Трката за развој на вештачката интелигенција донесе оптимизам поради новите иновации во науката и медицината, поголемата продуктивност и силниот економски раст. Но истовремено отвори и загриженост дека оваа технологија би можела да згасне милиони работни места, особено канцелариски, и дополнително да го концентрира богатството.
Џефри Хинтон, кој често го нарекуваат „кумот на вештачката интелигенција“, предупреди дека вештачката интелигенција наскоро би можела да замени многу интелектуални професии. Слични предупредувања испратија и челници од Волстрит, меѓу нив извршниот директор на „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase), Џејми Дaјмон, и извршната директорка на „Ситигруп“ (Citigroup), Џејн Фрејзер.
Шефот на „Стандард Чартерд“ (Standard Chartered) мораше да се извини откако изјави дека оваа технологија ќе влијае врз „човечкиот капитал со пониска додадена вредност“. Загриженоста на јавноста растеше паралелно со ваквите предупредувања. Истражувањето што во 2025 година го спроведе ПРЦ (Pew Research Center) покажа дека приближно една третина од вработените во САД сметаат дека вештачката интелигенција ќе ги намали нивните можности за вработување.
Прочитај повеќе
Зошто САД ја блокираа својата најмоќна алатка за вештачка интелигенција?
Иако администрацијата тврди дека ја штити земјата од сајбер закани, потезите против домашните компании за вештачка интелигенција би можеле да станат сериозен проблем за американските одбранбени системи.
17.06.2026
„Антропик“ предлага пауза во развојот на вештачката интелигенција поради големи ризици
„Антропик“ повикува на итна пауза во развојот на вештачката интелигенција, предупредувајќи дека технологијата може да излезе од човечка контрола.
11.06.2026
Првото вработување и во Македонија: Диплома ама и курсеви, академии, сертификати...
Дипломата сè почесто е само почетна точка. Младите собираат сертификати и учат ВИ, додека работодавците бараат job-ready кандидати уште од првиот ден.
16.06.2026
Како вештачката интелигенција го менува процесот на барање работа
Вештачката интелигенција сè почесто ја оценува вашата биографија пред луѓето. Постојат конкретни чекори што можете да ги преземете за да поминетe на селекцијата со ВИ. Дознајте ги во продолжение...
03.06.2026
Не отфрлајте ја тастатурата во ВИ-револуцијата
Долгорочната зависност од ВИ води кон когнитивен пад и генерички идеи.
26.05.2026
Во Кoреја падна предлог граѓаните да добијат надомест од профитите на вештачката интелигенција
Јужна Кореја размислува граѓаните да добијат дел од огромните ВИ-профити, но предлогот веднаш ја потресе берзата и предизвика пад на акциите.
12.05.2026
Економистите како Џозеф Шумпетер тврдеа дека претходните технолошки револуции отвориле повеќе нови работни места отколку што уништиле. Денешната загриженост произлегува од фактот дека вештачката интелигенција го автоматизира интелектуалниот труд исто како и физичкиот, поради што би можела да го прекине тој историски образец. Затоа сè поголем број економисти, технолошки лидери и креатори на политики од различни идеолошки насоки поддржуваат програми што би ги ублажиле најтешките последици од губењето работни места поради вештачката интелигенција и би спречиле општествен отпор кон оние кои финансиски профитираат од неа.
Ризикот од губење работни места поради вештачката интелигенција се однесува на работници ширум светот. Сепак, притисокот да се најдат решенија би можел да биде особено изразен во САД, каде надоместоците за невработеност траат пократко и се помалку издашни отколку во многу други развиени земји.
Еве преглед на предлозите со кои би можеле да се ублажат последиците од губењето работни места предизвикани од вештачката интелигенција (ВИ).
Дивиденди од вештачка интелигенција
Според овој модел, граѓаните директно би добивале дел од богатството што го создаваат компаниите кои развиваат ВИ. Поддржувачите на ваквиот пристап сметаат дека овие технологии се обучени на податоци создадени од јавноста и дека граѓаните имаат право да учествуваат во користа што тие ја создаваат.
Некои поддржувачи на системот на дивиденди предлагаат средствата да се обезбедат преку прераспределба на профитот или приходите на ВИ-компаниите преку даноци. Ким Јонг-бом, шеф за политики на јужнокорејскиот претседател, во мај на социјалните мрежи предложи „граѓанска дивиденда“ финансирана преку даноци на вештачката интелигенција. Неговата објава го потресе јужнокорејскиот берзански пазар. Ким подоцна објасни дека не предложил воведување нови даноци за компаниите, туку користење на „вишокот даночни приходи“ што би ги создавал развојот на вештачката интелигенција.
