Европските берзански фјучерси паднаа, додека цените на нафтата пораснаа, бидејќи пазарите очекуваат одговор од Техеран откако САД започнаа напади врз иранските нуклеарни постројки во текот на викендот.
Доларскиот индекс на „Блумберг“ зајакна за 0,3 проценти, додека глобалниот референтен индекс на цената на нафтата брент порасна за речиси два процента, по претходниот скок од дури 5,7 проценти. Фјучерсите на S&P 500 паднаа за 0,3 проценти, а азиските берзански индекси паднаа на најниско ниво од почетокот на јуни. Приносите од американските обврзници се во мал пораст.
Фокусот сè уште е на пазарот на нафта, бидејќи секое нарушување на преминот низ Ормускиот Теснец, клучен коридор за глобални испораки на сурова нафта и гас, може да предизвика силен пораст на цените. Иако иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи рече дека земјата ги задржува сите опции за одговор, досега нема знаци за крај на физичките текови на нафта.
„Оваа неизвесност брзо станува нова нормалност за пазарите, па затоа очекувам донекаде придушена реакција, освен ако тензиите продолжат да растат, што, да бидеме јасни, е сосема можно“, рече Џош Гилберт, пазарен аналитичар во „еТоро“ (eToro) во Сиднеј. „А без непосредна ескалација, комбинацијата од нестабилност на цените на нафтата и обновена неизвесност веројатно ќе го намали апетитот за ризик“.
Реакциите на пазарот беа релативно придушени откако Израел го започна својот прв напад на почетокот на јуни. Иако S&P 500 е во пад две недели по ред, тој сè уште е само околу три проценти под рекордно високото ниво во февруари. Доларот порасна малку повеќе од еден процент од најниското ниво во последните три години.
Bloomberg
Понатамошниот развој на настаните ќе зависи пред сè од потезите на Иран, според некои аналитичари.
„Многу е веројатно дека Иран на некој начин ќе им возврати на Соединетите Американски Држави“, рече Бен Зала, предавач по меѓународни односи на универзитетот „Монаш“ во Мелбурн. „Во тој случај, пазарите ќе реагираат многу чувствително на воените настани во регионот, вклучувајќи ги акциите на берзите, пазарот на обврзници и валутниот пазар, бидејќи е невозможно да се предвиди точниот тек на ситуацијата“.
Доколку пратките на нафта низ Ормускиот Теснец се намалат за половина за еден месец и останат пониски за 10 проценти во следните 11 месеци, брентот би можел накратко да скокне на 110 долари за барел, соопшти „Голдман Сакс“. Иран изјави дека американскиот напад ќе има „вечни последици“, додека Израел ги продолжи своите напади, третирајќи ги воените објекти во Техеран и западен Иран.
„Доколку циклусот на одмазда продолжи, зголемените американски фискални трошоци би можеле да ги зголемат приносите од обврзниците и цените на акциите“, напиша Атару Окумура, стратег за каматни стапки во „СМБЦ Нико секјуритис“, (SMBC Nikko Securities). Во војните во Ирак во 2003 година и Заливската војна во 1991 година, „цените на американските акции се зголемија бидејќи беа очекувани ефектите од воените трошоци“.
Сепак, негативните ефекти може да бидат ограничени бидејќи инвеститорите веќе се подготвија до одреден степен за можно влошување на конфликтот. Индексот MSCI All Country World е во пад од 1,5 отсто од 13 јуни, кога Израел го нападна Иран. Менаџерите на фондови ја намалија изложеноста на акции, пазарите веќе не се презаситени, а побарувачката за хеџирање е во пораст, намалувајќи ја веројатноста за голем пад. Во меѓувреме, кредитните спредови за високо оценети азиски корпоративни доларски обврзници се зголемија најмногу за пет недели.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...