Винскиот туризам, во вистинска смисла, како сè уште да не е откриен на просторите на поранешна Југославија. Секако, некои држави порано го препознаа тоа и посериозно проучија барем дел од можностите, но сè уште се потпираат на своите главни туристички адути - море, планини, реки, езера, недопрена природа, гастрономија и етнозачини. Но, винската туристичка приказна може да биде огромна шанса за развој и на урбаните и на руралните подрачја.
Белите вина од Посавина, словенечките Брда, истарската малвазија, автохтоните сорти на јадранскиот регион, херцеговската „игра“ на жилавка и блатина „од камен“, вранецот што истовремено ги спојува и разделува Црна Гора и Македонија, заедно со српската темјаника како суверен владетел на локалниот Хорека-пазар, во неколку збора му ја опишуваат на патникот намерник потенцијалната винска понуда.
Можеби така и ќе останеше, особено во стара Југославија, кога под лозови насади имаше над 200.000 хектари. Но ситуацијата драстично се смени по периодот на социјалистичка хиперпродукција на евтино вино. Денес вкупната површина е едвај половина од тој број: освен Црна Гора, БиХ и Косово, со нешто повеќе од 3.000 хектари, Хрватска, Словенија и Србија имаат релативно исто (околу 20.000 секоја), а Македонија најмногу, близу 24.000 хектари.
Треба да се знае дека голем дел од тие површини зазема трпезното грозје. А бидејќи најчесто е потребно дел од родот од лозовиот чокот да се отстрани и бербата да се редуцира за да се добие што поквалитетна суровина, така со примена на современи технологии, проверени сорти и стекнато знаење се создадени услови за поквалитетни и поразновидни вина од помала суровина. Притоа автохтоните сорти повторно се извлекуваат од заборав на задоволство на винските светски патници.
Секако, периодот од крајот на август до крајот на октомври, кога грозјето е слатко, а лозјата сè уште бујни, е совршен за вински авантури. Доживувањето на бербата е незаборавно само по себе и пријатен вид рекреација - нешто што одамна го открија амбасадорите на овие простори, кои со задоволство „помагаат“ при берењето. Можеби и вие можете, само што за дозвола треба однапред да се најавите кај сопственикот на лозјето, оној што, секако, ја разбира вредноста на винскиот туризам, а нему секој дополнителен пар раце во тоа време му е повеќе од добредојден.
Пушипел, фурминт, мославец – едно грозје за големи надежи
Крајниот северозапад на оваа тура нека биде почетна точка, особено ако доаѓате од ЕУ. Тоа е и некако праведно, знаејќи дека пристапните и другите европски фондови всушност ја создадоа и сè уште ја обликуваат новата винска слика на Балканот. Поточно, на Западен Балкан… Траги од тој финансиски поттик се видливи насекаде – на ѕидовите во винарниците, на резервоарите, на машините во Словенија, Хрватска и Црна Гора. Но не е опфатено само производството на вино. Тука се и сместувачките капацитети, патиштата, заштитата на животната средина и насочувањето кон органско производство, реставрацијата на историски места и настани, човечките ресурси. Со ЕУ многу нешта процветаа – па и за патникот намерник.
Винарницата „Штампар“ во селото Свети Урбан во Меѓимурје нуди совршена можност терасестите лозја да ве воодушеват засекогаш. Тој локалитет, Маѓеркин Брег (341 метар), е само малку понизок од највисокиот меѓу стотиците ридови што буквално се протегаат кон четири држави: Унгарија, Австрија, Словачка и, секако, Словенија, која е толку блиску што тапата од пенливо вино при отворањето речиси може да прелета преку границата.
Негувајќи ја винската традиција, винопроизводителот Давид Штампар, покрај интернационалните сорти, се посветил и на локалните, како пушипел и мускат. Современите вина носат златни медали од најпрестижното светско натпреварување во Лондон – „Декантер ворлд вајн авордс“ (Decanter World Wine Awards) – каде што вакво признание освои и пенливото вино „урбан вајт“ (Urban White).
