„Во работниот ден во 2050 година замислете се себеси како лебдите меѓу виртуелните светови, се среќавате во холографски соби, додека паметните роботи ви доаѓаат на помош, а паузите ги минувате играјќи аркадни игри во реалност потопена во технолошка магија. Вака ЧетГПТ (ChatGPT) го опишува вашиот работен ден за 30 години.
Во следните децении, технологијата во голема мера ќе го промени начинот на кој работиме - од мали нешта како изгледот на канцелариите, па до укинување одредени работни места што вештачката интелигенција (и нејзиното сегашно олицетворение ЧетГПТ) би можела да ги преземе. Последиците ќе бидат и добри и лоши - иако е можно да се работи оддома со очила за виртуелна реалност и во рамките на пократко работно време, метаверзумот и вештачката интелигенција носат одредени ризици.
Како што предвидува самиот ЧетГПТ, рутинските физички и административни задачи се првенствено изложени на ризик. Кога го прашавме кои работни места ќе може да ги замени, виртуелниот асистент спомна работни позиции во областа на поддршка на корисниците или креирање содржини, како и можност да помогне во различни истражувања со давање релевантни информации.
„Некои работни места ќе исчезнат, ќе се отворат нови, а побарувачката во некои сектори ќе се прошири“, вели Љубиша Бојиќ, футуролог и координатор на Лабораторијата за дигитално општество, која е дел од Институтот за филозофија и социјална теорија. Според него, автоматизацијата најмногу може да влијае на производството и на работните места како што се склопување производи, пакување и контрола на квалитетот, како и транспорт и логистика, каде што автономните камиони, возови и дронови можат да го променат начинот на работа на возачите, работниците во магацин и куририте.
Покрај тоа, малопродажбата би можела да ги изгуби продавачите и работниците во складиштата поради новите технологии, како што се автономно вчитување баркодови, автоматизирани магацини и роботски асистенти. Како „губитници“ во развојот на технологијата ги споменува и работниците што се занимаваат со обработка на податоци и внесување информации, како и администрацијата и менаџментот.
Од позитивен аспект, има и сектори за вработување што веројатно ќе доживеат раст во следните 20-30 години. Меѓу нив ја споменува медицината, која ќе се приспособи на стареењето на населението и медицинските сестри, терапевтите и персоналот за нега „веројатно ќе останат во побарувачка“. Тој ги споменува и технологијата и инженерството, особено областите на истражување и развој на технологии за вештачка интелигенција, како и образованието, сектори што се потпираат на човечката креативност, како што се уметноста и медиумите, но и енергијата и одржливоста.
„Сепак, овие трендови може значително да варираат во зависност од регионалните, економските и политичките фактори. Тешко е да се предвидат прецизни исходи 20-30 години однапред, но јасно е дека адаптацијата и стекнувањето нови вештини ќе бидат клучни за подготвеноста на работниците за работните места од иднината“, заклучува Бојиќ.
„Верувам дека во 2050 година секој човек ќе има дигитален вработен или тим од дигитални вработени (засновани на вештачка интелигенција), кои ќе работат во негов интерес, а улогата на личноста ќе биде да ги анализира заклучоците и да ги насочи своите дигитални вработени“, објаснува Нино Карас, генерален директор и косопственик на софтверската компанија „Кодвел“ (Codewell). Неговата компанија го создаде дигиталниот асистент Ада, првиот дигитален вработен во Владата на Северна Македонија, кој им помага на потенцијалните инвеститори да инвестираат во земјата.
Покрај вештачката интелигенција, на иднината на работата секако ќе влијаат и виртуелната (ВР) и проширената (АР) реалност, која ќе се развива во заднината на војната што веќе се води на ова поле меѓу големите технолошки гиганти. Рака под рака со тоа оди развојот на метаверзумот, мрежа од 3Д виртуелни светови фокусирани на создавање социјални врски.
Како што вели Бојиќ, виртуелната и проширената реалност имаат огромни можности за промена на светот до 2050 година, не само на работните места туку и во сите сегменти од нашиот живот. „Метаверзумот и сродните платформи можат да поттикнат соработка, дозволувајќи им на луѓето да работат заедно на проекти во заеднички виртуелни простори и да пристапат до ресурси и алатки во виртуелна средина“. Дури и ЧетГПТ вели дека метаверзумот ќе го револуционизира начинот на кој комуницираат луѓето.
„Од друга страна, технологиите ВР и АР имаат потенцијал да ги подобрат обуката и развојот на вештините, што е особено корисно во секторите како што се медицината, архитектурата и инженерството“, додава Бојиќ, објаснувајќи дека овие технологии веќе се користат во обука на лекарите и дека би можеле да помогнат и во дијагнозата и терапијата.
Сепак, новите медиуми носат со себе одредена доза загриженост поради брзиот развој и промените што ќе ги направат во меѓучовечките односи, сферата на работата и слободното време. Бојиќ забележува дека е важно што поскоро да се оформат регулативи за ова поле.
„Користејќи ги овие технологии, не е можно да се заменат односите меѓу луѓето во директна реалност, иако ВР и АР ќе создадат илузија дека е така. Тоа е нивната најголема опасност“, предупредува Бојиќ.
ВР-очилата може да овозможат поинаков вид работа на далечина, имајќи предвид дека 3Д-искуството дава чувство за физичкото присуство на другите. Според некои прогнози, ЧетГПТ може да доведе до пораспространета четиридневна работна недела. За тоа сведочи прогнозата на консултантската компанија „Мекинзи“ (McKinsey) од пред неколку години дека околу половина од работното време низ светот се троши на задачи што можат да се автоматизираат. Сега таа процена се зголемува на дури 60-70 отсто.
Бојиќ предвидува дека за 30 години канцелариите исто така би можеле да изгледаат поинаку, со поголем фокус на заеднички простории или удобни и приспособливи домашни канцеларии. Покрај тоа, флексибилното работно време веќе станува сè попопуларно, вели тој, при што балансот помеѓу работата и приватниот живот зазема централно место, што ќе го префрли фокусот на менталното здравје и благосостојбата на вработените. „Организациите веројатно ќе инвестираат повеќе во програми за поддршка на благосостојбата на вработените, како што се програми за намалување на стресот и флексибилното работно време“, објаснува тој.
Карас смета дека компаниите ќе вработуваат многу помалку луѓе од денес, па ќе има и „гиганти“ со само десетина вработени.
„Верувам дека работната недела ќе се намалува со текот на времето до 2050 година или целосно ќе се изгуби како концепт, додека од друга страна работното време на компаниите ќе се зголеми, при што до 2050 година повеќето од нив ќе нудат услуга 24/7“, објаснува директорот на „Кодвел“.
Исто така, менаџментот повеќе ќе ги цени „меките“ вештини, како што се комуникацијата, приспособливоста и емпатијата и ќе инвестира повеќе во обука на вработените и нивно континуирано подобрување, со посебен акцент на различноста и инклузивноста. „Организациите ќе ги подобрат процесите на регрутирање, ќе развијат инклузивни програми за обука и ќе создадат корпоративна култура што поддржува еднаквост и различност, меѓу другото, и поради креативност. Гиг-економијата и ангажманот на независни работници стануваат сè поприсутни во бизнисот“, смета Бојиќ. Дополнително, Линкдин (LinkedIn) предвидува дека вештините, а не дипломите, ќе бидат сè повеќе ценети на пазарот на трудот.
„Работодавците и вработените ќе станат приспособливи, отворени за иновации и подготвени за предизвиците на иднината“, заклучува Бојиќ.