Мексиканската влада планира да ги зголеми царините за Кина како дел од буџетскиот предлог за 2026 година, кој ќе биде претставен следниот месец, со цел да ги заштити домашните компании од евтин увоз и да го исполни долгогодишното барање на американскиот претседател Доналд Трамп.
Зголемувањето на царините, кое се очекува да важи за увозот на автомобили, текстил и пластика, има за цел да ги заштити домашните производители од субвенционирана кинеска конкуренција, според тројца лица запознаени со планот, кои побараа да останат анонимни. Според едно од лицата, и други азиски земји ќе се соочат со повисоки царини.
Конкретните царински стапки сè уште не се јасни и планот може да се промени, велат изворите. Нацрт-предлогот за приходи што го подготвува администрацијата на претседателката Клаудија Шајнбаум треба да биде доставен до Конгресот до 8 септември.
Прочитај повеќе

ЕУ подготвува укинување на царините за да го исполни барањето на Трамп
ЕУ ја забрзува процедурата за закон што ќе ги укине царините на американските индустриски производи, и покрај заканите на Трамп за нови давачки.
27.08.2025

Трамп воведе 50 отсто царини за Индија, ги наруши односите со Моди
Царините од 50 отсто отворија нова фаза на несогласувања меѓу САД и Индија, отворајќи пат за нови геополитички сојузи на Њу Делхи.
27.08.2025

Трамп најави извозни ограничувања и царини како одмазда за дигиталниот данок
Се отвора нова фаза во трговската конфронтација.
26.08.2025

ЕУ и САД ги утврдуваат следните чекори за царините
ЕУ и САД најавија намалување на царините за автомобилите и отворија можност за олеснувања за металите, како дел од поширок договор за трговија.
22.08.2025
Иако буџетскиот план ќе треба да добие одобрение од законодавната власт, партијата на Шајнбаум и нејзините сојузници имаат двотретинско мнозинство во двата дома, што ја ограничува можноста за промени. Кабинетот на претседателката и Министерството за економија немаа коментар, а Министерството за финансии веднаш не одговори на барањето за изјава.
Администрацијата на Трамп од почетокот на годинава врши притисок врз мексиканските власти да ги зголемат царините на кинескиот увоз, по примерот на САД. Како одговор, мексиканските власти ја лансираа идејата за „Тврдина Северна Америка“, која би ги ограничила пратките од Кина, а би ги зајакнала трговските и производствените врски меѓу САД, Мексико и Канада. Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, изрази ентузијазам за концептот.
Земјите исто така се подготвуваат за ревизија на договорот за слободна трговија, кој беше преговаран во првиот мандат на Трамп, до средината на следната година.
„Извозот на Кина во Латинска Америка годинава значително порасна, што помогна да се надомести падот на пазарот во САД. Освен што мора да ги задоволи Американците, Мексико треба и да ја заштити својата производствена база“, изјави Нинг Сан, висок стратег за пазарите во развој во „Стејт стрит глобал маркетс“ од Бостон. „Очекувам Мексико да ја усогласи својата економска и надворешна политика со САД“.
Американскиот притисок врз Мексико, најголемиот трговски партнер на земјата, делумно е мотивиран од обвинувањата на Трамп дека евтините кинески производи влегуваат во Мексико, а потоа завршуваат на север, во САД. Минатиот месец Трамп му даде одложување на Мексико од повисоки царини по телефонскиот разговор со Шајнбаум, за да остави повеќе време за трговски преговори.
Мексико и САД се приближуваат и кон договор за борба против трговијата со дрога и насилството. Трамп ја наведе трговијата со фентанил како причина Мексико да плаќа 25 отсто давачка на стоки што не спаѓаат под договорот за слободна трговија меѓу двете земји. Решавањето на ова прашање во новиот договор ќе им овозможи на преговарачите полесно да најдат заеднички јазик и за други спорни области, како доматите и челикот.
Мексико сега е најголема глобална дестинација за кинески возила, надминувајќи ја Русија, според Здружението на кинески производители на патнички автомобили. Пониските цени и атрактивните гаранции ги направија кинеските брендови високо конкурентни. СУВ возила од кинеските производители можат да бидат и до 20 отсто поевтини од јапонските или американските модели, а некои брендови нудат гаранции до 10 години, наспроти вообичаените три.

Големите производители на автомобили како „Џенерал моторс“ исто така извезуваат возила од своите кинески фабрики во Мексико, што дополнително придонесува за растот на увозот. Иако само неколку кинески компании имаат сопствени производствени погони во Мексико, неколку од нив работат на локализација.
Иако сите возила увезени од Кина во Мексико плаќаат царини до 20 отсто, тоа е далеку помалку од САД, каде поранешниот претседател Џо Бајден воведе 100 отсто давачка за кинеските електрични возила и забрани увоз на повеќето автомобили со софтвер развиен во најголемата азиска економија.
„Ако царините не бидат доволно високи за да им овозможат на мексиканските компании да бидат конкурентни на домашниот пазар, тие ќе бидат неефикасни. Исто така, овој потег е малку задоцнет“, изјави Ванеса Рамирез, директорка на приватната консултантска компанија „Еканал“. „Владата не испрати вистински сигнали до приватниот сектор во врска со кинеските производи“.
Зголемувањето на царините за Кина ќе го зголеми мексиканскиот буџетски приход и ќе ѝ помогне на Шајнбаум во настојувањата да го намали буџетскиот дефицит, кој во 2024 година беше најширок од 1980-тите поради големите трошоци на нејзиниот претходник за завршување на капитални проекти пред заминување од функцијата. Нејзината администрација се стреми кон повисока наплата на даноци, ветувајќи дека нема да воведе големо даночно зголемување.
Владата на Шајнбаум настојува да ја зајакне домашната индустрија преку таканаречениот „План Мексико“, кој се фокусира на индустриски паркови и јавни инвестиции насочени кон стимулирање на капиталот во услови на неизвесна трговска средина. Таа претходно веќе ги зголеми давачките за некои странски производи, вклучително и текстил и облека за директна продажба на потрошувачи.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...