Суровини

Три сценарија за Македонија, се чека кризна енергетска состојба

Автор: Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

20. Јули 2022, 14:03

Земјава е целосно зависна од рускиот гас

Потрошувачката е меѓу400 и 500 милиони нормални метри кубни гас

Владата проценува дали е потребна кризна состојба

Три сценарија за Македонија, се чека кризна енергетска состојба

Oliver Bunic/Bloomberg

Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

Сите погледи денеска се свртени кон Москва. Се чекаат информации дали Северен Поток 1, најголемиот гасовод во Европа, утре ќе проработи после 10 дневната пауза период во кој се правеше редовното одржување. Според последните најави од Гаспром таму има подготвеност да го обнови протокот на гас од утре. Рускиот претседател Владимир Путин пак, најави ограничен проток на енергентот. Европа, во меѓувреме, се подготвува за три сценарија. Во оваа анализа правиме изгледи за сите опции и на европскиот пазар, но и за тоа во каква ситуација ќе се најде регионот и Македонија во кој било од трите случаи.   

Сценарио А – Гаспром целосно да ја одврти славината за цевководот во Европа. Во такво сценарио за регионот нема да има зима. Складиштата ќе бидат наполнети согласно плановите, или 80 отсто до октомври.  

Сценарио Б – Гасот во намалени количини да стасува до европските потрошувачи. Во вакви услови полнењето на складиштата ќе оди потешко, цената на гасот ќе расте заради зголемената побарувачка, а земјите членки на Европската Унија кои имаат повеќе гас, ќе треба да го поделат со другите, по истиот принцип како што се делеа вакцините во време на пандемијата. 

Сценариото В е најцрното – според ова сценарио, гасот воопшто нема да доаѓа до Европа. Во тој случај, економската активност во регионот ќе се намали заради зависноста од енергенсот. Европската комисија веќе планира  мерки за намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто, а тие предвидуваат штедење на греење и ладење. Се креираат и мерки како поддршка за компаниите. Засега овој план ќе биде доброволен, но ако се покаже потреба, ќе стане задолжителен.  

Случајот на Македонија - Складишта нема, алтернатива е мазутот? 

Македонија е целосно зависна од руски гас, но не и од Северен Поток 1. Земјава гасот го добива преку Бугарија, низ гасоводот Турски Поток. Лани биле потрошени 426 милиони нормални метри кубни гас што е рекордна потрошувачка и е за над 26 отсто поголема во однос на 2020 година. Од Владата за македонската редакција на Bloomberg Adria велат дека и годинава се очекува потрошувачката да биде меѓу 400 и 500 милиони нормални метри кубни гас. 

Засега снабдувањето е нормално, а познавачите на состојбите велат дека не се очекуваат проблеми за протокот на гас низ Турски тек и снабдувањето на земјава. 

Гасот во земјава се користи само во Скопје, Куманово и Струмица. На гас работи парното во Скопје, Клиничкиот центар, Градската општа болница 8 Септември. 

На гас се приклучени и дел од најголемите индустриски капацитети. На списокот фабрики кои работат на гас според податоците на Регулаторна комисија за енергетика се Макстил, АрцелорМиттал, дел од фабриките во зоната во Бунарџик, 11 Октомври ФЗЦ Куманово, Жито Лукс, Титан Цементарница Усје, Пивара, Алкалоид, Европа,  Фурна Диме,  ЈП Струмица гас, ЈП Куманово гас, Империјал Тобако ТКС Скопје, Здравје Радово – погон Куманово. Од гас се зависни Меѓународниот аердром во ТАВ Македонија во Петровец и скопското Јавно сообраќајно претпријатие.  

Во случај на намалување или целосно запирање на гасот од Русија, земјава ќе се најде во сериозен проблем. Складишта нема, преговорите со Бугарија за закуп се уште се во тек и се уште се во иницијална фаза. Затоа за во ваков случај, надлежните предвиделе алтернатива – во случајов мазут.  

