Модата напредува благодарение на креативната напнатост, а особено благодарение на привлечноста што ја создаваат спротивставените принципи на максимализам и минимализам. Сѐ уште живееме во ерата на максимализмот, но токму тоа го прави минимализмот уште поважен, што помага да се објасни делот на обожавање што ја доби дебитантската колекција на Матие Блази за „Шанел“ (Chanel), за време на Париската модна недела во октомври.
Додека раскошот беше во полн замав во модните куќи како што се „Ив Сен Лоран“ (Yves Saint Laurent) и други, концептуализмот на Блази, инспириран од аполонски принципи, особено се истакнуваше. Дизајнерот ја поминал целата своја кариера работејќи во високи храмови на строгост и структура, како што се „Раф Симонс“, „Мезон Марџела“, „Фиби Фило Селин“, „Калвин Клајн“. Најново беше во „Ботега Венета“, каде што беше опишан како антипод на идејата дека модата треба да биде спектакл. Сега, во „Шанел“, се здружи со исто толку престижната париска куќа „Шарве“ (Charvet) за да создадат кошули внимателно креирани така што може да се носат откопчани, со познатиот синџир на „Шанел“ невидливо вшиен во рабовите за да се одржат совршена тежина и силуета.
Chanel Spring/Summer 2026 модна ревија во Париз
Kristy Sparow/Getty Images Europe
Дебито на Блази се случи вечерта пред официјалното отворање на изложбата „Минимал“, спектакуларен преглед на минималистичката уметност што се одржува во „Пино колекшн“ (Pinault Collection) во Париз до 19 јануари. Голем дел од изложбата потекнува од огромната лична колекција на Франсоа Пино, милијардерот што ја основал компанијата што денес е позната како луксузен гигант „Керинг“, кој, пак, поседува модни куќи како што е „Ботега Венета“.
Прочитај повеќе
Меланија Трамп носи палто од „Барбери“ додека британскиот бренд најавува враќање на берзата
„Барбери“ се обидува да го врати својот идентитет преку тоа што го прави најдобро – палтата, а појавувањето на Меланија Трамп во едно од нив го враќа вниманието кон британскиот луксузен бренд.
17.09.2025
Како Армани го скрои визуелниот идентитет на современиот спорт
Ретко некој толку длабоко ги поврзал модата и спортот, не само како спонзор туку и како архитект на визуелниот идентитет на натпреварите, клубовите и спортистите, како Џорџо Армани, италијанскиот моден гуру што нè напушти во четвртокот.
09.09.2025
Пет модни додатоци со македонски потпис што секој маж треба да ги има
Деталите се тие што прават разлика во светот на машката мода.
01.08.2025
Луксуз во вашиот рачен багаж: Стил од милион долари со малку облека
Како во вашиот рачен багаж да спакувате сè за беспрекорен стил што ги опфаќа сите пригоди?
19.07.2025
Најзначајниот потег на „Керинг“ оваа сезона беше целосно максималистички: грузискиот дизајнер Демна, чии искривени и гротескни концепти во „Баленсијага“ стануваат вирални на социјалните мрежи и во луксузните продавници, беше именуван за креативен директор на „Гучи“, најважниот бренд на компанијата. Очекувањето е дека Демна, кој успеа да ги зголеми приходите на „Баленсијага“ повеќе од пет пати во текот на деценијата како креативен директор, ќе успее да создаде слична магија во „Гучи“, каде што продажбата падна за 25 отсто во вториот квартал во споредба со истиот период од минатата година.
Сепак, доволно е само да се погледне спектакуларната минималистичка обнова на зградата Бурс де Комерс што ја дизајнирал архитектот Тадао Андо, во која се наоѓа „Пино колекшн“, за да се види каде вистински лежат симпатиите на Пино. Всушност, водичот за изложбата за најновото шоу започнува со неговиот цитат во кој минималистичката уметност ја нарекува „движечка сила што ме следи и инспирира веќе наод 50 години“.
Тоа е спротивност на разиграниот максимализам на неговиот ривал Бернар Арно и неговиот музеј ФЛМ (Fondation Louis Vuitton), каде што лесниот и шарен летен блокбастер Давид Хокни направи место за уште поголема и можеби пошарена ретроспектива на Герхад Рихтер, која трае до 2 март.
Во случајот на Пино не е тешко да се разбере зошто еден моден магнат би развил опсесија за минималистичка уметност и дизајн. Етосот „помалку е повеќе“ од 20-тите години на минатиот век го создаде не само малиот црн фустан на Коко Шанел туку и безвременскиот стол „Васили“ од цевчест челик. Минималистичките уметници од 60-тите години на минатиот век додадоа уште еден елемент: акцентот на физичкото, телесно доживување на интеракцијата со уметничкото дело.
