Доналд Трамп презеде чекори за разрешување на гувернерката на Федералните резерви, Лиза Кук, поради наводи дека таа фалсификувала хипотекарни документи - драматична ескалација во настојувањето на претседателот да воспостави поголема контрола врз американската централна банка.
Во писмо објавено во понеделникот на Трут сошл (Truth Social), Трамп наведе дека утврдил „доволна причина“ за отстранување на Кук, која е првата Афроамериканка што служи во Управниот одбор на Фед во Вашингтон, врз основа на обвинувања дека дала невистинити информации во документацијата за еден или повеќе хипотекарни кредити. Овој потег на Трамп, кој ја ослабна вредноста на доларот, може да му овозможи уште една шанса да назначи нов член во одборот на Фед, додека тој постојано врши притисок врз институцијата да ги намали каматните стапки.
Кук изјави дека Трамп нема овластување да ја разреши и дека нема намера да поднесе оставка. Нејзиниот адвокат, Аби Лоуел, рече дека тие ќе ги преземат „сите неопходни чекори за да го спречат“ овој „незаконски потег“ на Трамп.
Прочитај повеќе

Гувернерката на Фед, Лиза Кук, нема намера да се повлече од функцијата
Лиза Кук се спротивстави на барањата за оставка поради наводи за измама со хипотеки, тврдејќи дека притисокот од администрацијата на Трамп е политички мотивиран.
21.08.2025

Трамп бара оставка од гувернерката Кук - продолжува притисокот врз Фед
Трамп во средата изјави дека Кук „мора веднаш да поднесе оставка“
20.08.2025

Трамп ќе назначи нов гувернер на Фед и нов главен статистичар за вработување
Именувањата доаѓаат среде критики за политички притисок врз независни институции.
04.08.2025

