Богатството на Илон Маск достигна нов рекорд, првпат надминувајќи 600 милијарди долари, благодарение на новата процена на вредноста на неговата компанија „Спејс екс“ (SpaceX).
Ова е првпат поединец да располага со богатство над 600 милијарди долари според индексот на „Блумберг“. Маск, кој има 54 години, првпат достигна граница од 100 милијарди во 2020 година, кога вредноста на „Тесла“ (Tesla Inc.) - каде што исто така е извршен директор - скокна. Кога беше додаден на индексот во мај 2013 година, тој имаше вредност од „само“ 4,8 милијарди долари.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
ЕУ значително ги олеснува правилата за одржливост
Европскиот парламент во вторникот одобри привремен договор со земјите членки за измена на правилата за известување за одржливоста и обврската за длабинска анализа на компании. Преработената рамка го стеснува кругот на обврски и ублажува некои од барањата, со цел намалување на административниот товар и зајакнување на конкурентноста на европската економија.
Најголемите промени се однесуваат на обврската за известување за социјални и еколошки теми, која отсега ќе се применува на значително помал број компании. Известувањето ќе биде задолжително само за компаниите од ЕУ со повеќе од 1.000 вработени и нето-годишен промет поголем од 450 милиони евра. Истите прагови ќе важат и за странските компании што генерираат таков промет на пазарот на Европската Унија, како и за нивните подружници и компании ќерки ако имаат промет поголем од 200 милиони евра во ЕУ.
Живот од дивиденда: Финансиска грешка што се продава како врвна слобода
Заработивте одреден капитал, уморни сте од стрес, рокови и шефови. Барате излез. Барате начин како мозокот да го оставите на пасење, а сепак парите да легнуваат на вашата сметка.
Како да го направите тоа? Првата мисла на повеќето инвеститори е „светиот грал“ на пасивниот приход - живеење од дивиденди. Звучи како совршен план: главнината останува иста, а киријата капе. Но, дали оваа идилична слика крие математичка стапица што чини милиони?
За целите на овој експеримент ја поставивме целта за генерирање просечна македонска плата, која моментално изнесува околу 740 евра. На прв поглед изгледа остварливо, но сликата брзо се влошува поради три клучни фактори...
Зетот на Трамп се откажа од проектот во Белград
Приватниот инвестициски фонд на Џаред Кушнер, „Афинити партнерс“ (Affinity Partners), се откажа од плановите за хотел во Србија, откако тензиите околу проектот кулминираа со поднесување обвинителен предлог против државен функционер кој помогна да се отвори патот за неговата реализација.
Оваа одлука става точка на повеќемесечните контроверзии во врска со понудата на „Афинити“ да изгради луксузен хотел со брендот на Трамп на остатоците од поранешна државна зграда во Белград. Министерот за култура на Србија, Никола Селаковиќ, и уште три лица беа обвинети во понеделникот, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
„Нашата визија за проектот во Белград беше да понудиме елегантен, инспиративен дизајн кој би оддал признание на напредокот на Србија“, наведе портпаролот на „Афинити“ во посебно соопштение. „Бидејќи смислените проекти треба да обединуваат, а не да делат, и од почит кон граѓаните на Србија и Градот Белград, ја повлекуваме нашата пријава и во овој момент се откажуваме од проектот.“
„Насдак“ бара одобрение за 23-часовно тргување
„Насдак“ (Nasdaq Inc.), втората најголема берза во САД, бара регулаторно одобрение за продолжување на трговските часови на своите берзански платформи на 23 часа во текот на работната недела.
Компанијата побара од Комисијата за хартии од вредност на САД дозвола да воведе дополнителна трговска сесија, од 21 до 4 часот по источно време, се наведува во документацијата доставена во понеделникот. Со тоа би се дополниле претпазарните, редовните и постпазарните часови на тргување што компанијата веќе ги има.
„Оваа еволуција одразува една едноставна реалност: глобалните инвеститори очекуваат пристап според нивните услови, во нивните временски зони, без да се наруши довербата или интегритетот на пазарот“, изјави Чак Мак, потпретседател за пазарите во Северна Америка во „Насдак“.
Како романската берза ги победи најсилните глобални индекси?
Во светот во кој стравот од меури и нестабилност стана нова норма, инвестирањето во акции бара многу поселективен пристап отколку порано. Во такви околности, романскиот пазар е под радарот на европските инвеститори со години, но бројките се многу интересни: тоа е еден од најимпресивните пазари во последно време. Додека поголемиот дел од капиталот се насочи кон САД и технолошките гиганти во последните децении, романскиот пазар тивко испорача приноси што ги надминуваат повеќето глобални индекси, па дури и двата главни американски индекси: Nasdaq и S&P 500.
Зад ова изненадувачко надминување на перформансите стои комбинација од макроекономски раст, силен енергетски и банкарски сектор и исклучително високи дивиденди што ги привлекуваат инвеститорите со години. Во време кога Европа се бори со низок раст, а Америка со високи вреднувања и концентрација, Романија се издвојува како ретка приказна за силен раст со здрави фундаменти. Затоа вреди да се анализира подетално што стои зад успехот на романскиот берзански пазар.