Фантастичниот поглед и дегустацијата на вина на Маѓеркин Брег се подобри од која било технички совршена сала за дегустација, а подрумот преполн со огромни буриња, иако изграден во 2000 година, е обликуван да изгледа старо и автентично, па личи на древен и „повикува“ за селфи-фотографирање.
Давид, претседател на локалното здружение на винопроизводители, е заслужен за создавање на специјалното шише за пушипел, сорта што во Србија и Унгарија е позната како фурминт, а во Мославина како мославец. Тој е и еден од иницијаторите на проектот „Младо Меѓимурје“ (Mlado Međimurje), кој ги промовира сортата зелен силванец и виното што се пушта во продажба веднаш штом ќе биде произведено, на почетокот на ноември. Неговите прекрасни киселини одлично се вклопуваат со помрсна храна, а цената на едно шише е под пет евра. Во мај тие ја организираат манифестацијата „Урбаново“ (Urbanovo), една од најзначајните во Хрватска.
Се разбира, локалниот сместувачки капацитет овозможува запознавање со местото и со луѓето, но за оние што ќе се уморaт од патот и од долгите вински дегустации, „Терме Свети Мартин“ (Terme Sveti Martin) – првиот хелтнес ресорт во Европа – нуди вистинска релаксација. Оддалечен само осум километри од лозјата на Штампар, овој комплекс открива цел спектар содржини: затворените базени „Темпл оф лајф“ (Temple of Life) со лековити термални води, аквапаркот „Мартиландија“ (MartiLandia) на отворено, разновидни спа-третмани, фитнес и спортска рекреација, голф-терен со девет дупки, велосипедски и пешачки патеки… Накратко – сè што може да си замислите и да посакате.
Самото патување низ Меѓимурје – единствениот европски регион што трипати ја има освоено наградата Европска дестинација на извонредност (European Destination of Excellence) – е доживување само по себе. На нешто повеќе од 700 квадратни километри, овој брановиден пејзаж од зеленило и шуми околу административниот центар Чаковец, при доаѓање неодоливо потсетува на опуштената земја од „Телетабиси“.
Совршената естетика на хортикултурата, украсно обликуваните грмушки, полињата со пченка покрај добро уредената мрежа локални патишта и исклучително стрмните лозја се дополнуваат со слики од редови жолти, зелени и црвени тикви навидум заборавени во полињата. Од нив се вади само семето за прочуеното масло од тиква – „најдоброто на светот“, како што велат локалците – додека тиквите остануваат да ја збогатуваат земјата на природен начин.
Чаковец, административното седиште на жупанијата, е изграден на темелите на античка римска населба, а подоцна, во 13 век, на тоа место била подигната дрвена тврдина.
Три века подоцна, со семејството Зрински започнува неговото проширување. Денес дворецот Зрински – стариот дел од градот со ѕидините, кулите, камбанаријата, палатата, музејот и парковите – е вистинско место за поврзување со историјата.
Свет на пенливи задоволства во царството на сортата ребула
По околу три и пол часа возење од Чаковец кон југозапад, се стигнува во областа Брда – зелената словенечка Тоскана, прошарана со земјени патчиња и благословена со медитеранска клима. Тоа е наедно и земја на „екстремно винарство“, како што дел од стручњаците го нарекуваат ова подрачје, каде што често се губи границата дали лозјата се во Словенија или во Италија, а сортата ребула гордо го носи орденот на автохтоноста.
Тука настануваат голем број органски и биодинамички вина, како и пенливи вина што по својот квалитет лесно ги надминуваат и најславните од Шампањ. Винопроизводителите од Брда веќе со децении ја испишуваат винската историја на овој регион.
И не само винската туку и туристичката. По стрмните падини се редат винските величини и легенди: Мовија, Шчурек, Клинец, Симчич, Принчич, Јакончич, Ерзетич, Тилија… и уште многу други што ќе ве воодушеват со своите вина, каде и да застанете.
