Биткоинот годинава порасна за повеќе од 140 проценти, надминувајќи ги другите инвестиции, како акции и злато, а оптимизмот за понатамошни добивки останува висок.
Неговите блескави перформанси доаѓаат по турбулентниот период за токенот. Имено, по колапсот на криптовалутите минатата година, основачот на FTX, Сем Банкмен-Фрид, сега е во затвор поради измама, додека водечката берза „Бајненс“ (Binance) и нејзиниот основач Чангпенг Жао неодамна се изјаснија за виновни за прекршување санкции и прописи за спречување на перењето пари во САД и беа казнети со 4,3 милијарди односно 50 милиони долари, соодветно.
Прочитајте повеќе: Биткоинот достигна ниво од 40.000 долари за првпат од мај 2022 година
Дали враќањето на биткоинот на 40.000 долари е знак дека индустријата созрева и на повидок е нов биковски пазар или токенот повторно ќе биде исфрлен од шините?
Еве што треба да знаете:
Зошто биткоинот достигна највисоко ниво во последните 19 месеци од речиси 41.000 долари?
Криптовалутата отскокна поради очекувањата дека Федералните резерви (Фед) ќе ги намалат каматните стапки и надежта дека ќе има силен интерес за фондовите со кои се тргува преку берза (ETF). Последен пат биткоинот беше на тоа ниво во април минатата година - пред колапсот на стабилниот коин TerraUSD.
Индустријата чека да види како ќе завршат процесите за аплицирање на компании како „Блекрок“ за лансирање на првиот американски биткоин ЕТФ. „Блумберг интелиџенс“ очекува група такви финансиски инструменти да добијат регулаторно одобрение до јануари.
Постои уште еден фактор што ја движи цената - преполовувањето (анг. halving) на биткоинот, кое треба да се случи следната година. Повеќе за тоа подолу.
Што е биткоин ЕТФ?
Сличен е на кој било друг ЕТФ, но инвестира директно во биткоин. Тоа ќе биде првиот таков ЕТФ во САД, каде што моментално има фондови што инвестираат во фјучерси на биткоин, но не и на спот-пазарот за овој вид средства.
Тоа значи дека инвеститорите добиваат директна изложеност на тековната пазарна цена.
Што е преполовување на биткоинот?
Станува збор за појава во која количеството на биткоини што го добиваат рударите на таа монета како награда за својот труд се преполовува. Ваква ситуација настанува на секои четири години и е дел од процесот на ограничување на понудата на биткоин на 21 милион монети. Криптовалутата достигна рекордни височини по секое од последните три преполовувања.
XBTEUR:CUR
XBT-EUR Cross Rate
38.531,8 EUR
+2.880,6 +8,08%
почетна цена
36.322,52
претходна цена на затворање
35.651,2
промена од почетокот на годината
147,6901%
дневен опсег
36.288,25 - 38.781,75
опсег на 52 недели
15.336,48 - 38.781,75
Какви се изгледите за цената на биткоинот?
Зад токенот е силен ветер во грб. Оптимистите велат дека желбата за сузбивање на сомнителните практики и порастот на поднесоците за ЕТФ се знак дека индустријата созрева и дека постои потенцијал за поширока база на инвеститори во дигитални средства.
Покрај тоа, инвеститорите сè повеќе се убедени дека Фед заврши со зголемувањето на каматните стапки, што го поттикна растот на светските пазари.
Но, пресврт во облозите за каматните стапки или неочекуван епилог за планираните ЕТФ сè уште може да го десеткува биткоинот. Некои шеми на технички графикони, како што е неделниот индекс на релативна сила, укажуваат на услови за „преголемо купување“.
Што велат експертите?
Мајкл Новограц, основач и извршен директор на „Галакси“ (Galaxy Digital Holdings Ltd.), предвидува дека биткоинот е подготвен да го достигне својот поранешен врв за една година отсега. Биткоинот достигна врв од речиси 69.000 долари во ноември 2021 година, пред да падне за 64 отсто минатата година.
Новограц рече дека штом биткоин ЕТФ ќе почне да тргува, милијарди долари треба да се слеат во секторот ЕТФ во првата година, ако не и повеќе.
Се разбира, не се сите обожаватели. Чарли Мангер, потпретседател на „Беркшир Хетавеј“ (Berkshire Hathaway Inc.), кој почина минатата недела на 99-годишна возраст, го нарече биткоинот „штетен отров“ и предупреди дека дигиталните средства „делумно се измама, а делумно заблуда“.
„Тоа е лоша комбинација“, рече Мангер во интервју за „Си-ен-би-си“ (CNBC) во 2022 година. „Не сакам измама или заблуда. Заблудата може да биде поекстремна од измамата“.