Вести

Европа мора да прогласи состојба на воена економија

Извор: Bloomberg/Andreas Kluth

24. Јуни 2022, 13:58

Европа мора да прогласи состојба на воена економија

Bloomberg

Следниот чекор во конфликтот меѓу Западот и рускиот претседател Владимир Путин требаше да биде европскиот бојкот на рускиот јаглен, нафта и природен гас. Наместо тоа, ова би можело да стане ембарго на гасот од Путин за Европа. Се сведува на истото.

Земјите од Европската унија мора да го прифатат она што некои од нив, особено Германија и Австрија, го негираа со години. Во очите на деспот како Путин, сè е воено оружје. Тука се вклучени нуклеарното и хемиското оружје, но и пченицата, дезинформациите и не помалку важно од нив, енергијата.

Со децении, Путин чини сè за да ги направи европските земји што е можно позависни од сибирските енергрнси за да го направи Западот ранлив. Сега ги користи тие слабости.

Од април, Кремљ го затвори снабдувањето со природен гас за земјите од ЕУ кои Путин ги смета за непријателски, најпрво Полска и Бугарија, потоа Финска, Холандија и Данска. Сега ги намалува количините на гас што течат низ „Северен тек“, гасовод што ја поврзува Русија со Германија. Засегнати се и низводните корисници, како што е Италија. Меѓународната агенција за енергија, со седиште во Париз, предупредува дека Путин може целосно да ја затвори славината за гас во рок од неколку месеци.

Веројатно и ќе го направи тоа, само затоа што може. Во првите 100 дена од војната Русија заработи колку и секогаш од продажбата на фосилни горива, нека се проклети санкциите. Една од причините е што земји како Кина и Индија стапуваат на сцена како купувачи наместо ЕУ. Втората е дека зголемените цени на енергијата ги компензираат намалените количини во Европа.

Како што му е обичај, Путин ја обвива својата агресија со подметнување. Понекогаш ги обвинува клиентите  - кои, на пример, не плаќаат во рубли, иако тоа не е предвидено во договорите, или „техничките“ проблеми. Прекините во „Северен тек“ наводно се поврзани со компоненти што недостасуваат.

Италијанскиот премиер, Марио Драги, ги нарече овие руски изговори како што се: „лаги“. Целта на Путин е јасна. Таа е земјите како Германија да се принудат да ги испразнат резервоарите за складирање, така што тие би биле само делумно полни кога ќе дојде студената сезона во есен и зима. На Путин му се допаѓа што зголемените цени на енергијата предизвикуваат недостиг што им штети на западните потрошувачи и предизвикуваат социјални тензии, при што сè уште може да се тестира одлучноста на ЕУ.

Тој би бил особено воодушевен доколку неговата енергетска блокада принуди делови од европската индустрија да затворат. Тоа може да се случи. Неколку германски индустриски компании, во секторите од хемикалии до челик и стакло, веќе предупредија дека можеби ќе треба да го намалат производството доколку енергијата стане поскапа или биде во помали количини.

Австрија, Холандија, Шведска и Данска веќе ги активираа плановите за итни случаи. Оваа недела Германија ескалираше од првата од трите фази („рано предупредување“) во втората („аларм“). Во третата фаза („вонредна состојба“), владата презема целосна контрола врз дистрибуцијата на природен гас во земјата. Германија и другите делови на Европа се движат кон рационализација, во суштина, воена економија.

Австрија веќе мораше да рестартира електрана на јаглен (кој многу повеќе придонесува за загадување отколку гасот). Германија исто така ги вклучува своите централи на јаглен. Тоа е „горчлива таблета“ за земјата која всушност планира целосно да се откаже од енергијата на јаглен. Ова е особено болно за Зелените, кои го водат комбинираното Министерство за енергетика и трговија и мора да го спроведат овој пресврт во политиката.

Проблемот на Германија е возвратен удар на кумулативните грешки во политиката правени со децении наназад. Не само што сите влади, вклучувајќи ги сите четири големи партии во различни периоди, наивно станаа зависни од рускиот гас. Тие, исто така, нагло го напуштија производството на нуклеарна енергија, последните три електрани базирани на фисија треба да бидат затворени во декември. Всушност, претходните германски влади доброволно се пријавија да станат енергетски заложник на Путин.

Затоа сега дебатата во земјата е уште потешка. Партиите од десниот центар во опозицијата и власта сакаат да ја продолжат работата на трите преостанати нуклеарни централи. Социјалдемократите од левиот центар и Зелените, за кои противењето на нуклеарната енергија беше генерациски тотем, продолжуваат да даваат отпор.

Ваквите дебати се доказ дека реалноста сè уште не е целосно потоната. Покојната психијатарка Елизабет Куеблер-Рос верувала дека луѓето мора да поминат низ пет фази на тага  - негирање, лутина, колебање, депресија и прифаќање. Германците, особено, се чини дека се заглавени во првите четири.

Прифаќањето значи подготовка за претстојната економска војна против Путин. Тоа значи добивање фосилни горива од други земји, фрактурирање на гас од земјата и поголем увоз во течна форма со бродови. Тоа значи и разделување на атомите, поставување турбини на ветер и сè останато.

Но, пред сè, прифаќањето значи намалување. Сите Европејци мора да престанат да бидат штурецот од басните на Езоп, кој летото го минувал свирејќи, а в зима немал ништо. Наместо тоа, тие мора да станат мравките од таа приказна  - трпеливи, воздржани, да го сочуваат тоа што го имаат. Европејците досега имаа среќа што не војуваат како Украинците. Но, тие веќе се борци во економската војна против Путин. Време е нешто да се жртвува.

Сите новости од рубриката Коментар

Коментар

сите новости од рубриката Коментар