Но, кога станува збор за пенливите вина – посебен и сè попопуларен вински сегмент во светот (и во регионот) e винарницата „Бјана“ (Bjana), во сопственост на Миран Сирк, која е вистинското место во кое се распламтува страста кон меурчињата.
Голем број регионални трофеи и платинести медали од „Декантер“ (Decanter) се вградени во ѕидовите од подрумот на семејната куќа во селото Билјана, најстарата во Брда, која според записи е изградена пред осум века, уште во 1208 година. Во оваа куќа по име Шато Доришче (Chateau Dorišče), аромата на пенливата ребула совршено се вклопува со суво месо и со ехото на изминатите векови – токму доволно за да ја дополни енергијата за понатамошното патување.
Сортата малвазија или неподносливата леснотија на постоењето
Постојат повеќе вида малвазија, а некои од нив значително се разликуваат од нашето поимање за таа лесна, цветна, истарска сорта, која незапирливо го поттикна развојот на Истра како вински регион.
На околу стотина километри јужно од Брда се наоѓа градот Бује – кој во поранешна Југославија беше нашироко познат по фабриката „Дигитрон“, од каде што доаѓаа прочуените калкулатори. Денес сме веќе во Хрватска, а ова убаво старо камено гратче на рид всушност е само едно од многуте од тој тип во внатрешноста на Истра, можеби и многу поатрактивни. Сепак, фактот што е оддалечен само пет километри од морето и нешто над 40 километри од Трст, а двокреветна соба може да се најде за околу стотина евра, го прави екстремно привлечен како база за понатамошни истражувања. Особено за љубителите на виното. Зошто?
Винарницата „Вералда“ (Veralda), чиј црвен истарски специјалитет своевремено во Лондон беше оценет како најдобар, се наоѓа на само 3,5 километри од Бује. Двојно подалеку е винарницата „Козловиќ“ во Момјан – една од најзначајните и најубави истарски винарници со прочуените малвазии на Џанфранко Козловиќ, од кои „санта луција“ (Santa Lucia) освои платинест медал на „Декантер“.
Архитектонски впечатлива, сместена во клисурата под стариот град Момјан, винарницата е во непосредна близина на еден од најавтентичните ресторани во регионот. Супа од аспарагус, омлети со шумски печурки, тартуфи, домашни тестенини, месо од автохтонoто истарско говедо бошкарин, стекови на скара и прочуените истарски маслинови масла – тоа се специјалитетите на кујната на Мира Зрниќ, сопственичка на традиционалниот ресторан „Стари подрум“ (Stari Podrum).
Но патувањето продолжува – повторно стотина километри југоисточно, преку паркот и тунелот Ечку (Ečku), кон Опатија и Кварнер, па по Јадранската магистрала. А покрај патот има безброј предизвици. „Винистра“ (Vinistra) – винска изложба што задолжително треба да се посети ако сте во овој крај, но и истоименото здружение на истарските винопроизводители – даде силен поттик за развој на полуостровот, кој буквално „врие“ од туристи: на две или четири тркала, со приколки или без нив. Во потрага по плажи, школки и вина, посетителите трчаат, пливаат, летаат, а сè повеќе навлегуваат и во етноприказните на континенталниот дел и неговата понуда.
Кварнер, сортата жлахтина и другите јадрански богатства
Старата дама Опатија со својата есенција на хедонизам во прочуениот ресторан „Плави подрум“ (Plavi podrum), а потоа и Риека со богатите културни содржини – каде што не се вбројува само паркираниот и обновен брод на Тито, „Галеб“, кој е предвидено да стане брод-музеј – се всушност само отскочна штица кон островите и далматинскиот брег, едно сосема поинакво винско-туристичко истражување.
Од Риека до Дубровник има околу 600 километри и нешто повеќе од шест часа возење, но во потрага по винските искушенија можете да поминете цел живот на таа релација, а сепак да не запознаете ниту мал дел од сето тоа. Само Корчула и Пељешац кријат стотина големи, но и голем број мали винарници, како што се „Зуре“ или „Бире“, кои последниве години дојдоа во фокусот на јавноста со своите вина од автохтоната сорта грк.
