Најголемиот предизвик не е да станете највредната компанија во светот, туку да останете на врвот.
Компанијата „Енвидија“ (Nvidia Corp.) продолжува да остварува одлични резултати на сите полиња, а растот на нејзиниот профит предизвикува завист во индустријата на чипови. Сепак, некако тоа повеќе не е доволно. Цената на акциите на компанијата оваа година значително заостануваат зад другите производители на полупроводници, бидејќи инвеститорите почнаа да бараат помалку истакнати победници во актуелниот бум на вештачката интелигенција (ВИ).
Извршниот директор Џенсен Хуанг покажа доза на фрустрација за време на посетата на Тајван, кога на собраните инвеститори им порача дека само „лудаци“ можат да го доведат во прашање повратот на инвестициите во ВИ. Во последно време, најавите на „Енвидија“ главно повеќе ја зголемуваат вредноста на акциите на други компании отколку на сопствените.
Еве неколку области во кои пробив би можел повторно да ги загрее инвеститорите за „Енвидија“:
Прочитај повеќе
„Енвидија“ и „Хјундаи“ го забрзуваат развојот на роботи за фабриките на иднината
Извршниот директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, и извршниот претседател на „Хјундаи“, Чунг Еуисун, ја претставија проширената визија за нивното партнерство во областа на вештачката интелигенција.
08.06.2026
Купувајте - порачува извршниот директор на „Енвидија“ за распродажбата на технолошките акции
Џенсен Хуанг тврди дека изградбата на вештачката интелигенција штотуку започнала.
08.06.2026
Џенсен Хуанг ја освои сцената во Сеул со „Ноќ на уличниот театар“
Главниот извршен директор на „Енвидија“ (Nvidia Corp) слета во Сеул и веднаш го запали квартот.
06.06.2026
„Енвидија“ купи стартап основан од Mакедонецот Вања Јосифовски и Словенецот Јуре Лесковец
„Кумо АИ“ развива модели наменети за предвидување деловни настани.
04.06.2026
Големи клиенти
„Енвидија“ на презентацијата на резултатите во мај подетално ги разложи изворите на своите приходи и посебно се осврна на зависноста од своите најголеми купувачи, таканаречените хиперскелери, односно големи технолошки компании како „Алфабет“ (Alphabet Inc.), „Амазон“ (Amazon.com Inc.), „Мета“ (Meta Platforms Inc.) и „Мајкрософт“ (Microsoft Corporation).
Овие хиперскелери беа главниот двигател на растот на приходите на „Енвидија“ од година во година. Овие компании купуваат околу половина од „акцелераторските“ чипови на „Енвидија“ (специјализирани микрочипови дизајнирани да извршуваат одредени видови математички пресметки неверојатно брзо и ефикасно, заб. прев.) за ВИ дата-центри, а сите се обидуваат да развијат сопствени полупроводници за да ја намалат зависноста од оваа компанија, со различен степен на успех.
Од „Енвидија“ порачуваат дека и натаму го зголемуваат својот удел кај овие клиенти. Финансиската директорка Колет Крес нагласи дека вториот дел од бизнисот со дата-центри - оној што опслужува влади и корпорации помали од хиперскелерите - растел побрзо во првиот квартал од 2026 година отколку во претходните три месеци. Тоа е насоката во која инвеститорите сакаат да се движат работите: повеќе купувачи и помала зависност од тесен круг големи технолошки играчи кои сакаат да развиваат сопствени решенија.
Bloomberg
Кина
Втората најголема економија во светот претставува најголем поединечен пазар за полупроводници, а „Енвидија“ таму и понатаму не може да ги продава своите најдобри производи. Извозните ограничувања на САД, воведени во име на националната безбедност, ја спречуваат продажбата на најнапредните ВИ процесори на кинеските купувачи.
Иако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дозволи извоз на некои постари модели, тоа не ѝ помогна на „Енвидија“ бидејќи кинеската влада не им дозволи на своите компании да ги купуваат. Извршниот директор Хуанг, кој патува низ светот, има уште многу работа пред себе за да ги убеди политичарите да му дадат поголема слобода за работење во Кина. Засега, „Енвидија“ нема приходи од дата-центри во земјата која се натпреварува со САД за доминација во областа на ВИ.
Персонални компјутери
„Енвидија“ денес сочинува околу 12 отсто од вкупната вредност на сите акции во индексот Nasdaq Composite. Според извештај на аналитичари од „Банка на Америка“ (Bank of America), близу 80 отсто од активно управуваните фондови веќе ги поседуваат овие акции.
Секој квартал компанијата бележеше огромен раст и ги надминуваше проценките за приходи за милијарди долари. Нејзините приходи сега се на пат да сочинуваат повеќе од една третина од вкупните приходи на целата индустрија на чипови.
Едноставно кажано, редот за купување на ВИ чиповите на „Енвидија“ станува сѐ подолг и сите знаат дека компанијата работи неверојатно добро. Другата страна на ваквиот успех е тоа што на раководството му станува потешко да го привлече вниманието на инвеститорите кога има нешто ново да најави.
Најновиот исчекор на „Енвидија“ на пазарот на процесори за персонални компјутери, претставен на саемот „Компјутекс“ (Computex) на 1 јуни, покажа како би можело да изгледа тоа.
Меѓутоа, овој потег носи и ризици. На пазарот на компјутерски процесори владее многу поголема конкуренција; просечните продажни цени се мерат во десетици или најмногу стотици долари. Од друга страна, ВИ акцелераторите на „Енвидија“ се продаваат за десетици илјади долари по парче и се клучни за нејзината астрономска бруто-профитна маржа од 75 отсто.
Производителот на компјутерски процесори АМД (Advanced Micro Devices Inc.) оствари маржа од 55 отсто во минатиот квартал, додека „Интел“ (Intel Corp.), кој се соочува со потешкотии, бележеше маржи од околу 40 отсто.
ВИ насекаде
„Енвидија“ на своите настани обично претставува низа нови производи и унапредувања во сѐ поширок спектар на ВИ технологии. Многу од тие производи се софтвери со отворен код кои бесплатно се споделуваат за да ја поттикнат побарувачката за хардверот на компанијата, па затоа не носат непосредна продажба.
Тие проекти изгледаат прилично специјализирано: прототипови на хуманоидни роботи за истражувачи, софтвер за планирање дата-центри, податоци за симулација на самоуправувачки автомобили и системи наменети за поврзување на ВИ со техниките на квантното компјутерство.
Сето тоа е насочено кон тоа вештачката интелигенција да стане што поприсутна во секојдневниот живот. Сепак, не е најјасно колку од овие примери на конкретна примена ќе бидат доволни за повторно да поттикнат силен раст на акциите на „Енвидија“.
Ќе биде потребен посилен замав за да се ублажи загриженоста на инвеститорите дека вложувањето во ВИ можеби отишло предалеку во однос на реалните практични придобивки и дека се заканува пукање на ВИ балонот.