text size
„Бентли“ го претстави својот прв целосно електричен автомобил, луксузен СУВ со внатрешни облоги од чиста мерино волна, додека компанијата во сопственост на „Фолксваген“ настојува да ја подобри профитабилноста и да ја зацврсти својата позиција на пазарот на луксузни електрични возила.
„Бритторкал“ ќе се продава во Велика Британија по почетна цена од 173.000 фунти (околу 200.000 евра), што го прави најпристапниот модел на компанијата „Бентли“. Британскиот производител очекува дека автомобилот ќе привлече помлади потрошувачи, вклучително и голем број купувачи на кои ова ќе им биде првиот „Бентли“.
„Гледаме сè поголем интерес за електричните автомобили и многу поголема прифатеност, дури и во нашиот пазарен сегмент“, изјави извршниот директор Франк-Штефен Валисер во интервју за ТВ Блумберг. „Очекуваме многу повеќе купувачи да му се придружат на брендот.“
Прочитај повеќе
Тест на „тојота Ц-ХР+“: Многу доблести, со многу малку компромиси
Како изгледа кога најдоверливиот јапонски бренд ќе одлучи да направи скок во целосно електрична насока?
08.09.2026
Првиот електричен „ренџ ровер“ стигнува на пазарот по цена над 170.000 евра
Ова ќе биде голем тест за подготвеноста на најбогатите купувачи да се префрлат на електрични возила.
02.09.2026
Еден споделен автомобил може да замени 20 приватни, може ли тоа да се случи во Скопје?
Еден споделен автомобил во европските градови може да замени до 20 приватни, но Скопје сè уште нема податоци дали каршерингот навистина го постигнува тој ефект.
04.09.2026
Претставувањето на „торкал“ следуваше по негативните реакции кон „Ферари“ поради првиот електричен автомобил на италијанската компанија чиј изглед предизвика критики меѓу љубителите на брендот. И други производители, како „Јагуар“, ги поделија мислењата на јавноста со креативниот дизајн на своите електрични возила. Во меѓувреме, производителите на луксузни автомобили како „Ролс-Ројс“ бележат забавување на побарувачката за своите електрични автомобили.
„Торкал“ означува поширок пресврт во компанијата „Бентли“. Тој воведува четврта линија на модели и претставува прв голем тест на повнимателната стратегија за електрификација, откако брендот го одложи планот до 2035 година да продава исклучиво автомобили на батериски погон.
„Беше многу важно навистина да направиме вистински 'Бетли' и да не се откажеме од сè што е поврзано со наследството и занаетчиската изработка што доаѓа со него“, рече Валисер.
Премиерата доаѓа во време кога „Фолксваген“ сè повеќе се потпира на своите луксузни брендови за да оствари заработка, додека пошироката групација го намалува бројот на работни места, ги намалува производствените капацитети и го поедноставува работењето. „Бентли“ е дел од групата премиум брендови на „Ауди“, заедно со „Ламборгини“ и производителот на мотоцикли „Дукати“. „Ауди“ е погоден од американските царини и наглиот пад на работењето во Кина, што дополнително врши притисок врз помалите марки да ги одржат цените и профитните маржи.
Подобрувањето на приносите на тие брендови е клучно за трансформацијата на „Фолксваген“. На производителот на автомобили му се потребни парите што ги носат возилата од висока класа за да го финансира преструктурирањето, развојот на софтвер и инвестициите во електрични автомобили, додека неговите бизниси во сегментот на масовниот пазар се соочуваат со високи трошоци во Германија и послаба профитабилност во Кина.
„Торкал“, именуван по варовничкиот пејзаж „Ел торкал“ во Андалузија во Шпанија, ја дели основната техничка платформа со електричниот „порше кајен“ и користи други капацитети и технологии во рамките на групацијата „Фолксваген“, рече Валисер.
„Бентли“ цели кон „двоцифрени“ приноси од продажбата, иако автомобилската индустрија останува „под голем притисок“, рече извршниот директор. Производителите на автомобили мора да вложуваат многу пари во развојот на нови модели како „торкал“, чиј развој чинел повеќе од една милијарда фунти, додаде тој.
Произведен во Кру, на северот на Англија, „торкал“ влегува на пазар на кој побарувачката за луксузни електрични возила е променлива. Испораките на моделот „ролс-ројс спектре“ паднаа за речиси една третина во првата половина од 2026 година во однос на истиот период претходната година, покажуваат податоците на БМВ. Во меѓувреме, кинеските производители, вклучувајќи ги БЈД и брендовите во сопственост на „Гили“, сè повеќе навлегуваат во повисокиот сегмент на пазарот и претставуваат предизвик за европските марки кои долго време доминираа со него.
„Бентли“ смета дека ќе успее да избегне такво сценарио. „Торкал“, долг пет метри, забрзува до сто километри на час за 2,8 секунди и може да помине до 600 километри според условите на тестирање. За полнење до 80 отсто потребни се околу 16 минути при моќност од 400 киловати, соопшти комапнијата.
Купувачите кои сакаат традиционален британски детал можат да изберат сјајна завршна обработка на ентериерот. „Бентли“ исто така користи материјали за да го издвои „торкал“ од другите големи електрични СУВ модели. Компанијата го разви она што го нарекува прва автомобилска ткаенина направена 100 отсто од мерино волна, во соработка со британскиот производител на текстил „Фокс брадерс“. Друга завршна обработка комбинира дури 1.000 слоеви остатоци од ореово дрво и рециклирана хартија.
Претходно овој месец „Јагуар ленд ровер“ го претстави првиот електричен „ренџ ровер“. Новиот луксузен СУВ има досег до 599 километри, со полнење на батеријата до 80 отсто за 22 минути, а чини 170.000 евра.| Jaguar Land Rover Automotive Plc
Автомобилот нуди и велнес-седишта со масажа на нозете, режим на дигитален детокс и поставка „рифреш“, која го засилува протокот на воздух. Компанијата исто така соработувала со музичари на развојот на опционални звуци кои го имитираат звукот на V8 мотор.
„Торкал“ е централен дел од инвестицијата од 350 милиони фунти во фабриката на „Бентли“ во Кру, што претставува поттик за британската автомобилска индустрија, која се соочува со високи трошоци и пречки настанати по Брегзит. „Јагуар ленд ровер“, најголемиот британски производител на автомобили, кој на почетокот на овој месец го претстави својот прв електричен „ренџ ровер“, соопшти претходно овој месец дека ќе укине 4.000 работни места во рамките на реорганизацијата на компанијата.