Плавац мали, особено дингач, заедно со бабич и легендарниот пошип, само ја продолжуваат низата на интересни сорти што започнува од Кварнерскиот Залив. Белата жлахтина – во посериозен стил или како пенливо вино – црвениот дебит што полека ги открива своите карати, цветната мараштина, како и претходно споменатите сорти, ќе ви приредат многу убави моменти во скриени ВИП-заливчиња или во ресторани каков што е „Опат“, во истоимениот залив на Корнатите. Средновековниот витешки турнир со карневалот „Рабска фјера“, како живописно патување низ времето додава сочни туристички ароми на островот Раб, најјужниот во Кварнер, кој покрај одличното локално маслиново масло и сушен октопод, од срце ви го препорачуваме.
Да се доживее херцеговскиот карст и да се мине по патеките на Тин Ујевиќ
Блатина и жилавка – впечатливите вина на винарницата „Шкегро“ во Радиќиќи, во близината на Љубушки, најдобро го опишуваат тоа што ве очекува во Херцеговина: карпест пејзаж што е совршена подлога за овие сорти. Ним им е посветен високо ценетиот ено-гастро фестивал „Блаж енолоџи“ (Blaž Enology) во Меѓугорје, место познато по религискиот туризам, но интересно и за многу повеќе од тоа.
Чистите и убаво уредени гратчиња во близината на Неретва и Мостар, меѓу кои и Читлук, од година на година нудат сè побогата понуда и привлекуваат сè повеќе посетители.
И не само водопадот Кравица на реката Требижат, римските ископини или камените тврдини туку и винарниците, кои, покрај одличните вина, забрзано подготвуваат и сместувачки капацитети. „Царска вина Грга Васиљ“ (Carska Vina Grga Vasilj) со хотелот „Цесарица“ (Cesarica), винарницата „Читлук“ (Čitluk), „Нуиќ“ (Nuić), „Андрија“ (Andrija), прочуената биодинамичка винарница на Јосип Бркиќ – сите се вистински деликатеси за љубителите на вино.
Во веќе проверената комбинација на сорти последниве години се вброи и црниот трњак, кој доби заслужено место и сопствен фестивал – Фестивал на трњак (Festival Trnjak) во Љубушки, додека црвените и розе вината од оваа сорта привлекуваат сè поголемо внимание. Токму како и ресторанот „Табак“ (Tabak) во рамките на Музејот на тутунот.
Популарноста на сортата трњак ја преминува и соседната хрватска граница, во Вргорац, родното место на Тин Ујевиќ. Но тука вреди да се следи и трагата на локалната бела сорта кујунџуша, која води до центарот во околу педесетина километри оддалечениот Имотски – град познат како место со најмногу „мерцедеси“ по жител.
Влез во царството на вранецот и крaтошијата
Со посветена научна работа на интернационално ниво, вранецот и крaтошијата беа прогласени за автохтони црногорски сорти, а крaтошијата доби и свој официјален меѓународен ден – 24 април.
По само триесетина километри од Дубровник се стигнува во Требиње, царството на вранецот и жилавката. Лозјето крај студената Требишница, каде што се наоѓа винарницата „Подруми Вукоје 1982“ (Podrumi Vukoje 1982), крие меѓу виновите чокоти фабрика за дестилати и модерен бар, „Дестилерија аперитиво бар и шоп“ (Destilerija aperitivo bar & shop).
Требиње го красат вистинска медитеранска клима и шарм во рамките на стариот град, додека врвната гастрономија ги очекува посетителите во „Винска галерија“ (Vinska galerija), ресторан сместен над винскиот подрум на Радован Вукоје. Таму, годинава веќе деветта по ред, кон крајот на август, на терасата и покривот од каде што Требиње се гледа „како на дланка“, се одржува „Салон на жилавката“ (Salon žilavke), собирајќи ги речиси сите производители на ова вино од Херцеговина, како и голем број вински ентузијасти од странство.
