Доналд Трамп изјави дека постигнал „голем напредок“ во разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски во обидот за постигнување мировен договор за завршување на руската инвазија. Тој синоќа изјави дека договорот е „многу близу“, иако може да потрае неколку недели за да се финализира. Додаде дека тој и Зеленски планираат повторно да разговараат во наредните недели.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Од инфлацијата ќе зависи дали ќе паднат каматите во 2026 година
За да се намалат каматите, треба да забави инфлацијата, а тоа ќе се случи ако платите се зголемуваат законски, а не административно. Вака накратко гувернерот Славески објасни од што ќе зависи монетарната политика следната година.
И на последната седница на Извршниот одбор за монетарна политика беше одлучено основната каматна стапка да остане на исто ниво или 5,35 отсто. Стапката не е променета од февруари годинава.
Ќе успее ли НБРМ значително да ги намали банкарските надоместоци?
Само еден месец откако седна на гувернерската фотелја, Трајко Славески побара од банките да ги намалат надоместоците што ги наплатуваат од граѓаните и фирмите. Кратко потоа, од почетокот на август некои од банките постапија според иницијативата на Народната банка и ги намалија надоместоците.
„Банките се чувари на нашите плати, пензии, примањата по други основи, како и на нашите заштеди. Наедно, граѓаните што им ги довериле своите доходи и заштеди на банките се и нивни кредитори. На овој начин, позајмувајќи средства од граѓаните и претпријатијата, најчесто со нула или минимален трошок, банките обезбедуваат значителен обем на средства за одржување на сопствената ликвидност. Ова е една од основните причини поради кои банките треба да покажат разбирање за барањето правичен однос кон граѓаните и кон претпријатијата при обезбедувањето услуги во платниот промет“, ја објасни гувернерот својата инцијатива.
Над половина од семејствата со три и повеќе деца се сиромашни
Секој петти жител на Македонија лани бил сиромашен, а најтешко живеат семејствата со три и повеќе деца, покажуваат податоците на статистиката.
Стапката на сиромаштијата во 2024 година изнесуваше 21.9 отсто. Државниот завод за статистика ги пресмета лаекенските индикатори за сиромаштија за минатата година врз основа на податоците од Анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија.
Берзански преглед: Рекордна недела за благородните метали, и S&P 500 близу рекорд
Иако минатата недела берзанското тргување беше ограничено поради божиќните празници, не недостасуваа берзански вести. На глобалните берзи се постигнуваа рекорди: од злато, сребро па сè до бакар, а близу рекордна вредност се движеше и американскиот индекс S&P 500. Да одиме по ред.
Интервју со Унковски: Како „Диџеј Ахмет“ постигна неочекуван меѓународен успех
Фестивалските признанија не секогаш значат и комерцијален успех, но тоа не е случај со „Диџеј Ахмет“, кој остава силен впечаток и кај публиката и кај критиката. Речиси една година по светската премиера на „Санденс“, каде што освои две статуетки (наградата од публиката во програмата Светски филм и специјалната награда на жирито за креативна визија), интересот за дебитантскиот долгометражен филм на сценаристот и режисер Георги Унковски не спласнува.
По регионалната премиера во август во Сараево, каде што филмот се закити со три награди, и долгоочекуваната премиера пред домашната публика подоцна на „Браќа Манаки“, каде што филмската екипа доби повеќе од 15 минути стоечки овации, „Диџеј Ахмет“ минатиот месец во само два дена освои шест нови награди на три различни фестивали низ Европа.