се наоѓаат, па дури и сега има активни огласи за вработување за оваа летна сезона.
Нашата стандардна летна слика на пазарот на трудот е миграција на работниците од Македонија најмногу во Хрватска, Црна Гора, а во поново време и во Словенија и Србија. Според официјалните податоци од хрватското министерство за внатрешни работи, кое инаку ги издава дозволите за работа и престој во земјата, од почетокот на годинава, заклучно со 30 јуни, Хрватска издала вкупно 99.118 дозволи за работа и престој на странски државјани, од кои 7.640 се за Македонци.
Финансирање од народот: Зошто краудфандингот е шанса за Македонија
Во последната деценија, краудфандингот (crowdfunding) се етаблира како алтернативен извор на финансирање, кој им овозможува на стартапи, креативци и мали бизниси да соберат средства директно од заедницата – најчесто преку онлајн платформи. Наместо класично финансирање преку банки или инвеститори, овој модел нуди нова можност: да ја тестираш идејата на пазарот и истовремено да изградиш заедница околу неа и производот. Сепак, додека во Европа краудфандингот бележи континуиран раст, во Македонија останува недоволно искористен.
Според Игор Маџов, експерт за фандрејзинг (fundraising) и стартап-развој, постои огромен потенцијал за развој на краудфандинг во Македонија, особено затоа што е најинклузивна форма на финансирање – достапна и на индивидуалци и на стартапи, во нивните најрани и најризични фази. Но, за жал, како што посочува тој, многу малку македонски тимови досега навистина се обиделе системски да пристапат кон тоа.
Берзански преглед: Корекција на берзата, НЛБ и „Опен-еј-ај“
Минатата недела на берзите помина релативно мирно – во споредба со турбулентните месеци од јануарското враќање на претседателот Доналд Трамп во Белата куќа. Сепак, берзанските случувања беа пораздвижени во Јапонија, од Волстрит пристигнаа предупредувања за берзанска корекција, а во регионот НЛБ објави извештај за работењето.
Во Азија минатата недела кинескиот индекс CSI 300 порасна за 1,66 проценти, хонгконшкиот Hang Seng за 1,75 проценти, а јапонскиот Nikkei 225 за 4,24 проценти. Индексот Stoxx Europe 600 се зголеми за 1,91 проценти, германскиот DAX за 2,88 проценти, а францускиот CAC 40 за 1,84 проценти.
Бургерите станаа луксуз, климатските промени ги кренаа цените до небо
Нема сомнение дека стековите и хамбургерите придонесуваат за глобалното затоплување, поради силните метански гасови што ги испуштаат кравите и нивните обемни пасишта. Но сè потоплата планета со сè поекстремни временски услови влијае и на цената на твојот стек или хамбургер.
По години суша, пасиштата не произведуваат доволно трева за да ги нахранат говедата. Затоа, сточарите ги праќаат животните на колење порано од планираното, намалувајќи ги стадата и покрај тоа што Американците јадат сè повеќе говедско месо. Ова ги крева цените на рекордно високо ниво.
Јутјуб во освојувачки поход на ТВ-програмата, следна цел - ситкоми
Јутјуб (YouTube) веќе две децении се обидува да ги убеди огласувачите дека кај него е иднината на забавата. Неговата порака отсекогаш била едноставна: Младите не гледаат кабелска телевизија, тие гледаат Јутјуб. И за тоа не ви е потребна пауерпоинт-презентација.
Меѓутоа, Јутјуб не можеше да го оправда тоа баш толку лесно. Прво, огромното мнозинство видеосодржини на платформата тешко дека имаат квалитет на холивудска режија. „Најголемата забелешка во врска со содржините од индивидуалните креатори е токму тоа, дека се со лош квалитет, глупости, ѓубре“, напиша во декември Даг Шапиро, поранешен извршен директор на „Тајм Варнер“ (Time Warner). Тоа е донекаде ирелевантно бидејќи многу од луѓето не гледаат какво било ѓубре на Јутјуб, туку само најпопуларното, рече тој. Тоа води до друг проблем на Јутјуб: најгледаните канали не секогаш им користат на огласувачите.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...