Манастирот и винарницата на манастирот „Тврдош“ (Tvrdoš) претставуваат посебно доживување, а за оние што повеќе сакаат спортски и рекреативни центри, задолжителна дестинација е ресортот „Град на сонцето – воден и дино парк“ (Grad Sunca – Water & Dino park), оддалечен околу четири километри од центарот на Требиње.
Патот преку Никшиќ води кон Подгорица, каде што во Ќемовското Поле, на околу 2.300 хектари, се наоѓа еден од најголемите монолитни лозови насади во Европа, во сопственост на компанијата „Плантажи“ (Plantaže).
Со повеќе од над 11 милиони винови чокоти и голем број пробни насади, во Ќемовското Поле се наоѓаат и три огромни подруми. Највпечатлив меѓу нив е „Шипчаник“ (Šipčanik) – поранешен подземен аеродром, денес претворен во винска атракција. Дел од пејзажот е и реката Цијевна (Cijevna), која извира во Албанија и со својот кањон насликува магичен венец околу плантажата. Токму оттаму доаѓа популарниот вранец „про корде“ (Pro Corde), вино чии здравствени бенефиции научно се потврдени, а кое во 2025 година беше закитено со злато на престижниот „Декантер“ во Лондон.
Но, ако до пред неколку години единствената светла и вредна точка на винската сцена беше врзана за „Плантажи“ (Plantaže), ситуацијата со помош на европските фондови за развој забрзано се менува. Никнуваат нови, модерни и луксузни визби, особено ако тргнете по патот кон Цетиње.
Многу од нив се спуштаат кон Скадарско Езеро, нудејќи одлични вина, исклучителен мир во густото зеленило и елеганција. Вистинско место за да ја пробате сортата кратошија, која целиот свет ја пие под името зинфандел или примитиво, а во Хрватска како каштелански црљенак или трибидраг.
Оддалечена од патиштата, семејната винарница „Марковиќ“ во Доброско Село, покрај вината, нуди прекрасно уреден имот, стаклена и затворена сала за дегустација, четири сместувачки единици со базен и подрум ископан седум метри под земја во камен, со необична форма, исполнет со уметнички предмети и слики што го отсликуваат духовниот и световниот идентитет на Црна Гора. Како посебен раритет во Црна Гора нудат ретко пино ноар, но и црна темјаника донесена од манастирот „Буково“ во Неготинска Краина.
Врвно искуство со македонско вино во центарот на Скопје
По кој било добар пат да тргнете од Подгорица до Скопје ќе ви бидат потребни околу пет и пол часа возење. А само четири километри од центарот на престолнината на Македонија се наоѓа „Шато Камник“ (Chateau Kamnik) – несомнено една од најнаградуваните визби на Балканот. Нивниот моќен и префинет вранец, но и шираз, мерло и каберне, вината во шишиња со метална етикета, се доволна причина да се искачите до хотелот „Камник“, а потоа и до винарницата на врвот од ридот.
Нека не ве вознемират пукањата што повремено се слушаат – станува збор за стрелиште, а самиот влез во ресторанот на хотелот со четири ѕвезди „Хантерс лоџ“ (The Hunter's Lodge), веднаш под винарницата „Шато Камник“ (Chateau Kamnik), со големиот број трофеи на ѕидовите покажува дека овде ловот е забава број еден. Се разбира, веднаш по дегустацијата на врвните вина, додека од визбата опкружена со лозја се отвора поглед што се протега на голем дел од Скопје.
За овој гастрономско-хедонистички храм на сопственикот Ики Малинковски, познавачите на јадењата од дивеч, кои претставуваат голем дел од менито, тврдат дека можеби е и најдобриот таков ресторан во регионот.
Во моментално најбрзорастечката винска бајка на Србија
Паралелно со славата и енормната популарност на темјаниката во српските кафеани се одвива и брзиот подем на Фрушка Гора и зацврстувањето на оваа област на врвот на развојот на винско-туристичката култура.
