Не е секоја тага иста. Постои и „добра тага“. Како голем љубител на цртаниот серијал „Снупи“ (Peanuts) и неговиот вечен губитник, но и непоправлив оптимист Чарли Браун, тоа го научив уште многу рано. „Good grief“ (О боже мили) беше неговиот препознатлив извик секогаш кога животот ќе го разочараше. Тој израз, кој благодарение на култниот стрип на Чарлс М. Шулц стана дел од поп-културата, совршено ја опишува мешавината од блага фрустрација, резигнација и прифаќање дека разочарувањата едноставно се составен дел од животот. Тоа е тага што не крши, туку потсетува дека животот не е секогаш по наша мерка, но и дека тоа не значи дека треба да се откажеме од обидите да го направиме подобар.
Токму таков спој на непријатност, загриженост, но и надеж почувствував кога мојот внук ми ја покажа песната што ја напишал на тема „Педесет години во иднината“, во која, меѓу другото, вели:
„Педесет години подоцна, небото е сиво. Сонцето е слабо, уморно, накривено. Воздухот ни ги пече белите дробови при секој здив. Тивко предупредување дека доаѓаат сè поголеми опасности...“
Прочитај повеќе
Половина Америка во опасност од чад, жештина или поплави
Екстремните појави во јули само го зголемуваат списокот на разулавени временски настани ширум светот оваа година, од жештината во Европа до супер тајфуните што го растргнуваат Пацификот.
пред 14 часа
Научниците потврдуваат дека климатските промени ги поттикнуваат екстремните временски услови
Проценката доаѓа во време кога временските непогоди доминираат во насловите и додека јавниот и приватниот сектор вложуваат ресурси во обид да разберат што следи.
16.07.2026
Борбата со жештините се сели и во индустријата за облека
Глобалната индустрија за облека започнува да се справува со последиците од рекордните температури, кои загрозуваат десетици милиони работници и ја намалуваат продуктивноста.
12.07.2026
Масовниот туризам доби нов противник
Повеќе не станува збор само за бројот на апартмани, крузери или хотелски кревети. Сè повеќе станува збор за тоа колку туристичките дестинации се подготвени за свет во кој климатските промени ќе бидат подеднакво важен фактор како и бројот на гостите.
05.07.2026
Зошто Европа се загрева двојно побрзо од светскиот просек?
Топлинските бранови стануваат сè почести, поинтензивни и подолготрајни низ Европа, континентот што се затоплува најбрзо во светот.
26.06.2026
Водич за инвеститорите низ реткиот „Супер Ел Нињо“
Како што стивнува загриженоста поради војната со Иран, инвеститорите на берзите се соочуваат со нова закана.
21.06.2026
Објавена е листата на најдобрите европски дестинации за бегство од летните горештини
Сè повеќе туристи поради високите температури избираат посвежи дестинации за летен одмор.
21.06.2026
Бев импресионирана од начинот на кој, со само тринаесет години, успеал да ја преточи големата грижа на нашето време во неколку едноставни стихови. А неподносливите горештини и климатските катастрофи низ светот во тие денови - тренд што, за жал, продолжува - направија неговата визија за иднината да изгледа непријатно блиска, како веќе да тропа на вратата како непоканет гостин што доаѓа без подарок.
Шулц напишал и нацртал дури 17.897 објавени стрипови, што претставува најдолгата приказна што некогаш ја раскажал еден човек. Во текот на пет децении, почнувајќи од 1950 година, ги следел Чарли Браун, неговиот бигл Снупи и групата деца од соседството низ мали победи, големи разочарувања и сите сложености што ги носи животот/Depositphotos
Некако токму тогаш дојдов до книгата „Климатска етика“ (Klimaethik) на германскиот филозоф Дитер Бирнбахер, дело што нуди едно од најзначајните согледувања за етичката димензија на климатските промени и го отвора прашањето за климатската правда во контекст на идните генерации.
Бирнбахер не ја гледа климатската криза само како научен или политички проблем. За него, таа пред сè е прашање на морална одговорност. Климатските промени отвораат едно од најтешките етички прашања на нашето време: каква обврска имаме кон луѓето што сè уште не постојат?