„Во случај на потреба за  интервенција истите можат во рок од 3 дена да отпочнат да работат на мазут и да ја завршат грејната сезона со производство на топлинска енергија од мазут. Истото се однесува и на индустриските потрошувачи (кои имаат можност да користат алтернативно гориво)  приклучени на мрежата на ДТИРЗ Скопје“, велат за Блумберг Адриа од Министерството за економија. 

Сепак. Секогаш има сепак. Сите доброупатени велат дека мазутот не е алтернатива. Прво затоа што е голем загадувач. Второ, затоа што се помалку го има. Имено, заради тоа што загадува се користи и произведува се помалку, па тешко би било да се обезбедат потребните количини. Проблем би бил и транспортот затоа што сите кои што имале цистерни за превоз на мазут, веќе ги пренамениле. Вистинската алтернатива, според познавачите на состојбите со кои разговараше Блумберг Адриа, е префрлање на капацитетите на работа на дизел, кој е помал загадувач. Сепак, за ова, велат, е веќе доцна да биде реално до зимата.  

Ако има недостиг, проблемот ќе се решава во соработка со ЕУ 

Од прес службата на Владата за Блумберг Адриа велат дека во случај на сопирање на испораките на земјава, проблемот ќе се решава во соработка со европските партнери. 

„Европската комисија и Бугарија се договорија во Софија да ja формираат првата регионална работна група, како дел од Платформата на ЕУ за купување енергија. Преку новата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас, во која учество зема и земјава – ќе се решаваат регионалните потреби за гас и струја, инфраструктурата, цените, но и намалувањето на зависноста од руските извори на енергија. Овој проект има за цел увид во потребите за електрична енергија и гас, цените и тековите, како и инфраструктурните аспекти“, велат од Владата. 
 
Регионалната работна група ќе се концентрира на годината што претстои и ќе обезбеди специфична регионална експертиза и знаење за развој и спроведување на акциониот план ,,REPowerEU’’ за намалување на зависноста од рускитe фосилни горива, пополнување на складиштето пред следната зима и дополнително забрзување на декарбонизацијата на енергетски сектор. Ќе го поддржи и координира спроведувањето на заедничките планови за подготвеност во регионот, вклучувајќи меѓународно купување, складирање и интерконекции – со што се придонесува за безбедноста на снабдување во регионот, Eнергетската заедница и пошироко, објаснуваат надлежните.  
 
„Работата на работната група особено ќе се надоврзе на подготовките на Европската комисија за одреден број на сценаријата за енергетски прекин, во тесна координација и солидарност со земјите-членки и меѓународни партнери“, пишува во одговорот до Блумберг Адриа. 

Владата проценува дали е потребна кризна состојба, компаниите се веќе во криза  

Во меѓувреме, Владата размислува за прогласување на кризна состојба, исто како лани. Посебна комисија ја следи состојбата и „ во моментот врши процена на постоењето на ризиците поради која беше прогласена кризата со цел да се одлучи дали ќе има прогласување на нова кризна состојба“. 

За компаниите во земјава, претстојната зима е вистински предизвик, сеедно дали користат гас или струја во процесот на работа. Зголемените потреби за струја ја дигнаа цената на енергенсот и во моментов на унгарската берза од каде најчесто се снабдуваат домашните компании мегавач час за зимските месеци се продава по 488 евра. 

Бизнисмените бараат Владата да гарантира дека зимава нема да останат без струја со тоа што ќе овозможжи непречен пренос преку соседните земји, но клучно за нив е да се зголеми домашното произзводство кое во последнаата деценија е во континуиран пад, главно заради намаленото производство во термоелектраните. 

Рускиот гас повторно тече кон Европа
Суровини

Рускиот гас повторно тече кон Европа

Од утрово Северен Поток повторно е во функција, снабдувањето се очекува да се врати на 40 отсто од капацитетот , исто како пред одржувањето, но зголемувањето на испораките ќе се одвива постепено

21.07.2022

Сите новости од рубриката Пазари

Пазари

сите новости од рубриката Пазари