Македонските граѓани никако да здивнат од растот на цените на производите и услугите односно од инфлацијата, која во јули годинава забрза на 4,8 проценти. Највисок годишен раст на цените од 6,8 проценти минатиот месец имаше кај храната, што претставува и најголем удар за семејните буџети во Македонија. На прсти може да се избројат производите во земјава што годинава ја задржале истата цена како и во минатата година или што поевтиниле. Сепак, инфлацијата не удира со ист интензитет насекаде, а најдобар показател за тоа се драстичните разлики во брзината на растот на цените на прехранбените производи во македонските градови. За потребите на нашата анализа, користејќи официјални податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС), споредивме каква е промената на цените на осум основни прехранбени производи во осум поголеми македонски града.
Значителен раст на цените на зеленчукот
Во периодот од јуни 2024 до јуни 2025 година има значителен раст на цените на зеленчукот, а особено на некои видови што до пред извесно време важеа за традиционални македонски производи. Изненадувачки е податокот дека килограм грав во Тетово во јуни годинава достигнал цена од 500 денари, што е значително зголемување во однос на истиот месец минатата година, кога цената на килограм грав во овој град изнесувала околу 282 денари.
Прочитај повеќе

Во јули сѐ поскапело – инфлацијата се искачи на 4,8 отсто
На месечно ниво, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот изнесува 1.1 отсто
07.08.2025

Народната банка ги задржа каматите, инфлацијата е забрзана
Со оваа одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, велат од НБРМ.
30.07.2025