Климатска правда: Кој го создаде проблемот, а кој ја плаќа цената?
Она што ја прави климатската етика на Бирнбахер толку значајна е токму прашањето за одговорноста кон луѓето кои денес не можат да учествуваат во нашите одлуки. Климатската криза не ја создале подеднакво сите генерации, но ниту последиците нема да бидат подеднакво распределени. Оние што најмалку придонеле за проблемот би можеле да бидат оние што најмногу ќе живеат со неговите последици.
Тоа е она што Бирнбахер го нарекува „временска неправда“. Луѓето што ќе живеат по педесет или сто години немаат можност да влијаат врз изборите што ги правиме денес, но ќе живеат во светот што тие избори го обликуваат. Нивните права и човечко достоинство не треба да вредат помалку само затоа што сè уште не се родени.
Од таа идеја произлегува и нашата обврска: на следните генерации да не им оставиме планета што е посиромашна, поопасна и помалку способна да поддржува живот отколку што сме ја наследиле. Бирнбахер предлага секоја генерација зад себе да остави најмалку онолку функционални природни ресурси колку што самата наследила.
Но, можеби најголемиот предизвик во оваа приказна е токму најчовечкиот - иако можеме да го разбереме моралниот принцип дека сите луѓе имаат еднаква вредност, нашата способност да се грижиме најчесто е врзана за она што ни е блиску. Лесно чувствуваме одговорност кон семејството, пријателите или луѓето чие страдање го гледаме. Многу потешко е да мислиме на оние што сè уште немаат ниту лице ниту глас. Токму затоа идните генерации се најголемиот тест за нашата етичка зрелост.
Зошто климатската етика мора да биде независна?
Овој предизвик го потврдува и новиот бран климатски спорови ширум светот (дојдов до податок дека постојат повеќе од 2.400 климатски тужби). Еден од најинтересните случаи беше покренат во 2020 година од група од шест млади луѓе од Португалија – браќа и сестри и нивни пријатели, тогаш на возраст меѓу 8 и 21 година.
Овој случај, познат како „Дуерте Агоштињо и други против Португалија и уште 32 држави“ (Duarte Agostinho and Others v. Portugal and 32 Other States), беше покренат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Младите тужители наведоа дека климатските промени директно ги загрозуваат нивните основни човекови права, особено правото на живот, правото на приватен и семеен живот и правото на заштита од дискриминација.
Нивниот аргумент беше дека државите не направиле доволно за да ги намалат емисиите на стакленички гасови и дека последиците од климатските промени веќе ги погодуваат. Како пример ги наведоа сè почестите топлотни бранови, шумските пожари и влошувањето на квалитетот на воздухот во Португалија.
Особено ги истакнаа пожарите што во претходните години ја погодија Португалија, вклучително и катастрофалните шумски пожари во 2017 година, во кои загинаа повеќе од сто луѓе. Тврдеа дека нивната генерација ја плаќа цената за одлуките што ги носеле претходните генерации.
Пожарникари гаснат шумски пожар во регионот Авеиро, Португалија, во среда, 18 септември 2024 година/Jose Sarmento Matos/Bloomberg
Она што овој случај го направи историски значаен е тоа што младите не ја тужеа само Португалија, туку и уште 32 европски држави, вклучувајќи ги и најголемите емитери на стакленички гасови во Европа. Од судот побараа да им наложи на државите да воведат построги климатски мерки.
Меѓутоа, во април 2024 година Европскиот суд ја отфрли тужбата од процесни причини, оценувајќи дека тужителите претходно не ги исцрпиле сите правни можности во својата држава и дека Судот нема надлежност над сите држави опфатени со тужбата. Иако не одлучуваше за суштината на климатските аргументи, случајот предизвика голем одек бидејќи покажа дека климатската криза сè повеќе се гледа како прашање на човекови права, а не само на заштита на животната средина.
