Вкупната сума готови пари во оптек во Македонија заклучно со минатата година достигнала 66 милијарди денари (околу милијарда евра), што е убедлив рекорд и значително зголемување во однос на претходната година кога вкупната готовина во оптек изнесувала 56,9 милијарди денари (925 милиони евра). Во услови кога земјава се уште се бори со инфлацијата, а истовремено пензиите во два наврати се зголемија за вкупна сума од 5.000 денари и има значителен и континуиран раст на платите неизбежно се наметнува прашањето колку количеството пари во оптек е сразмерно со растот на домашната економија и дали овие зголемувања влијаат врз инфлацијата.
Македонија во изминативе години преживеа рекордна инфлација поттикната од војната во Украина и енергетската криза што следуваше потоа. Народната банка во тој период успеа главно преку зголемување на каматата на благајничките записи и други инструменти да ја заузда инфлацијата. Откако таа спласна, НБРСМ почна да ја релаксира монетарната политика. Но, првите месеци од годинава покажаа дека цените повторно растат на што монетарната власт реагираше со пауза во менувањето на референтата каматна стапка.
Што креира инфлација?
Прочитај повеќе

Фед ги задржа каматните стапки, но прогнозира послаб раст и повисока инфлација
Во новите економски прогнози Фед ја зголеми процената за т.н. базична инфлација, која ги исклучува храната и енергијата, на крајот на годинава од 2,5 на 2,8 проценти.
20.03.2025

Инфлацијата не стивнува - и покрај мерките, трговците уште работат со енормни маржи
Инфлацијата во февруари изнесува пет отсто, непрестајно расте од август 2024 година.
07.03.2025

ЕЦБ е подготвена повторно да ги намали каматите, но се создаваат длабоки поделби
Аналитичарите анкетирани од „Блумберг“ речиси едногласно прогнозираат намалување на каматната стапка за четвртина процентен поен.
06.03.2025

