Есента годинава пристигна рано. На средина на јуни кај нас деновите се темни, влажни и ладни како во ноември. Во Северна и Западна Европа, пак, во тек е многу топло лето. Ваквите измешани временски услови стануваат новото нормално и ќе диктираат промени во земјоделството, до кои мора да дојде за да имаме храна и во иднина.
Есенското време некако ги става годишните одмори во втор план. Цените на сместувањето растат, па фали уште времето да не ти се погоди. Од друга страна, од Јавното претпријатие за државни патишта ги сакаат летните одмори. Системот за заедничка наплата на патарини со Србија не го подготвија навреме, ама затоа пресметале дека и без него добивката ќе расте и ЈПДП ќе остане единсвената државна златна кокошка.
Топло лето во најава има и кај синдикалците од јавниот сектор. Цариниците го пречекуваат новиот директор Стефан Богоев со штрајк. Денеска ќе штрајкуваат половина час, а ако не им бидат зголемени платите, постои опција да ги затворат и граничните премини, и тоа на средина на туристичката сезона. Пред генерален штрајк се и вработените во Управата за јавни приходи. И тие бараат поголеми плати, ако нема напредок во преговорите, се закануваат дека цела држава ќе остане без плата. Министерот за финансии, пак, вели дека се преговара за одржлив систем на плати во јавниот сектор. Ама не кажува од кога ќе се применува системот.
Од тој систем зависи колку дена в година ќе работиме за ненаситниот државен апарат. Годинава сме работеле цели три месеци. Денот на македонската даночна слобода беше 3 април. Оттогаш работиме за себе.
Од заработеното конечно ќе можеме да плаќаме со „Гугл пеј“, односно со апликацијата „Гугл волет“ (Google Wallet), која овозможува брзо и едноставно плаќање со картичките што веќе ги имаме преку паметен телефон или паметен часовник.
Од Министерството за финансии неделава стигна и Фискалната стратегија за следните пет години. Се прогнозира помал дефицит, многу капитални инвестиции, раст од пет отсто и поголеми плати. Најважно е дека се очекува „исцрпување на негативните ефекти од последователните кризи“.
Во битката со последователните кризи неделава гледаме различни политики на централните банки низ светот. ЕЦБ ја зголеми каматата. ФЕД се стави на пауза, кинеската централна банка ја намали. За реалниот сектор, пак, и натаму нема многу добри вести. Германија предупредува дека индустријата и натаму е под ризик поради недостигот од енергенти.
Ризик и натаму има за пазарите со акции и обврзници поради натамошното затегнување на монетарните политики, предупредува аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во најновата анализа. А во вакви услови, Македонската берза лани оствари највисока добивка во регионот, иако кризата влијаеше за намалување на обемот на тргување.
Неделава ја обележи смртта на Силвио Берлускони. А си замина и Дарко Димовски, македонскиот синдикален лидер. Даре ќе остане запаменет по гласноста, храброста и по тоа што го подмлади и модернизира ССМ, кој претходно важеше за конзервативна институција. Збогум, друже, мирно ти небо.