Четврта власт за оние што немаат глас
Бирнбахер истовремено препознава уште еден голем проблем: современите демократски институции главно функционираат во рамките на сегашноста. Климатските промени, пак, не функционираат така – нивните последици се протегаат низ децении и векови. Затоа Бирнбахер бара начини долгорочната одговорност структурно да се вгради во институциите. Неговиот предлог е познат како моделот на „четвртата власт“.
Идејата е, покрај традиционалната поделба на власта на законодавна, извршна и судска, да постои и посебна институција што би ги претставувала интересите на идните генерации – своевиден „Совет на чувари на иднината“.
Нејзината улога би била да ги оценува одлуките не само низ прашањето: „Дали ова е добро за нас денес?“, туку и низ прашањето: „Каков свет оваа одлука им остава на луѓето што ќе живеат по нас?“
Најблизок пример за спроведување на оваа идеја во практика доаѓа од Велс, кој во 2015 година прв законски ја призна обврската на државата да ги штити интересите на идните генерации преку Законот за благосостојбата на идните генерации (Well-being of Future Generations Act).
Со овој закон е воведена независната функција Комесар за идните генерации, кој има мандат да следи дали јавните институции ги земаат предвид долгорочните последици од своите одлуки.
Законот бара од јавните тела во Велс да го разгледуваат влијанието на своите одлуки во период од 50 и повеќе години однапред. Еден од најпознатите примери за примена на овој принцип беше случајот со голем проект за проширување на патната инфраструктура вреден неколку милиони фунти. Комесарот го оспори проектот, тврдејќи дека вложувањето големи јавни средства во инфраструктура заснована на фосилни горива е спротивно на обврските кон идните генерации. Наместо тоа, беше предложена промена на приоритетите – пренасочување на инвестициите кон поодржлив јавен превоз.
Германија, пак, избра поинаков пристап. Наместо создавање нова институција, нејзиниот правен систем ги коригираше постојните уставни механизми. Во одлуката од 2021 година, германскиот Сојузен уставен суд оцени дека државниот закон за климата не ги штити доволно слободите на идните граѓани.
Логиката на Судот беше дека денешните одлуки за емисиите директно влијаат врз просторот на слобода на идните генерации. Ако денес се потроши преголем дел од „климатскиот буџет“, идните граѓани ќе бидат принудени на многу построги ограничувања за да се избегнат катастрофалните последици од климатските промени. На тој начин, нивните идни слободи би биле загрозени.
Сепак, и двата пристапа имаат свои жестоки критичари. Најчестите критики се однесуваат на прашањето за спроведувањето на одлуките. Не е доволно да се признае моралната или правната обврска кон идните генерации. Kлучното прашање останува како да се обезбеди таа обврска навистина да влијае врз носењето на одлуките.
Без јасни механизми за контрола и последици, институциите наменети за заштита на иднината можат да останат само симболичен гест.
Што ние како поединци можеме да направиме?
Во потрага по одговор на тоа прашање посегнав по уште една книга – „Човештвото: историја што влева надеж“ (Humankind: A Hopeful History) од холандскиот историчар и писател Рутгер Брегман.
Брегман стана особено познат по панелот на Светскиот економски форум во Давос во 2019 година, кога директно ги критикуваше присутните милијардери и политичари. Тој укажа на она што го гледаше како парадокс на Давос: луѓето што се собираат да разговараат за нееднаквоста често избегнуваат да зборуваат за сопствената улога во економскиот систем што ја создава таа нееднаквост. Тој го спореди тоа со конференција на пожарникари на која никој не сака да ја спомене водата, односно основното решение на проблемот (во конкретниот случај, критиката се однесуваше на избегнувањето плаќање даноци од страна на најбогатите).
Во оваа книга Брегман наведува интересен пример од истражувањето на германскиот психолог и невронаучничка Тања Сингер и будистичкиот монах Матје Рикар, кој го напуштил светот на науката.
Рикар е познат по својата неверојатна способност да ги контролира сопствените мисли. Авторот наведува дека, за да го достигне тоа ниво, кумулативно поминал околу 50.000 часа во медитација.