Фед пред одлука за каматните стапки: Дали е дојдено времето за пресвртница?
Од креаторите на политиките во голема мера се очекува да ги држат каматните стапки стабилни на овој петти последователен состанок.
30.07.2025
„Претседателот Трамп наводно ме разреши ‘поради причина’, иако таква причина не постои според законот, а тој нема овластување да го стори тоа“, истакна Кук во соопштение објавено преку нејзиниот адвокат.
„Јас нема да поднесам оставка. Ќе продолжам да ги извршувам моите должности за поддршка на американската економија, како што правам од 2022 година.“
Принудното отстранување на Кук, која беше назначена од претседателот Џо Бајден во 2022 година, би му овозможило на Трамп да обезбеди мнозинство од четири члена во седумчлениот Управен одбор на Фед. Нејзиниот мандат треба да трае до 2038 година. Од Фед одбија да коментираат.
„Американските граѓани мора да можат да имаат целосна доверба во чесноста на членовите задолжени за креирање на политиката и надзор на Федералните резерви“, напиша Трамп во писмото испратено до Кук во понеделникот. „Имајќи го предвид вашето измамничко и можеби кривично однесување во финансиско прашање, тие не можат, а ниту јас имам доверба во вашиот интегритет.“
Оспорувајќи ја наредбата за разрешување, Кук може веднаш да побара судска забрана со која би била вратена на функцијата додека трае постапката. Против неа досега не се поднесени обвиненија, иако минатата недела претставник на Министерството за правда сигнализираше можни планови за истрага.
„Ова е смртоносен удар за независноста на Фед“, изјави Арон Клајн, виш соработник во институцијата „Брукингс“ (Brookings Institution). „Трамп порача дека Фед ќе го прави она што тој сака, по секоја цена.“
Финансиските пазари реагираа негативно на веста. Индексот на доларот на Блумберг, приносите на двегодишните државни обврзници и фјучерсите на S&P 500 паднаа по објавата, додека приносите на десетгодишните државни обврзници малку се зголемија.
Иако досега ниту еден претседател не отстранил гувернер на Фед од функција, законот дозволува такво разрешување „поради причина“. Според законската дефиниција, тоа опфаќа три можности: неефикасност, занемарување на должностите и злоупотреба, односно незаконско однесување на функцијата.
Трамп претходно ја повика Кук да поднесе оставка откако директорот на Федералната агенција за финансии за домување (Federal Housing Finance Agency), Бил Пулт, тврдеше дека таа дала лажни податоци во кредитни апликации за два имота - еден во Мичиген и еден во Џорџија - тврдејќи дека секој од имотите ќе ѝ биде примарно место на живеење за да обезбеди поповолни услови за кредит.
„Во најмала мера, ова однесување претставува сериозна небрежност во финансиски трансакции, што ги доведува во прашање вашата компетентност и доверливост како финансиски регулатор“, напиша Трамп.
Независноста на Федералните резерви од политичките влијанија е основен столб врз кој почиваат американските пазари, а секоја промена во таа перцепција може да има негативно влијание врз кредитниот рејтинг на САД.
Агенцијата „Ес енд Пи глобал рејтингс“ (S&P Global Ratings), во белешка од почетокот на месецов со која го потврди рејтингот на САД на ниво AA+, предупреди дека суверениот кредитен рејтинг би можел „да дојде под притисок доколку политичките случувања ги ослабнат силата на американските институции и ефикасноста на долгорочното креирање политики или независноста на Федералните резерви“.
„Грабеж на моќта“
Објавата беше пречекана и со отпор од страна на демократите. Сенаторката Елизабет Ворен ја оспори законитоста на потегот во писмена изјава.
„Овој незаконски обид за разрешување на Лиза Кук е најнов пример на очаен претседател, кој бара жртвено јагне за да ја прикрие својата неспособност да ги намали трошоците за Американците“, рече Ворен.
„Станува збор за авторитарен грабеж на моќта што отворено го прекршува Законот за Федералните резерви и мора да биде поништен на суд.“
Трамп и Белата куќа годинава постојано го напаѓаат Фед, тврдејќи дека високите каматни стапки ги зголемуваат трошоците за финансирање на владата и му нанесуваат штета на пазарот на недвижности.
Сепак, одлуката за разрешување на Кук отвора можност за правна битка, која би претставувала непозната територија за Фед. Во пресуда од почетокот на годинава Врховниот суд сигнализираше дека ќе ја заштити централната банка од произволни разрешувања на членови на одбори што Трамп ги спроведе кај други независни федерални агенции.
Питер Конти-Браун, професор и историчар за Фед на школата „Вортон“ при Универзитетот на Пенсилванија, изјави дека овој случај може да стане тест за намерите на судот.
„Правната рамка одовде натаму е таква што гувернерката Кук може да се спротивстави и да поведe судска постапка, по што ќе биде јасно што мисли Врховниот суд кога вели дека Лиза Кук има заштита ‘поради причина’ и какви се границите на таа заштита“, изјави Конти-Браун.
„Во друг контекст, заштитата ‘поради причина’ се однесува на извршувањето на јавната функција, што подразбира дека причината е поврзана со занемарување на должноста, неефикасност во вршењето на функцијата или злоупотреба додека се врши функцијата. Ако судот оцени дека заштитата ‘поради причина’ е релевантна само за она што се случува за време на вршењето на јавната функција, тогаш ова, секако, е ирелевантно.“
Истражна постапка на Министерството за правда
Објавата на Трамп дојде откако Министерството за правда на САД најави дека планира истрага против Кук, по кривична пријава од Пулт во која се тврди дека можеби извршила хипотекарна измама. Таа истрага претставува најнов чекор во серијата на администрацијата на Трамп за зголемување на правниот надзор врз претставници на Демократската партија и вршење притисок врз централната банка.
Откако Пулт првично побара од американската државна обвинителка Пам Бонди да отвори истрага, Кук на 20 август изјави дека нема „намера да биде заплашена да се повлече од функцијата поради прашања наведени во твит“. Таа додаде дека „сериозно ќе ги сфати сите прашања поврзани со нејзината финансиска историја како член на Федералните резерви и затоа собира точни информации за да одговори на сите легитимни прашања и да ги презентира фактите“.
Пулт, во изјава објавена на социјалните мрежи, му се заблагодарува на Трамп ‘за отстранувањето на Кук’.
„Ако во Америка извршите хипотекарна измама, ќе ве гониме без разлика кој сте“, напиша тој.
За време на процесот на потврдување на нејзината номинација, Кук се соочи со жесток надзор од страна на републиканските законодавци и конзервативните медиуми, кои ја обвинуваа дека неточно претставила делови од своето резиме и се обидоа да ја урнат нејзината кандидатура. Таа беше потврдена со гласање во Сенатот поделено строго по партиски линии, при што тогашната потпретседателка Камала Харис со својот одлучувачки глас го надмина израмнетиот резултат од 50-50.
Кук годинава изрази загриженост околу инфлацијата и тарифите, но исто така на почетокот на август изјави дека извештајот за вработеноста за јули е „загрижувачки“ и би можел да укажува на потенцијална пресвртница за економијата на САД.
Официјалните лица на Фед досега во 2025 година ја задржаа својата референтна каматна стапка непроменета, спротивставувајќи му се на Трамп, поради стравувања дека тарифите и другите политики ќе ја поттикнат инфлацијата. Сепак, во петокот, претседателот на Фед, Џером Пауел, сигнализираше дека креаторите на политиката може да одлучат за намалување на стапките на состанокот во септември поради зголемените ризици за пазарот на трудот.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...