Многу е веројатно Народната банка да направи нагорна корекција на проекциите за инфлацијата, која што во моментов е над очекувањата, а стабилизација и нејзино враќање на посакуваните два отсто се очекува на среден рок, рече вицегувернерката Ана Митреска.
Таа посочи дека растот на цените значително се смири споредено со двоцифрените нивоа од крајот на 2022 година и, со такви шокови, беше очекувано да се видат сериозни ефекти.
„Имајќи го предвид смирувањето на глобалните тензии, инфлацијата се смири на 3,5 отсто, па оваа година забележа одредено забрзување на четири отсто. Се соочуваме со продолжена инфлација и одредена разлика во однос на инфлаторните стапки во еврозоната – пазарот не се приспособи соодветно, базичната инфлација е инертна и се движи околу пет проценти поради повеќе други фактори и ефекти на пример од силната кредитна активност, пораст на платите итн. Ние не направивме промени на каматната стапка од февруари за разлика од Европската централна банка (ЕЦБ), но презедовме други мерки што обезбедуваат отпорност на економијата“, вели Митреска. „На среден рок, со самиот факт дека е повисока инфлацијата (четири отсто) за разлика од процените за три проценти, многу е веројатно да направиме нагорна корекција за годинава и на среден рок да стигнеме до посакуваните два отсто и да се усогласиме со еврозоната“.
Прочитај повеќе
Блажековиќ: Побрзо до европски стандард преку инвестиции во знаење, дигитализација и енергетска транзиција
Додека Србија, Хрватска и Црна Гора бележат силен раст во последните десет години, Северна Македонија се движи со побавно темпо.
пред 13 часа
Во рамки на своето излагање на конференцијата на „Блумберг Адрија“, под наслов „Back to Business“, која се одржа денеска во Скопје, освен на проекциите за инфлацијата, вицегувернерката се осврна и на геополитичките ризици и нивното влијание на македонската економија, економскиот раст, како и стабилноста на банкарскиот сектор. Глобалната неизвесност и непредвидливост веќе половина деценија се неизбежен дел од нашите макроекономски проекции, рече таа.
„За жал, единствена константа во овие околности е непредвидливоста. Се соочуваме со историски највисоко ниво на економска неизвесност. Ова не е проблем само за носителите на макрополитиките туку и за бизнис-секторот при носење долгорочни бизнис-планови“, рече вицепремиерката, посочувајќи дека анализите покажуваат дека речиси 83 проценти од анкетираните компании во ЕУ ја навеле неизвесноста како клучен фактор при носење одлуки за инвестиции. „Клучен ризик се трговските тензии поради нејасни, непредвидливи договори меѓу земјите“.
Сепак, вицегувернерката проценува дека економијата засега добро се справува со овие ризици и на локално и на глобално ниво.
„Направена е и нагорна корекција за раст на глобалната економија поради водењето здрави политики и брзото приспособување на бизнисот, како и поради тоа што тарифите се сепак пониски од очекувањата од најавите во април. Во ваква констелација на ризици не може да се потпираме на куси проекции, туку мора да правиме алтернативни сценарија“, посочи вицегувернерката Митреска.
Блумберг Адрија
Таа посочи дека препораките за централните банки се да практикуваат транспарентност и јасност при анализите и подготвувањето на проекциите со објава на алтернативни сценарија и можни ефекти.
„Ние го правиме тоа. Во извештаите секаде имаме алтернативни сценарија со посочување на можна материјализација на ризици. Ние сме мала и отворена економија и секое глобално сценарио неминовно ќе се одрази и кај нас. Сценаријата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се влезна претпоставка во нашите алтернативи: прво постои понеповолно сценарио со поголеми тарифи, повисоки инфлациски стапки, позатегнати финансиски услови и поголеми кредитни трошоци. И со вакви околности и нивните преносни ефекти, оценката за глобалниот раст за следната година е да биде околу 1,2 проценти. Секако, има и поповолно сценарио. Сето тоа ќе го вклучиме и во нашите проекции во наредниот период“, вели вицегувернерката.
Според вицепремиерката, иако малите отворени економии, како што е македонската, имаат голема полза од глобализацијата и интернационализацијата, сепак притисоците од геополитичкиот фронт најмногу се чувствуваат токму во малите отворени економии.
„Нашата трговска интеграција беше резултат на вклучување во глобалните синџири. Кога има геополитички и геоекономски закани од фронтот, тоа треба да доведе до зајакнување на конкурентниот профил на целиот регион и зајакнување на нашата економија на полето на привлекување инвестиции“, рече Митреска, посочувајќи дека податоците покажуваат дека уделот на регионот во надворешната трговија на Македонија е само 11 отсто, за разлика од ЕУ, која има големо учество. А, истото тоа се случува и со капиталот, смета вицегувернерката.
„Перспективата не ја гледам во оддалечување, туку во зајакнување на регионалниот пазар во конкурентска заедничка смисла. Сепак, состојбата уште е анемична и треба да се работи на тоа, на пример со креирање акциски планови за регионален заеднички пазар за поголема економска кохерентност на регионот“, вели Митреска.
Банкарскиот сектор е здравото ткиво на македонската економија
Влезот на Македонија во СЕПА е историски чекор бидејќи земјава уште не е дел од ЕУ, ама платежната структура станува дел од европскиот платежен систем за побрзи, поефикасни и поевтини плаќања, смета вицегувернерката, потенцирајќи ја притоа стабилноста на банкарскиот сектор како клучен фактор за поддршка на бизнисот.
„Кај нас традиционално банкарскиот систем е здравото ткиво на нашата економија. Последните пет години, со пандемијата, енергетската криза, потоа инфлациската криза и геополитичките тензии, беа сериозен стрес-тест. Не само што банкарскиот сектор ја задржа стабилноста во вакви сериозни кризи, кои инаку се случуваат еднаш во векот, но овој пат се случија последователно во период од пет години, туку банките континуирано обезбедуваа финансиска поддршка за економијата. Притоа, нефункционалните пласмани изнесуваат 2,4 отсто, односно процент што е двојно понизок од пред пандемијата. Имаме здрав, јак, стабилен банкарски сектор“, вели Митреска, потсетувајќи на последните мерки што ги презеде НБРМ, кои се во функција за дополнително зајакнување на здравоста на системот, но се насочени кон олеснување на условите за кредитирање, а истовремено и обезбедување соодветна заштита на населението од презадолжување.