Володимир Зеленски се наоѓа во невозможна ситуација: да ризикува со гневот на Доналд Трамп или да прифати брз договор за завршување на војната на Русија во Украина, по цена на катастрофално отстапување територии во замена за нејасни безбедносни гаранции што би ѝ овозможиле на Москва за неколку години да се врати уште посилна.
Со оваа пресудна дилема се соочува украинскиот лидер додека патува за Вашингтон на разговори со американскиот претседател. Веднаш по самитот во Алјаска со Владимир Путин, кој го заобиколи прашањето за прекин на огнот, Трамп му остави на Зеленски многу мал простор за маневрирање.
Ситуацијата дополнително се усложнува со оглед на неговата последна посета на Белата куќа во февруари, која доведе до остар судир со Трамп и привремено стопирање на воената поддршка. Овој пат со Зеленски ќе патуваат група европски лидери, но нивното влијание е ограничено, а често не настапуваат со усогласени ставови.
Прочитај повеќе

Европските лидери ќе му се придружат на Зеленски на средбата со Трамп
Европските лидери ќе му се придружат на украинскиот претседател Володимир Зеленски на неговиот важен состанок со америкснкиот претседател Доналд Трамп, што ќе се одржи утре во Вашингтон.
17.08.2025

Зеленски најави дека в понеделник ќе отпатува за Вашингтон на средба со Трамп
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека во понеделник ќе отпатува во Вашингтон за да се сретне со Трамп за да разговараат за крај на руската инвазија.
16.08.2025

„Исклучително продуктивна“ средба меѓу Трамп и Путин, но сè уште нема договор
Американскиот претседател Трамп го нарече својот состанок на Алјаска со рускиот колега Путин продуктивен, но посочи дека патот за завршување на војната сè уште не е финализиран.
16.08.2025

Трамп и Путин во Алјаска - како се обликуваше нивната необична врска?
Претседателите на САД и Русија се среќаваат за првпат по седум години, а односот што го изградиле со текот на годините е невообичаено интимен.
15.08.2025
Делегацијата ќе се обиде да добие јасен одговор од Трамп за тоа какви безбедносни гаранции САД се подготвени да понудат, додека се прават напори да се организира средба меѓу Зеленски и Путин. Во неа се и политичари со кои Трамп има воспоставено блиски односи, меѓу нив генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и финскиот претседател, Александар Стаб.
Лице запознаено со состојбата, кое побара да не биде именувано бидејќи станува збор за приватни разговори, вели дека целите на Зеленски на средбата се да дознае повеќе за барањата на Путин, да го прецизира времето за евентуална трилатерална средба и да ја поттикне Америка кон построги санкции против Русија.
Дали Зеленски ќе успее во овие намери ќе зависи од тоа колку, според европските официјални лица, Путин успеал да влијае врз Трамп. По петочниот самит, Трамп изгледаше дека повторно е усогласен со рускиот претседател, откако се откажа од барањето за итен прекин на огнот како услов за почеток на преговори. Наместо тоа, тој изјави дека ќе го поттикне Зеленски брзо да дејствува по планот за мир.
„Путин има многу барања“, изјави Зеленски во неделата на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Брисел, која беше дел од подготовките за посетата на Вашингтон. „Ќе биде потребно време да се разгледаат сите - невозможно е тоа да се направи под притисок на оружје“, додаде тој, нагласувајќи дека за да се „работи брзо на конечен договор“ е потребен прекин на огнот.
Додека ризикот за Киев расте, американскиот претседател даде знаци дека е подготвен да ги разгледа барањата на Путин Украина да се откаже од големи делови територија на истокот на земјата, кои руската армија и нејзините сојузници се обидуваат да ги заземат уште од 2014 година.
И покрај острите барања кон Украина, има знаци дека САД сега се подготвени да поддржат договор. По средбата со Путин, Трамп им кажал на европските лидери дека САД би можеле да придонесат во обезбедувањето безбедносни гаранции и дека Путин е подготвен да го прифати тоа. Но сè уште не е јасно какви безбедносни гаранции се разгледуваат и што е навистина подготвен да прифати Кремљ.
„Постигнавме согласност дека САД и други нации би можеле ефективно да понудат формулација слична на членот 5 за Украина“, изјави специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, во интервју за Си-ен-ен, алудирајќи на клаузулата на НАТО според која напад врз една членка се смета за напад врз сите.
Путин бара Украина да се откаже од пет региони
Русија сакаше да ги зацврсти територијалните придобивки пред разговорите со Трамп во Алјаска
Bloomberg
И Трамп е под притисок. Тој вети дека по преземањето на функцијата во јануари ќе ѝ стави брз крај на целосната руска инвазија, која трае четврта година. Напорите му беа насочени главно кон Киев, но на крајот мораше да признае дека Кремљ не сака да ја запре војната.
Наместо да попушти пред Трамп, Русија ги засили нападите. Бројот на цивилни жртви порасна и, според Обединетите нации, јуни и јули беа најсмртоносните месеци во повеќе од три години.
Пред самитот во Алјаска, Трамп предупреди дека неприфаќањето прекин на огнот ќе повлече нови остри казнени мерки за Москва и за земјите што купуваат руска нафта. По средбата, со црвен тепих за Путин и заедничко возење во оклопната лимузина на американскиот претседател, тој ги повлече тие закани.
Наместо да го казни агресорот, тој изјави дека настојува да постигне целосен мировен договор што вклучува „размена на територии“ и го повика Зеленски да го прифати. Во неделата украинскиот лидер повторно ја потврди својата позиција дека нема да се откаже од територија ниту да тргува со земја.
„Бидејќи прашањето за територијата е многу важно, за него треба да разговараат единствено лидерите на Украина и на Русија“, изјави Зеленски, додавајќи дека на таа средба би требало да присуствуваат и САД. „Досега Русија не покажува знак дека ќе се одржи трилатерална средба“.
Одбивањето на Зеленски да прифати територијални загуби е став што го делат и мнозинството Украинци. Но поддршката слабее како што контраофанзивите заглавуваат, а бројот на жртви расте. Сепак, стравувањата се дека секое дополнително повлекување би можело да охрабри нови напади.
Разговорите во Вашингтон ќе бидат клучни и на домашен план за Зеленски. Кон крајот на јули тој се соочи со првата политичка криза од почетокот на руската инвазија. Илјадници граѓани излегоа на улица против неговата одлука да ги ослаби антикорупциските институции. Зеленски на крајот попушти и ја врати независноста на агенциите што ги истражуваат највисоките функционери.
Неговата позиција во разговорите дополнително ја отежнува поделбата меѓу САД, Украина и другите сојузници. Трамп смета дека Русија може да ја преземе цела Украина, иако Кремљ успеа да заземе помалку од една петтина од територијата, и тоа со над еден милион жртви од војната. Европејците, пак, стравуваат дека поволни услови би можеле да го охрабрат Путин да ја прошири агресијата.
„Важно е Америка да се согласи да работи заедно со Европа на обезбедување безбедносни гаранции за Украина“, изјави Зеленски во неделата. „Но сè уште нема јасни детали како би функционирало тоа, каква ќе биде улогата на Америка, а каква улогата на Европа и што може да преземе ЕУ. Нашата главна задача е да го разјасниме токму тоа“.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...