Нелегалните оператори за коцкање минатата година освоија 71 отсто од европскиот пазар за онлајн обложување и казина, или 80,65 милијарди евра, додека регулаторите се мачеа да ги зауздат криптоказината, пазарите за предвидувања и нелиценцираните спортски обложувачници, и тоа во година на спортски подем.
Тоа претставува скок од 53 проценти на бруто-приходите од нелегални игри (разликата меѓу тоа што обложувачите го играат и тоа што го добиваат) во однос на 2023 година, според податоците од „Јилд сек“ (Yield Sec), објавени вчера. „Јилд сек“, компанија за анализа на податоци што ги следи онлајн пазарите, ги дефинира нелегалните платформи, како тие што не се лиценцирани во јурисдикциите на кои целат или каде што дејствуваат.
Растот на нелиценцираните платформи во 27-те земји на Европската Унија го надмина растот на регулираниот сектор, кој порасна за 30 проценти, на 33,64 милијарди евра, според извештајот. Вкупниот пазар се зголеми за 46 отсто во однос на претходната година, достигнувајќи 114,3 милијарди евра. Истражувањето е спроведено за Европската асоцијација на казина, индустриско тело што ги претставува лиценцираните оператори.
Прочитај повеќе

Инстант среќа: Лани сме оставиле над 200 милиони евра во обложувачници
Најголемата исплатена добивка лани изнесувала близу 68 илјади евра.
06.08.2025

Ќе стане ли Тајланд азиски Лас Вегас?
Владата има план да отвори забавни паркови кои ќе функционираат како центри со казина, хотели, конгресни центри и забавни паркови
26.01.2025

Како руска армија на ботови го освои светот на онлајн покерот
Ботовите почнаа да се трупаат и да придонесуваат за падот на покерот.
14.11.2024
Во последните години европските власти ги заострија правилата во обид да ја намалат штетата од коцкањето, ограничувајќи ги рекламирањето, бонусите и дизајнот на производите. Сепак, рестрикциите создадоа простор за нерегулираните оператори да ја привлечат публиката со промоции ослободени од данок, брза регистрација и бесплатни нелегални спортски преноси, посочува „Јилд сек“.
„Криминалот ќе продолжи да цвета во отсуство на мониторинг, полициски акции и оптимизација“, рече основачот на „Јилд сек“, Исмаил Вали, во едно интервју. „Останува на правно засегнатите страни да научат да дејствуваат заедно.“
Bloomberg Mercury
Порастот беше дополнително засилен од пренатрупаниот спортски календар. Олимписките игри во Париз и фудбалскиот турнир Евро 2024 ги насочија навивачите кон сајтови за обложување, многу од нив офшор и без лиценца во Европа, велат од „Јилд сек“. Сè поскапите претплати за потрошувачите да ги гледаат овие преноси во живо исто така ја поттикнаа побарувачката за пиратски спортски преноси, канали што нелиценцираните оператори за коцкање сè повеќе ги користат за регрутирање нови играчи, додаваат оттаму.
„Јилд сек“ тврди дека нивните процени се базираат на следење на активноста од корисниците на интернет преку вештачка интелигенција и луѓе на пребарувачите, социјалните медиуми, страниците за стриминг и апликациите, податоци што ги користи за да ги спореди операторите што вршат трансакции според проценета вредност по посета. Фирмата лани изброи повеќе од 6.200 активни нелегални оператори насочени кон публиката од ЕУ.
Податоците на „Јилд сек“ опфаќаат широк спектар на производи и оператори во индустријата, од кои дел се категоризираат како сив пазар или нерегулирани. На пример, многу офшор-оператори се лиценцирани во Курасао, но се насочени кон земји во кои немаат лиценца.
Европското здружение за игри на среќа и обложување во својот извештај од март процени дека вкупните бруто-приходи од онлајн игри на среќа во Европа, вклучувајќи ги 27-те земји од ЕУ и Велика Британија, во 2024 година изнесувале 47,9 милијарди евра. Таа бројка ги вклучува и онлајн лотариите, кои „Јилд сек“ не ги зема предвид.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...