Возењето од Скопје до Нови Сланкамен трае околу пет и пол часа, каде што на ридот е сместена ексклузивната визба „Ателје вина Шапат“ (Atelje vina Šapat), чиј ресторан „Флор де сол“ (Fleur de Sel) освои една од првите две ѕвезди на „Мишелин“ што досега им се доделени на српски ресторани. Одличните вина, фантастичниот сервис и кујна, извонредниот вински подрум и погледот кон Дунав и цела Војводина на север ќе воодушеват секого. А што е тука автохтоно? Па, виното „бјанка“ од сортата жолт мускат (која всушност е темјаника), се закити со златен медал на „Мундус вини“ (Mundus Vini) во Германија.
Шумадија, во винско-туристичка смисла, исто така се искачува на ново скалило – винарницата „Александровиќ“ (Aleksandrović) гради вински хотел, а веќе располага со апартмани во живописниот пејзаж на лозјата. Винарницата „Доја“ (Doja) во Топлица можеби има најлуксузни соби опкружени со лозје од црвениот автохтон крал меѓу сортите – прокупецот, додека „Деспотика“ (Despotika) во близината на Смедеревска Паланка располага со лозја и вина од сортата морава.
Сепак, од „Шапат“ (Šapat) патот нè води кон хрватската граница, до винарницата „Ердевик“ (Erdevik), оддалечена околу еден и пол час возење. Зошто? Затоа што „Шапат“ можеби има луксузни сместувачки капацитети и ресторан, но кујната на „Ердевик“ не е ништо помалку креативна, а освен тоа, енологот Тања Ѓуричиќ го создаде шардонето „омнибус лектор“, највисоко оценето српско вино на „Декантер“ досега. А што е тука автохтоно? Па, „белучи темјаника“, чија етикета со црната Мадона предизвика многу полемики.
Покрај винарницата има езеро и спортски терени, а недалеку, во селото Шишатовац, се наоѓа и „најлудата“ гаражна визба „Шишато“ (Chichateau), чиј розе „пинк панк“ го отвори новиот розов бран (New Rose Wave) во Србија.
Фрушка Гора денес е дом на грашецот, според популарноста најбрзорастечката бела сорта, особено откако „грашец винчиќ“ (Grašac Vinčić) ја освои титулата „Бест оф шоу“ (Best of Show) на „Декантер“ и беше вброен меѓу деветте најдобри бели суви вина во светот.
За жал, посебни препораки за сместување помеѓу овие две-три водечки винско-туристички дестинации речиси нема. Постојано се „филозофира“ околу тие капацитети, а ние продолжуваме понатаму – кон зајдисонцето.
Да побрзаме до почетната точка
Веднаш штом од Ердевик ќе преминете во Хрватска, ве пречекува рајот на врвните десертни вина со одлежување на Принциповац и посебен имот на Илочки подруми, сместен во зградата на летна резиденција на грофовско семејство од XIX век.
Оттука започнува владеењето на траминецот и грашецот, денес познат како грашевина, сорта што ќе го покаже својот полн израз во Кутјево, во истоимениот подрум, но и кај винопроизводителите Галиќ или Владо Краутакер. А за крал на вината од тој регион, повеќето го сметаат легендарниот Иван Ењинги.
Педесет километри јужно од Кутјево се наоѓа винарницата на веројатно најзначајниот винoпроизводител на Република Српска, Жељко Јунгиќ. Во Марковац, недалеку од Бања Лука, современата винарница со прекрасни лозја ќе ви ги понуди, покрај врвните интернационални сорти, веројатно најзападната темјаника и еден од најсеверните вранци. Толку, за да ја заокружиме автохтоната приказна.
А потоа, од Бања Лука уште 270 километри, или нешто повеќе од три часа кон север–северозапад, и стигнуваме на Старт во Свети Урбан. Па, ајде сè повторно – уште 2.817 километри, само други винарници и доживувања. Тоа некој другпат.
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Bloomberg
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...