Франција избегна пад на крајот на 2022 година, намалувајќи ја загриженоста дека втората најголема економија во еврозоната ќе влезе во рецесија бидејќи сè поголемите трошоци за енергија ги оптоваруваат домаќинствата и компаниите.
Бруто-домашниот производ (БДП) се зголеми за 0,1 отсто во четвртиот квартал, поддржан од инвестициите и нето-трговијата, објави денеска агенцијата за статистика „Инсе“ (Insee). Економистите анкетирани од „Блумберг“ процениле дека БДП ќе остане непроменет.
Бројките нудат одредено олеснување за Европа, откако податоците од понеделникот открија неочекуван пад во Германија во последните три месеци од годината. Податоците за целата еврозона се очекува да бидат објавени денеска. Аналитичарите очекуваат благ пад.
Регионот, кој се прошири на 20 земји кога на почетокот од годинава Хрватска се приклучи во еврозоната, се бореше со рекордната инфлација предизвикана од порастот на цените на енергијата како последица од војната во Украина. Владите се обидоа да ја надоместат штетата за домаќинствата и фирмите, давајќи помош во милијарди евра. Благата зима исто така помогна да се смири кризата на енергетските пазари.
Измешаната слика што ја насликаа Франција и Германија веројатно нема да ја исфрли Европската централна банка (ЕЦБ) од поставениот пат на зголемувањето на каматните стапки. И покрај тоа што имаше повлекување на вкупниот раст на цените, официјалните лица се загрижени за базичната инфлација.
И покрај позитивното изненадување, имаше знаци на слабост со омекнувањето на домашната побарувачка поради намалувањата од страна на домаќинствата. Само во декември потрошувачката се намали за 1,3 отсто во однос на ноември, додека аналитичарите анкетирани од „Блумберг“ прогнозираа раст од 0,3 проценти.
И сè уште има спротивставени ветришта. „Инсе“ прогнозира раст на БДП од само 0,1 отсто во овој квартал и очекува намалување на инфлацијата до март. Додека деловната доверба е над долгорочните просеци, потрошувачите се поочајни за економската ситуација, покажуваат истражувањата. Штрајковите и протестите би можеле да влијаат и на активноста.
Сепак, сето тоа ќе му помогне на претседателот Емануел Макрон, кој се обидува да ги намали огромните суми што неговата влада им ги подели на потрошувачите и бизнисите додека трошоците за енергија нагло се зголемуваа.