Централните банкари се пред тешка дилема - дали ќе ја уриваат инфлацијата или ќе ризикуваат рецесија. Првиот чекор го направи централната банка на Австралија – ги покачи каматите. Фед ги остави на исто ниво. Денеска ЕЦБ се очекува исто така да не ги промени, но за до крајот на годината веќе се наѕираат две зголемувања.
Добро утро, ова се петте вести што се најважни за почеток на денот.
Доаѓа златното време за инвеститорите во обновлива енергија
Воените случувања на Блискиот Исток ја носат цената на нафтата до тешкото сценарио. Од крајот на минатата недела црното злато се тргува над 100 долари за барел, во текот на вчерашниот ден стигна до 106,5 што е многу блиску до критичните 108 долари кои според „Блумберг економикс“ би довеле до значителен притисок врз инфлацијата, а дел од европските економии би биле турнати кон работ на рецесија.
Во минатото ваквите ценовни шокови имаа силни последици затоа што земјите зависни од увоз немаа друг избор освен на плаќаат висока цена за фосилните горива или да трошат помалку гориво. Но во денешни услови, има и друго сценарио – обновливи извори на енергија - посебно поради падот на цените на соларната енергија и батериите. „Кога една технологија станува ценовно конкурентна, се достигнува точка на пресврт во нејзиното усвојување,“ вели Антоан Вагнер-Џонс, раководител за трговија и синџири на снабдување во „Блумберг НЕФ“.
Зошто електричната енергија во Европа не го следи зголемувањето на цените на гасот
Европскиот пазар на електрична енергија се соочува со првиот сериозен геополитички тест од енергетската криза во 2022 година, но засега функционира без поголеми нарушувања.
Цените во Германија и Франција се покажаа постабилни отколку кај гасот, кој е чувствителен на шокови поврзани со војната на Блискиот Исток. Минатата недела тие дури малку паднаа, иако цената на нафтата значително порасна.
Светот се врти кон нуклеарки, во Македонија сѐ уште се забранети
Конфликтот во Иран донесе високи цени на енергентите, кои се предвесник на нова битка со инфлацијата. Европа вторпат во четири години е изложена на ризик од рецесија, со оглед на тоа што облозите за затегнување на монетарните политики растат.
По почетокот на руската инвазија врз Украина, Европа го замени рускиот гас со енергент од Блискиот Исток, главно од Катар. Минатата година дури петтина од светските количества на течен природен гас помина низ Ормускиот Теснец, кој сега е блокиран. И сега европските земји повторно да се вратат кон нуклеарните централи. Во деведесеттите години од минатиот век дури третина од струјата во Европа доаѓаше од нив, а сега само околу 15 отсто. Тоа, според претседателката на Европската Унија, Урсула фон дер Лајен, беше „стратешка грешка на Европа да се откаже од сигурен, достапен извор на енергија со ниски емисии“.
Бум или балон, кон што се движи ВИ?
ВИ сега кодира апликации, подготвува договори и организира маркетинг кампањи. Но парите што се вложуваат во оваа технологија нараснаа до огромна обврска што виси над финансиските пазари, а сè уште не е јасно како сето тоа ќе се исплати.
Три години по почетокот на бумот со ВИ, Волстрит сè уште не може да одлучи дали вештачката интелигенција ќе биде премногу нарушувачка или недоволно нарушувачка.
Најголемиот извозен погон за гас во Катар е значително оштетен
Комплексот што го опфаќа најголемиот извозен погон за течен природен гас во светот претрпе „обемна штета“ по ирански напад, само неколку часа откако Техеран предупреди за закани кон енергетските капацитети низ Заливот.
Ракетните напади предизвикаа оштетувања во индустрискиот град Рас Лафан во Катар, соопшти државната компанија „Катар Енрерџи“, без да даде повеќе детали. Индустрискиот град е домаќин на капацитети меѓу кои и постројката за ЛНГ, каде производството беше запрено претходно овој месец, а која обично обезбедува околу една петина од глобалната понуда на течен природен гас.