Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа ги помести глобалните пазари поради неговите ветувања што вклучуваа пониски трошоци за позајмување, даноци и регулативи и повисоки тарифи за трговските партнери. „Блумберг њуз“ ги следи флуктуациите и кумулативното влијание од вториот мандат на претседателот Трамп врз група средства - американските акции, доларот, 10-годишните државни обврзници, златото и биткоинот - поврзани со политиките на неговата администрација.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Долг од 60 отсто од БДП - невозможна мисија?
Денеска ќе се одржи првата од двете аукции на државни записи и обврзници планирани за овој месец. На денешната аукција државата ќе собере 500 милиони денари (8,1 милиони евра), а до крајот на месецот за наплата стигнуваат 1.180.530.000 (19 милиони евра).
Следното задолжување по основ на државни хартии од вредност е планирано за една недела. Според календарот на Министерството за финансии, до крајот на годинава ќе се одржуваат по две акции секој месец, но таму се наведува и забелешката дека календарот е индикативен и може да биде предмет на измена.
„Блумберг Адрија“ ги праша експертите дали трговската војна ќе влијае на влошување на условите за кредитирање на надворешниот пазар во контекст на најавеното ново задолжување и дали е можно долгот да се стабилизира во рамките на мастришките критериуми (60 отсто од БДП) до крајот на деценијата ако се земе превид и задолжувањето за брзата пруга во износ од близу две милијарди евра, за кој гарант е Обединетото Кралство.
Поднесена иницијатива против паушалните фактури за струја
Здружението „Инженери на Република Македонија“ (ИНРМ) поднесе иницијатива до Уставниот суд за укинување на член 31 од правилата за снабдување со електрична енергија и преиспитување на делови од член 185 од новиот Закон за енергетика. Причината, како што посочуваат од ИНРМ, е продолжената пракса на издавање таканаречени „паушални фактури за струја“, иако од 29 мај 2025 година законот наложува фактурите да се засноваат исклучиво на реално измерена потрошувачка преку отчитување на броилото.
„Во фактурите на ЕВН востановена е графа „Начин на кој е прочитано броилото: О = Отчитано; М = Проценета состојба“, со што на потрошувачите им се фактурира струја според проценки наместо според фактичка потрошувачка. Ова, претставува спротивставување на законот, правна несигурност и ризик граѓаните неправедно да бидат исклучени од мрежата како должници“, наведуваат од Здружението.
Интервју со Четкар: Грижата за уметниците е државотворност
Во ексклузивно интервју на Владимир Четкар за „Блумберг Адрија“, освен за впечатоците по промоциите на последниот албум, зборуваме и за музиката како бизнис, кој сѐ работи со него, предизвиците на самостојните музичари, споредба на условите за музичарите во Македонија и другите земји, како и за тоа колку се значајни маркетингот и промоцијата во музичката индустрија.
„Отсекогаш сум работел на долги патеки и бескомпромисно кога станува збор за квалитетот на финалниот музички производ, а визијата за тоа каде би ја пласирал мојата музика отсекогаш ги надминувала балканските граници и токму затоа верувам дека моите авторски дела си го најдоа патот до светските радиостаници и музички листи“, вели тој.
Американската работна сила исчезнува
Компаниите и заедниците низ Америка што се потпираат на новодојдените имигранти за да ги одржат своите бизнис-модели во функција ги очекува студен туш - претседателот на САД, Доналд Трамп, има намера да го запре тој прилив на работници.
Мигрантската работна сила, која во голема мера придонесе за создавање нови работни места во САД од 2020 година, сега е нападната од два правца: Трамп се обидува да ги укине правната заштита и работните дозволи што одат со неа, и тоа за стотици илјади луѓе што веќе се во САД, додека построгите гранични контроли ефикасно го запреа протокот на нови мигранти.
Најпогодени се повеќе од 800.000 луѓе, претежно од Куба, Хаити, Никарагва и Венецуела, на кои администрацијата на Џо Бајден им дозволи влез во САД или им даде можност да останат од хуманитарни причини и им додели привремени работни дозволи.
Фонд-менаџерите очекуваат нов бран раст на малите акции во Европа
На почетокот на 2025 година, Мајкл Оливерос тешко успеваше да продаде европски акции со помала пазарна капитализација.
Инвеститорите се насочуваа кон поголемите акции, обложувајќи се дека заканите на претседателот Доналд Трамп за тарифи нема да се реализираат. Економскиот раст се покажа како издржлив, а оптимизмот околу корпоративните заработки го поттикна индексот на големи компании Stoxx Europe 600 до рекордни височини.
Околу осум месеци подоцна, Оливерос, раководител на глобалните акции со мала капитализација во „Инвеско“ (Invesco Ltd.), компанија за управување со средства вредна 2 милијарди долари, има многу поприемлива публика. Расположението се сврте наопаку, бидејќи непредвидливите трговски политики на Трамп и широките тарифи го нарушија глобалниот економски поредок.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...