Во моментов водечките компании кои развиваат вештачка интелигенција остваруваат многу мал профит или воопшто не работат профитабилно, а таквата ситуација би можела да трае со години, дури и ако технологијата широко се прошири низ светот. Ако овој тренд продолжи, владите можеби нема да бидат подготвени силно да ја оданочат индустријата која работи со загуби, дури и во сценарио во кое ВИ ќе уништи голем број работни места.
Истовремено, вредноста на овие компании достигнува огромни размери. Американскиот сенатор Берни Сандерс предложи алтернатива на прераспределбата на дел од профитот или приходите преку даноци. Според неговата идеја, граѓаните преку државен инвестициски фонд би добиле директен сопственички удел во компании како „Антропик“ (Anthropic), „Опен еј-ај“ (OpenAI) и други ВИ-гиганти.
На тој начин, смета Сандерс, обичните граѓани би можеле директно да учествуваат во растот на вредноста на овие компании.
„Ако најголемите ВИ-компании продолжат да растат со брзината што ја очекуваат многу аналитичари, ќе расте и вредноста на државниот инвестициски фонд“, напиша Сандерс.
Bernie Sanders predlaže da građani dobiju vlasnički udio u AI kompanijama | Bloomberg
Таков фонд би функционирал слично на моделот што Алјаска го воспостави во 1970-тите години, кога дел од приходите од нафтата почна да им ги исплаќа на своите жители.
„Антропик“ и „Опен еј-ај“ исто така поддржуваат сличен пристап. И американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека граѓаните би можеле да имаат корист од успехот на вештачката интелигенција ако државата стекне сопственички удели во технолошките компании.
„Ако го направиме тоа, јавноста ќе стане многу богата“, изјави Трамп на 10 јуни.
Во сојузната држава Њујорк, сличен предлог изнесе и пратеникот Алекс Борес, поранешен вработен во „Палантир“ (Palantir) кој се кандидира за американскиот Конгрес. Тој предлага програма за јавни дивиденди која делумно би се финансирала преку приходите од државните удели во компаниите што развиваат вештачка интелигенција.
Загарантиран основен приход
Друга мерка за која често се разговара во контекст на можното намалување на бројот на работни места поради вештачката интелигенција е загарантираниот основен приход, односно редовни парични исплати што државата директно им ги уплаќа на граѓаните.
Историски гледано, многу од таквите програми биле насочени кон одредени групи од населението, на пример кон руралното население во Кенија или невработените лица во Финска. Лабораторијата за основен приход на Стенфорд евидентирала повеќе од 200 пилот-проекти само во САД.
Овие програми, кои ги финансираат донатори и јавни фондови, најчесто во одреден временски период исплаќаат скромни парични износи на десетици или стотици луѓе од групи како самохрани мајки или поранешни затвореници. Некои служат за покривање на основните животни трошоци, додека други помагаат во финансирање грижа за деца или стручно оспособување.
Организацијата ФФГИ (Fund for Guaranteed Income) во март започна една од првите такви програми наменети за работници кои ја изгубиле работата поради вештачката интелигенција. Проектот се спроведува на ниво на целите САД и е насочен кон вработени во сектори како технологија и маркетинг. Учесниците во текот на една година добиваат околу 1.000 долари месечно, а програмата вклучува и едукација и помош при барање ново вработување.
Засега во програмата учествуваат само пет лица, но организаторите до крајот на годината сакаат бројот на корисници да го зголемат на 2.000.
Слична дебата се води и во Обединетото Кралство. Тамошниот министер за инвестиции претходно годинава изјави дека владата разговарала за можноста за воведување основен приход за работници во индустрии кои вештачката интелигенција би можела особено да ги погоди.
Минатата година Маршалските Острови станаа првата држава во светот која воведе национална програма за универзален основен приход. Исплатите се спроведуваат преку валута базирана на блокчејн технологија.
И други држави разгледуваа слични модели. Јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјун се залагаше за универзален основен приход за време на својата изборна кампања, наведувајќи ја меѓу причините и можноста вештачката интелигенција да укине дел од постојните работни места.
