Тројца академици од двете страни на Атлантикот ќе ја поделат Нобеловата награда за економија за 2025 година за нивната работа за улогата на иновациите во поттикнувањето на економскиот раст.
Џоел Мокир од Универзитетот Нортвестерн, Филип Агион од Лондонската школа за економија и Европскиот институт за бизнис администрација од Париз, и Питер Хауит од Универзитетот Браун беа именувани како добитници на наградата за време на денешната презентација во Стокхолм. Наградата се однесува на нивните заеднички напори во идентификување на факторите што го поттикнуваат растот и како концептот на креативно уништување (Creative destruction) придонесува за тоа.
„Работата на лауреатите нè потсетува дека не треба да го земаме напредокот здраво за готово“, рече Керстин Енфло, професорка по економска теорија на Универзитетот Лунд и членка на комитетот за наградата. „Општеството мора да внимава на факторите што го генерираат и одржуваат економскиот раст. Тоа се иновации базирани на наука, креативно уништување и општество отворено за промени.“
Прочитај повеќе

Доналд Трамп остана со празни раце, Нобеловата награда за мир оди кај Марија Корина Мачадо
За наградата имаше 338 кандидати од кои 244 се поединци, а 94 се организации.
10.10.2025

Доналд Трамп и агресивната кампања за Нобеловата награда за мир
Претседателот изјави дека тоа би било „голема навреда“ за САД доколку не победи. Во Норвешка стравуваат од одмазда доколку тој биде разочаран.
05.10.2025
Мокир, економски историчар роден во Холандија, беше пофален за неговата работа за тоа како одржливиот економски раст се зацврсти со индустриската револуција и нејзините последици, поттикнати од иновации. Неговите двајца колеги во 1992 година претставија модел кој покажува како тој процес всушност претставува креативно уништување.
„Сè уште сум без зборови“, рече Агион на телефон за време на прес-конференцијата, како прва реакција по добивањето на наградата. Мокир ќе добие половина од наградата од 11 милиони шведски круни (околу 1.2 милиони долари), додека Агион и Хауит ќе ја поделат другата половина.
Агион, роден во Париз, е единствениот од тројцата кој е базиран во Европа. Претходно го поттикна претседателот Емануел Макрон да ја зголеми старосната граница за пензија во Франција од 62 на 64 години — реформа која Социјалистичката партија моментално се обидува да ја поништи во замена за поддршка за усвојување на буџетот.
На прашање од новинар за тоа каква закана претставуваат американските царини за економскиот раст, Агион беше критичен.
„Не ја поздравувам протекционистичката струја во САД“, рече тој. „Тоа не е добро за нас, за растот и иновациите. Европските земји мора да сфатат дека не треба веќе да дозволуваме САД и Кина да станат технолошки лидери и да изгубиме од нив.“
Тој исто така истакна дека економијата на Европа опаднала во однос на САД, бидејќи „не успеавме да имплементираме револуционерни високо-технолошки иновации.“
Агион беше прашан и за потенцијалот на вештачката интелигенција, и беше претпазлив оптимист.
„Идеите ќе станат полесни за реализирање од кога било досега благодарение на вештачката интелигенција, па затоа таа има голем потенцијал за раст“, рече тој. „Проблемот е како да се искористи тој потенцијал, и тука е важна политиката за конкуренција.“
Хауит, кој е роден во Канада, често соработувал со Агион на т.н. Шумпетеровата теорија за економски раст, именувана по австрискиот интелектуалец кој прв го вовел терминот „креативно уништување“.
„Револуционерната работа на професорот Агион за раст поттикнат од иновации длабоко го обликува нашето разбирање за тоа како економиите се развиваат и напредуваат“, рече Лери Крамер, професор на Лондонската школа за економија, во изјава во име на колеџот. Макрон упати честитки преку платформата X.
Наградата, формално позната како Награда на Народната банка на Шведска за економски науки во спомен на Алфред Нобел, е основана во 1968 година од страна на шведската централна банка. Таа ги надополнува годишните награди за достигнувања во физика, хемија, медицина, литература и мир, кои беа воспоставени со тестаментот на Алфред Нобел — шведскиот пронаоѓач на динамитот кој почина во 1896 година.
Минатата година, тројца академици со седиште во САД ја поделија наградата за нивното истражување за влијанието на поранешните европски империи врз економскиот раст. Меѓу познатите добитници се и поранешниот претседател на Федералните резерви Бен Бернанке, кој ја подели наградата во 2022 година со Даглас Дајмонд и Филип Дибвиг за истражување на банките и финансиските кризи. Една година подоцна, Клаудија Голдин ја доби наградата за своето истражување за родовите разлики во платите.
И покрај неодамнешната победа на Голдин, Нобеловите награди се познати по својата нееднаквост, што ја одразува историската маргинализација на жените во науката. Само три жени ја имаат добиено наградата за економија, што ја прави оваа категорија втора најдоминирана од мажите, веднаш по наградата за физика.