Сингер го поканила едно утро да помине време во нејзиниот мозочен скенер за да проучи што се случува кога чувствуваме емпатија. За да предизвика емоционална реакција, претходната вечер му пуштила документарен филм за напуштени сирачиња во една институција во Романија. Следниот ден го замолила да се соживее со нивното страдање. По сеансата, Рикар бил целосно исцрпен.
Тогаш таа решила да го промени пристапот. Повторно го замолила да мисли на сирачињата, но не така што ќе замислува дека е на нивно место, туку едноставно „да биде тука за нив“. Разликата била јасно видлива на снимката од мозокот. Емпатијата го активирала предниот дел на инсулата - еден од клучните центри во мозокот што ги поврзува телесните сензации со нашите свесни чувства и мотивацијата за дејствување. Таа ги претвора телесните сигнали, како што се напнатоста или „чувството во стомакот“, во свесно емоционално искуство. Исто така, учествува во создавањето субјективни емоции, како љубов, страв или одвратност, но и во препознавањето на емоционалните состојби кај другите луѓе.
Во вториот експеримент се активирале сосема поинакви делови од мозокот: corpus striatum (дел од системот за награда, кој учествува во мотивацијата, учењето и чувството на задоволство кога правиме нешто што го сметаме за вредно или корисно) и орбитофронталниот кортекс (кој помага во процената на последиците од нашите постапки, донесувањето општествени и морални одлуки и регулирањето на емоциите. Тој проценува што е „исправно“ или корисно во одредена ситуација).
Наместо исцрпеност, се појавила енергија. Се активирало она што се нарекува „одговорност заснована на сочувство“ (compassion).
За филмски поглед на етичките климатски дилеми, препорака е научнофантастичната сатира „Не гледај нагоре“ (Don't Look Up) со Џенифер Лоренс и Леонардо Ди Каприо (Netflix)/ Vittorio Zunino Celotto/Getty Images Europe
Како да го „истренираме“ мозокот за сочувство?
Разликата меѓу емпатијата и сочувството можеби е токму она што ни е потребно кога зборуваме за климатската криза. Емпатијата нè поврзува со другите, но има и свои ограничувања: ако постојано сме изложени на соживување со туѓата болка, можеме да станеме исцрпени, преплавени и на крајот пасивни. Одговорноста заснована на сочувство, објаснува Брегман, е обид да го препознаеме туѓото страдање и од тоа разбирање да дејствуваме: „Тоа е поконтролирано, подистанцирано и поконструктивно.“ Тоа не значи дека чувствуваме помалку, туку дека чувството го претвораме во акција. Тоа можеби е клучната разлика и увид кога зборуваме за климатските промени.
Ако постојано зборуваме дека иднината е катастрофална, дека последиците се неизбежни и дека сè е изгубено, можеме да создадеме чувство на немоќ. Но, ако ја развиваме способноста да го согледаме проблемот, да ја признаеме неговата сериозност и истовремено да веруваме дека нашите постапки имаат смисла тогаш создаваме простор за промена.
Експериментот со мозокот покажува уште нешто многу важно: тој може да се „тренира“, исто како и телото. Ако ги развиваме вниманието, трпението и способноста да ја согледаме перспективата на другите луѓе, тогаш можеме да ја развиваме и способноста за поголема колективна одговорност. Затоа прашањето за иднината на планетата не е само прашање на технологијата, економијата и политиката. Можеби многу повеќе е прашање на тоа какви луѓе сакаме да бидеме.
И за крај, крајот на песната на мојот внук, која иако започнува со слика што изгледа речиси дистописки, завршува со повик на одговорност:
„Земјата нè гледа со своето тажно лице, со лузните што човекот ги оставил безброј. Ни подари живот, ни подари дом, а сега стои ранета и сама.“
Во овие стихови постои свест дека светот што го имаме не е само наш и дека она што денес го земаме здраво за готово, некој утре можеби нема да го има. Фактот што едно тринаесетгодишно дете веќе ја разбира таа поврзаност можеби е и најголемата причина за надеж.
Good grief“ (О боже мили)!