text size
Откорнати дрвја, кровови и настрешници предизвика невремето кое попладнево го зафати Скопје, што е само потсетување дека климатските промени се реалност која што ќе мораме да ја прифатиме и на која ќе мораме да се приспособиме.
МИА пренесе дека поради невремето проследено со силен ветер, кое попладнево го зафати Скопје преку единствениот број за итни повици 112 се евидентирани повеќе од 1.000 повици од граѓани.
МИА
Во Скопје е пријавена падната кровна конструкција од зграда на ул. „Женевска“ бр. 10, при што се оштетени повеќе патнички возила. Регистрирани се и паднато дрво врз моторно возило на ул. „Методија Митевски“, паднато дрво на ул. „Никола Тримпаре“, како и падната кровна конструкција на ул. „Трифун Бузев“. Исто така, пријавено е дека дел од кровната конструкција на ООУ „Владо Тасевски“ е откорната од силниот ветер. На ул. „Хелсинки“ бр. 5 се регистрирани две паднати дрвја, додека на ул. „Скупи“ бр. 89 паднати дрвја оштетиле електрични кабли, патничко возило и дел од куќа.
„За сите пријавени настани се известени и постапуваат надлежните служби, кои се на терен и работат на расчистување и отстранување на последиците од невремето“, информира директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Како што информира претходно градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со сите надлежни служби и јавни претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза и навремена интервенција.
Тој во Фејсбук објава нагласи дека се во постојана координација со ЦУК, МВР, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и со сите надлежни институции.
„Сите расположливи капацитети се ставени во функција, за заштита на граѓаните и спречување поголеми штети и последици. Екипите на Град Скопје ќе останат на терен и во текот на целата ноќ и ќе интервенираат на секоја локација каде што ќе има потреба“, истакна Ѓорѓиевски.
МИА
Сите граѓани на кои им е потребна помош или друга итна состојба, можат да се јават на телефонскиот број: +389 78 207 687.
„Апелирам до сите граѓани да бидат внимателни и смирени, да ги следат препораките на надлежните институции и да соработуваат со службите на терен. Службите се мобилизирани. Екипите се на терен. Граѓаните не се сами“, наведе скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски.
„Блумберг Адрија“ во изминатиов период во повеќе наврати пишуваше дека климатските промени може да предизвикаат штети врз благосостојбата на населението и нивниот имот, бидејќи се почесто ќе се манифестираат преку екстремни температури, бури и невреме.