Платите во Македонија растат, но куповната моќ стагнира три години
Реалната куповна моќ во Македонија споредено со просекот на ЕУ е на исто ниво три години по ред.
09.07.2025
Податоците на Државниот завод за статистика откриваат дека цените на мало на зелката бележат зголемување во сите осум града во кои се следи движењето на цените, а убедливо рекордна цена од 53,9 денари за килограм имало во Велес.
Сличен тренд има и кај компирот. Во сите градови има пораст на цените во изминатава година, а највисока цена од 55 денари за килограм имало во Тетово.
Скопјани јадат најскап леб и месо
Според последните статистички податоци за цените на мало за јуни годинава, убедливо најскап леб јадат граѓаните на Скопје. Имено, во главниот град цената на килограм леб од пченично брашно тип 500 во јуни годинава изнесувала 95,7 денари, што е на исто ниво како и во истиот месец минатата година, но е значително повисока од цените на истиот производ во другите градови. Мало поевтинување на овој вид леб е забележано во Куманово, Велес и во Охрид, каде што имало и најниска цена од 59,9 денари за килограм.
Рибата поисплатлива од јунешкото месо
Куманово е единствениот град во земјава во кој статистичарите забележале пад на цената на јунешкото месо без коски. Од друга страна, рекордна цена за овој вид производ од 732 денари за килограм во јуни годинава плаќале жителите на Скопје.
Еден од ретките производи што бележат намалување на цените или иста цена во однос на минатогодишната во повеќето македонски градови е крапот.
Каква методологија користи ДЗС?
-
Податоците за цените на мало на артиклите и услугите претставуваат резултат на редовните снимања на цените со кои се следат цените на земјоделските и индустриските производи на мало, како и цените на услугите. Снимањето на цените се спроведува во осум града во земјата. Индустриските производи и услугите се снимаат еднаш месечно, додека земјоделските производи се снимаат двапати месечно (во првата и во третата недела во месецот).
-
Просечните месечни цени на производите и услугите се добиваат со пондерирана аритметичка средина, со тоа што просечните цени од одделни градови се пондерираат со продадените количества на соодветните артикли во тие градови. Почнувајќи од јануари 2012 година, просечните цени по градови се пресметуваат со геометриска средина. Просечните цени на земјоделските производи се пресметуваат како просек од двете снимања.
-
Цените во прометот на мало се следат во осум града во Република Северна Македонија за 48 земјоделски производи, 147 индустриско-прехранбени, 259 индустриско-непрехранбени производи и 149 вида услуги. При изборот на производите за следење на цените се земаат предвид само оние производи што имаат значително учество во прометот на мало.
-
Под цени на мало се подразбираат цените по кои трговијата на мало, индивидуалните производители и вршителите на услугите им ги продаваат производите и услугите на крајните потрошувачи. Во цените е вклучен и ДДВ.
Големи осцилации кај овошјето
Големи нагорни промени во изминатава година има и кај цените на овошјето. Карактеристичен пример за драстични осцилации во поскапувањата се јаболката. Имено, во Тетово килограм јаболка во јуни минатата година се продавале за 74,6 денари, а истиот месец годинава за 127,7 денари. Од друга страна, цената на килограм јаболка во Скопје се зголемила од 47,2 на 68,3 денари.
Забележително е дека статистичарите евидентирале зголемување на цените на бананите во сите набљудувани градови, освен во Штип, каде што во јуни годинава има пад на цените во однос на истиот месец минатата година.
Растот на цените не е енигма
Во изминатиов период власта во неколку наврати се обидуваше преку ограничување на маржите и замрзнување на цените во малопродажбата да влијае врз инфлацијата, што се покажа како неуспешна тактика, со оглед на тоа што таа повторно почна да забрзува.
„Блумберг Адрија“ пишуваше дека Македонија урна рекорд кај готовината во оптек, што е своевиден испит за инфлацијата. Имено, вкупната сума готови пари во оптек во Македонија заклучно со минатата година достигна 66 милијарди денари (околу милијарда евра), што е убедлив рекорд и значително зголемување во однос на претходната година, кога вкупната готовина во оптек изнесувала 56,9 милијарди денари (925 милиони евра).
Во услови кога земјава сѐ уште се бори со инфлација, а истовремено пензиите во два наврата се зголемија за вкупна сума од 5.000 денари и има значителен и континуиран раст на платите, легитимно е прашањето колку количеството пари во оптек е сразмерно со растот на домашната економија и дали овие зголемувања влијаат врз инфлацијата.
Според квантитативната теорија на парите, ако понудата на пари расте несразмерно во однос на големината на една економија, единечната вредност на валутата се намалува. Со други зборови, нејзината куповна моќ паѓа и цените растат. Затоа, креаторите на политиката мора да ја најдат вистинската рамнотежа помеѓу зајакнувањето на побарувачката и растот кога е потребно, без преголема стимулација на економијата и предизвикување инфлација.
Какви се очекувањата за инфлацијата?
Во однос на очекуваната патека на стапката на инфлација, домашните и меѓународните институции предвидуваат надолен тренд на растот на потрошувачките цени во наредниот период, наведуваат од Народната банка во последниот квартален извештај. Слични се и очекувањата на анкетираните економски аналитичари искажани во рамките на анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП, спроведена во јуни 2025 година, според која тие се минимално ревидирани надолу за 2025 и 2026 година, при што се очекува дека стапката на инфлација ќе се сведе до нивото од 3,5 проценти во 2025 година, 3 проценти во 2026 година и 2,7 проценти во 2027 година.
Ваквите оцени се во согласност со очекувањата за поумерени ценовни притисоци поради постепеното стабилизирање на светските цени на храната и енергентите, мерките што се преземаат од носителите на политиките, како и забавувањето на странската инфлација.
„Сепак, геополитичките превирања, зголемената неизвесност од светските трговски политики и климатските промени се фактори што би можеле да предизвикаат зголемена променливост на меѓународните пазари на примарни производи и нагорни притисоци врз цените“, посочуваат од Народната банка.
Послабите притисоци од цените на храната и на енергијата влијаат главно поволно врз очекувањата на раководителите од корпоративниот сектор за идното краткорочно движење на цените, искажани во анкетните истражувања. Така, во рамките на корпоративниот сектор во вториот квартал од 2025 година, во просек, очекувањата за движењето на цените во следните три месеци се поповолни кај секторите трговија на мало, индустрија и градежништво, каде што се забележува намалување на бројот на раководители на претпријатијата што очекуваат пораст на цените на нивните производи, во споредба со претходниот квартал.
„Од друга страна, кај услужниот сектор преовладуваат очекувањата за повисок раст на цените во споредба со претходниот квартал. Во однос на очекувањата на потрошувачите за промените во цените во наредните 12 месеци, за првпат по четири квартали минимално преовладуваат очекувањата за зголемување на цените во следните 12 месеци“, наведуваат од Народната банка.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...