Регионот Адриjа сè уште под силни инфлациски притисоци
Во целиот регион Адриjа оваа година започна под знакот на инфлаторни притисоци, а економските показатели укажуваат на континуирана пазарна неизвесност.
27.02.2025
Џејда Онер, заменик-раководителка на одделот во Одделот за финансии на ММФ неодамна укажа дека долготрајните епизоди на висока инфлација често се резултат на лабавата монетарна политика.
„Ако понудата на пари расте несразмерно во однос на големината на една економија, единечната вредност на валутата се намалува. Со други зборови, нејзината куповна моќ паѓа и цените растат. Овој однос помеѓу паричната маса и големината на економијата се нарекува квантитативна теорија на парите и е една од најстарите хипотези во економијата“, вели Онер.
Таа додава дека притисоците на страната на понудата или побарувачката на економијата исто така може да бидат инфлаторни.
„Шоковите од понудата кои го нарушуваат производството, како што се природните катастрофи или ги зголемуваат трошоците за производство, како што се високите цени на нафтата, може да ја намалат вкупната понуда и да доведат до инфлација со „притискање на трошоците“, во која поттикот за зголемување на цените доаѓа од нарушување на понудата“, посочува Онер.
Таа додава дека инфлацијата на храната и горивото во 2008 година беше таков случај за глобалната економија - нагло зголемувањето на цените на храната и горивото се пренесуваше од земја до земја преку трговијата.
„Спротивно на тоа, шоковите на побарувачката, како што е растот на берзите или експанзивните политики, како на пример кога централната банка ги намалува каматните стапки или владата ги зголемува трошоците, може привремено да ја поттикнат вкупната побарувачка и економскиот раст. Меѓутоа, ако ова зголемување на побарувачката го надмине производниот капацитет на економијата, резултатот од оптоварувањето на ресурсите се рефлектира во инфлацијата ‚поттикната од побарувачката‘“, вели Онер.
Според неа, креаторите на политиката мора да ја најдат вистинската рамнотежа помеѓу зајакнувањето на побарувачката и растот кога е потребно, без преголема стимулација на економијата и предизвикување инфлација.
Таа додава дека очекувањата исто така играат клучна улога во одредувањето на инфлацијата.
„Ако луѓето или фирмите очекуваат повисоки цени, тие ги вградуваат овие очекувања во преговорите за платите и договорните приспособувања на цените (како што се автоматско зголемување на киријата). Ова однесување делумно ја одредува инфлацијата за следниот период. Штом ќе се исполнат договорите и ќе се зголемат платите или цените како што е договорено, очекувањата стануваат самоисполнувачки“, вели Онер.
Дали растот на парите може да помогне да се предвиди инфлацијата?
Изабел Шнабел, членка на Извршниот одбор на ЕЦБ неодамна во говор за поврзаноста на парите и инфлацијата посочи дека постпандемискиот пораст на инфлацијата ја стави квантитативната теорија на пари на нов тест.
„Тоа го покрена прашањето дали вишокот пари во 2020 година беше ран и доволно силен знак за предупредување дека ризиците за среднорочната ценовна стабилност рапидно се зголемуваат“, рече Шнабел.
Таа објасни дека овие знаци не беа ограничени на еврозоната, туку дека големината на инфлацискиот шок бил во позитивна корелација со растот на вишокот пари во примерок од напредни и економии во развој.
„Таа корелација беше далеку од унитарната врска што би ја предвидела квантитативната теорија на парите. Имајќи го предвид краткиот хоризонт, ова исто така не би се очекувало. А сепак, истражувачите на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) открија дека доколку бил земен предвид растот на парите, тоа би помогнало материјално да се намалат грешките во прогнозата за инфлацијата во последниве години“, рече Шнабел.
Според неа, сам по себе, овој доказ е интригантен.
„Во најмала рака, тоа значи дека монетарните агрегати остануваат важни извори на информации кога се проценуваат ризиците за стабилноста на цените. Исто така, сугерира дека најпознатата монетаристичка теорија можеби и не е мртва туку дека „можеби едноставно била во мирување во периодот на ниска и стабилна инфлација“.
„Овој став би одговарал на предупредувањето издадено од Томас Сарџент и Паоло Сурико во 2011 година: ‚ако монетарната регулатива ослободи постојани и навидум егзогени движења во растот на парите... квантитативната теоријата ќе се врати‘“, укажа Шнабел.
Што ни препорача ММФ?
Членовите на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд кои престојуваа на годишни консултации во Македонија во рамките на аранжманот од член IV во завршната изјава констатираа дека инфлацијата во Македонија повторно расте.
„Во јануари, инфлацијата достигна 4,9 отсто на годишно ниво, од најниското ниво од 2,2 отсто во август 2024 година. Базичната инфлација стана главен двигател и останува истрајна, поттикната од силниот раст на платите. Инфлацијата на храната останува висока и покрај административните контроли на цените и другите интервенции“, посочија од ММФ.
Претставниците на фондот забележуваат дека домашните ризици се зголемени, а надворешните изгледи се понеизвесни.
„Слабите јавни инвестиции, застојот на реформите во продуктивноста, емиграцијата и забавената активност на клучните трговски партнери го загрозуваат растот на среден рок. Во меѓувреме, високиот раст на реалните плати без зголемување на продуктивноста и зголемените фискални трансфери може дополнително да ја поттикне инфлацијата и да ја наруши конкурентноста. Смените на трговската политика и шоковите на СДИ може да го потиснат извозот и да ги заострат финансиските услови“, наведуваат од ММФ.
Персоналот на ММФ се согласува со целта на властите за намалување на дефицитот оваа година, но се загрижени дека приходите ќе бидат слаби, што ќе ја направи оваа цел недостапна.
„Дефицитот од 4 проценти од БДП предвиден во буџетот за 2025 година ќе биде надминат доколку очекуваните приходи на властите (од 1,5 проценти од БДП) од намалувањето на сивата економија и зголемувањето на даночната усогласеност не се остварат. Ги поздравуваме напорите на Управата за јавни приходи за модернизација на наплатата на даноците и намалување на неформалноста, но за овие напори ќе биде потребно време за да се дадат резултати“, се укажува во изјавата.
Монетарците препорачаа во секој планиран ребаланс на буџетот, властите да избегнуваат зголемување на трошоците и да се фокусираат на намалување на даночните расходи и трансфери (на пример, субвенции за земјоделството).
„Од суштинско значење е да се обезбеди целосен и навремен трансфер на придонесите во пензискиот систем од вториот столб“, потенцираат од ММФ.
Според мисијата, потребна е веродостојна фискална стратегија за да се доведе долгот на надолна патека.
„Буџетскиот дефицит го надмина плафонот од 3 проценти од БДП во фискалните правила, додека јавниот долг е во нагорен тренд и надмина 60 проценти од БДП во 2024 година - 14 процентни поени над нивото пред пандемијата. Клучна е веродостојната фискална стратегија за враќање на усогласеноста со фискалните правила, за зачувување на кредибилитетот за одржување на пристапот до меѓународните пазари на капитал, за создавање простор за инвестиции и зајакнување на отпорноста на идните шокови“, велат од ММФ.
Оттаму сметаат дека фокусот треба да биде на контрола на тековните трошоци при што персоналот препорачува да се изостават понатамошните зголемувања на пензиите во септември 2025 година и пензискиот систем во 2026 година да се врати на правилата за индексирање само на инфлацијата - за да се поддржи консолидацијата и истовремено да се заштити куповната моќ на пензионерите.
„Персоналот советува да се ограничи растот на платите на јавниот сектор согласно инфлацијата во блиска иднина. Министерството за финансии треба да го зајакне надзорот за да се осигури дека зголемувањата на јавните плати се во согласност со постигнувањето на фискалните правила. Со текот на времето, обединувањето на фрагментираниот систем за преговарање за платите ќе помогне да се спречат неочекувани буџетски притисоци“, наведуваат од ММФ.