Владеjачката проевропска партија во Молдавија е на пат да освои реизбор, со што ќе ја задржи земјата на курсот за членство во Европската Унија (ЕУ) и ќе го зголеми ризикот од ескалација на тензиите со Русија.
Партијата за акција и солидарност на претседателката Маја Санду освои 50,1 проценти од гласовите, задржувајќи го мнозинството и за втор мандат, според привремените резултати од 99,8 проценти од избирачките места. Прорускиот Патриотски изборен блок, кој го води поранешниот претседател Игор Додон, го зазеде второто место со 24,2 проценти. Уште три политички сили ќе влезат во парламентот.
Новата влада ќе мора да продолжи со реформите потребни за да се постигне целта, а тоа е влез во ЕУ до крајот на деценијата.
Кога резултатите ќе бидат потврдени како конечни, исходот ќе претставува голем удар за Русија, која наводно потрошила милиони долари и користела различни механизми за да инсталира проруски сили во Кишинев.
Изборите повторно ја ставија оваа земја од 2,4 милиони жители во центарот на борбата за влијание: Русија се обидува да ја врати поранешната советска република во својата сфера, додека Европа одговара со ветување за членство во ЕУ. Сместена помеѓу Романија и Украина, Молдавија доби несразмерно големо геополитичко значење и стана своевиден лакмус за руско мешање и хибридни напади во Европа. Нејзината отцепена област Приднестровје исто така е дом на руски трупи.
Bloomberg
Само неколку часа по затворањето на избирачките места низ земјата, Додон организираше протест пред Изборната комисија, изразувајќи сомнежи за регуларноста на изборите. Тој ги повика своите поддржувачи и сите опозициски сили да му се придружат на поголем протест в понеделник напладне во Кишинев.
„Ако вечерва има какво било фалсификување, утре нема да ги признаеме резултатите од парламентарните избори и ќе побараме нивно повторување“, изјави поранешниот претседател, пренесоа локалните медиуми.
Овие избори се последни во низата избори од големо значење што се одржале во Молдавија во текот на изминатата година. Санду беше повторно избрана за претседател во октомври 2024 година, а на референдум беше тесно одлучено дека целта за влез во ЕУ ќе се внесе во уставот на земјата.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, минатата недела повика светските лидери да ја поддржат Молдавија, која се соочува со наводни обиди на Русија да влијае на изборите.
Москва разработила повеќеслојна стратегија за да се вмеша и да ги наруши изборите во Молдавија, користејќи тактики како организирање протести и поведување кампањи за дезинформации на социјалните мрежи. Русија повеќепати тврдеше дека не се меша во странски избори.
Молдавската власт соопшти дека успешно открила и неутрализирала повеќе сајбер-напади врз дигиталната инфраструктура за време на викендот, вклучувајќи ги изборната платформа и државната облак-технологија. Нападите вклучувале обиди за оптоварување на системите со DDoS напади и внесување злонамерен софтвер на избирачките места.
Дополнително, на неколку избирачки места во странство, вклучувајќи ги оние во Брисел, Рим, Букурешт и Шпанија, пристигнале лажни дојави за бомби, наведе претседателскиот советник Станислав Секриеру во објава на мрежата X.
ЕУ одобри рекордни 1,8 милијарда евра (2,1 милијарда долари) за следните години за поддршка на Молдавија во интеграциските напори и значително помогна Кишинев да ја намали енергетската зависност од Русија по нејзината сеопфатна инвазија на Украина. Исто така, се обиде да го зајакне имиџот на Санду пред изборите, кога лидерите на Полска, Франција и Германија застанаа покрај неа на проевропски митинг по повод Денот на независноста на Молдавија во август.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...