Минимализмот е точка каде што уметноста престанува да биде само визуелна, престанува да биде слика на ѕид или скулптура на постамент, и станува фокусирана на средбата на човекот набљудувач со физички објект. Минималистичката уметност во својата суштина е театарска: „Уметничкото дело мора да се доживее со телото“, пишува историчарката на уметност и кураторка Ема Лавин во својот воведен есеј за каталогот на изложбата „Минимал“. „Таа мора да биде проживеана.“
Чувството дека вашето тело станува составен дел од важно уметничко дело е токму местото каде што минималната уметност се препоклопува со модата. Совршено структурираната облека на Хелмут Ланг или Реј Кавакубо од „Ком де Гарсон“ (Comme des Garçons) е речиси ништо пред да се облече: носителот е последниот дел од сложувалката што сѐ поврзува. Истото тоа може да се каже и за ремек-делата на минималистичката уметност: инсталациите на подот од Карл Андре и коцките на Доналд Џуд остануваат инертни додека не ги оживее движењето, чувствителното присуство на набљудувачот.
Забуната што го следеше познатото купување на галеријата „Тејт“ (Tate) од 1972 година, кога креацијата на Андре, „Еквивалент VIII“ (Equivalent VIII), беше исмевана како „купишта тули“, одекна на начин на кој јапонските дизајнери од 1980-тите години, вклучувајќи го не само Кавакубо туку и Јохи Јамамото и Исеи Мијаки, првично беа слично дочекани.
„Многу луѓе не ги разбираа“, вели Мелиса Мара Алварез, кураторка на изложбата „Минимализам/Максимализам“ (Minimalism/Maximalism) од 2019 година во ФИТ (Fashion Institute of Technology) во Њујорк. „Тие не го славеа телото на раскошен начин. Нивниот труд говореше за односот на жената кон нејзината облека и своето тело“.
Модата му дава на светот одмор од секојдневниот живот. Можеби токму затоа периодите на раст и оптимизам, вклучувајќи ги 1990-тите и 1960-тите години, обично биле придружувани со раст на минимализмот. Спротивно на тоа, врвот на максималистичката мода, изразен преку вечерниот фустан украсен со цвеќе што го дизајнирал Харди Амиес во 1948 година, дошол непосредно по ужасите на Втората светска војна.
Денес секојдневниот живот го спојува егзистенцијалниот страв со штедењето предизвикано од инфлацијата, што може да помогне да се објасни зошто „Керинг“ го постави Демна на чело на својот водечки бренд и го охрабри да нарача краток филм исполнет со ѕвезди и халуцинации, кој го режира Спајк Џонз. Сепак, компанијата јасно ja разбирa важноста на структурата и строгоста. Во „Баленсијага“, каде што растот на продажбата можеби конечно ќе дојде до крајот, Демна беше заменет со Пјерпаоло Пичиоли, поранешен креативен директор на „Валентино“, кој во својата канцеларија уредено чува еден цитат: „Едноставноста е крајната софистицираност“. Одлуката да се постави вистински кројач на чело на модната куќа е знак дека „Керинг“ не сака да се потпира исклучиво на минливи трендови.
Минимализмот е сличен, но не и идентичен со концептот на едноставност што го олицетворуваат брендови како што се „Лоро Пијана“ и „Роу“ (The Row), каде што акцентот е повеќе на удобноста и безвременоста отколку на уметничкиот израз. Сепак, угледот што овие брендови го уживаат покажува колку минималистичката висококвалитетна мода може да биде комерцијално успешна.
„Лоро Пијана“ е, според извештаите, трет најголем бренд во портфолиото на ЛВМХ (LVMH) за мода и кожена галантерија, со годишни приходи проценети на речиси три милијарди долари.
Тишината на минимализмот значи дека тој никогаш нема да ги има возбудата и сјајот што ги следат поекстремните форми на уметност. Блази веројатно никогаш нема да биде познат како Демна, а изложбата „Минимал“ ќе биде речиси сигурно засенета од ретроспективата на Рихтер во ФЛМ.
Делото „Abstraktes Bild“ на Рихтер од 1992 година, прикажано во „Сотби“ во Лондон во 2015 година.
Mary Turner/Getty Images Europe
За богаташите, голем Рихтер во дневната соба претставува инстант статусен симбол, веднаш препознатлив, со максимална проекција на „моќта на ѕидот“. За многу колекционери, тоа е начин да го покажат своето богатство. Наспроти тоа, дело како што е „Фаза на ништовна вода“ (Phase of Nothingness Water) од Нобуо Секине, изложена во „Бурс де Комерс“, дејствува посвесно. На прв поглед открива многу малку: бара учество од набљудувачот, кој треба да оди околу него, да размислува за него и да вложи напор за да го разбере.
Тоа се гледа и на пазарот: рекордната цена на Секине на аукција изнесува 350.000 долари; додека Рихтер е продаден за 46 милиони. Ако ја погледнете листата на „Артнет“ (Artnet) за најпрофитабилните поствоени и современи уметници, ќе ги видите Ворхол и Баскијат на чело на тие табели, додека минималистичките уметници речиси и ги нема.
Спектаклите се забавни; едноставноста е здодевна во споредба со нив. Но можеби токму здодевноста е она што му недостига на современото општество. Во свет на бучава и сѐ пократок опсег на внимание, минималистичката уметност и мода нудат не само основа за строгост и концептуална сила туку и можност да станеме посвесни за начините на кои се движиме низ просторот и времето.