Во последните години во САД повеќепати се разговараше за воведување универзален основен приход. Оваа идеја уште пред околу десет години ја поддржа Илон Маск, предупредувајќи на растечката автоматизација. Пошироко внимание предлогот доби за време на претседателската кампања на демократскиот кандидат Ендрју Јанг во 2020 година.
Elon Musk više ne zagovara temeljni, već univerzalni visoki dohodak | Bloomberg
Поддржувачите на ваквите програми тврдат дека тие можат да ја намалат сиромаштијата, а како доказ за нивната ефикасност ги наведуваат вонредните парични исплати што владите ги делеа за време на пандемијата на ковид-19.
Истражувањата што во 2024 година ги објави ОР (OpenResearch), проект поддржан од коосновачот на „Опен еј-ај“, Сем Алтман, покажаа дека примателите на ваквите надоместоци трошеле повеќе пари за задоволување на основните животни потреби и за помош на други луѓе отколку пред да почнат да ги примаат исплатите.
Дури и дел од либертаријанците го поддржуваат ваквиот пристап. Меѓу нив е и Чарлс Мареј, истражувач во американскиот тинк-тенк АЕИ (American Enterprise Institute), кој смета дека паричните исплати на граѓаните им даваат поголема слобода самите да одлучат како ќе ги потрошат парите, наместо за тоа да одлучува државата. Според неговото мислење, таквиот систем би можел да ја замени сложената мрежа на постојните социјални програми.
Но финансирањето на програмите за основен приход може да биде многу скапо, а критичарите предупредуваат дека таквите мерки не го решаваат прашањето за целта и идентитетот што многу луѓе го наоѓаат преку работата.
Конзервативните критичари сметаат дека ваквите програми претставуваат нерационално трошење на парите на даночните обврзници и дека ја намалуваат мотивацијата за работа. Програмата со парични исплати во Финска наиде и на критики од најголемиот синдикат во земјата, кој тврдеше дека има спротивен ефект од посакуваниот бидејќи ги поттикнува луѓето да работат помалку.
Универзален висок приход
Откако со години го поддржуваше универзалниот основен приход, Илон Маск од 2023 година го промовира концептот „универзален висок приход“. Според неговата замисла, луѓето би имале доволно пари за да можат да си дозволат „која било стока и услуга што ќе ја посакаат“, како што напиша во објава на својата социјална мрежа.
Со други зборови, станува збор за загарантиран приход, но на значително повисоко ниво од она што го подразбира концептот на основен приход.
Милијардерот и претприемач не изнесе многу детали за тоа како би можел да се реализира таквиот систем. Сепак, во објава на социјалните мрежи во април наведе дека вештачката интелигенција ќе го поттикне економскиот раст побрзо отколку што ќе расте количината на пари во оптек, што би можело да доведе до дефлација.
Според мислењето на Маск, универзалниот висок приход кој би се исплаќал преку чекови од федералната влада претставува „најдобар начин за справување со невработеноста предизвикана од вештачката интелигенција“.
Коосновачот на една израелска осигурителна компанија претходно годинава претстави модел кој го опишува како „инфраструктура“ што би можела да стои зад идеите на Маск за исплата на висок загарантиран приход.
Моделот тргнува од претпоставката дека вештачката интелигенција ќе продолжи да го поттикнува економскиот раст дури и додека истовремено заменува дел од работните места. Во такво сценарио, владите би можеле дел од вонредните профити и дополнителните даночни приходи создадени од растот на економијата да ги насочат кон загарантиран приход за сите граѓани.
Основна компјутерска моќ
Алтман со години го поддржуваше универзалниот основен приход и финансираше големи експерименти со парични исплати на граѓани во САД. Но неодамна изјави дека повеќе не е толку убеден во вредноста на таквите програми. Наместо тоа, сега го промовира концептот што го нарекува „универзална основна компјутерска моќ“ (universal basic compute), според кој луѓето не би добивале пари, туку дел од компјутерските ресурси на вештачката интелигенција.
„Секој човек би добил дел од компјутерската моќ на ГПТ-7 и би можел да ја користи, да ја препродаде или да ја донира некому за истражување на ракот“, изјави Алтман. „Не добивате долари, туку тој удел. Поседувате дел од продуктивноста.“
Сепак, тој не изнесе многу детали. Алтман не објасни како таков систем би функционирал во пракса, вклучително и прашањето дали граѓаните, или можеби јавни институции како училиштата, би добивале преносливи кредити што претставуваат одредена количина компјутерска моќ или некој друг облик на право врз продуктивноста што ја создава вештачката интелигенција.