Вештачката интелигенција (ВИ) за само неколку години излезе од лабораториите и стана централна тема во владините стратегии, технолошкиот напредок и финансиските пазари. Нејзиниот потенцијал е јасен: поголема продуктивност, автоматизација на процеси и долгорочен раст. Но, како што предупредува најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), напредокот доаѓа со цена – и таа се мери во терават-часови. Во посебно поглавје од априлското издание на извештајот „Светска економска перспектива“, експертите на ММФ нагласуваат дека „ВИ добива сè поголемо макроекономско значење, вклучувајќи и преку својот ефект врз потрошувачката на електрична енергија“.
Во фокус доаѓа еден помалку очигледен ефект од дигиталната трансформација: ненадеен и нагол пораст на глобалната побарувачка за електрична енергија – не поради раст на населението или индустриското производство, туку поради алгоритмите што ги движат центрите за податоци, графичките процесори и напредните невронски мрежи. Додека јавната дебата е насочена кон регулативата, етиката и влијанието на ВИ врз пазарот на трудот, ММФ предупредува дека токму енергетската инфраструктура би можела да не го издржи темпото.
Грандиозен раст на потрошувачката на струја
Во САД секторите што развиваат и применуваат ВИ пораснале од 278 милијарди долари во 2010 година на повеќе од 1.130 милијарди долари во 2023 година. Овој експлозивен раст е капитално интензивен и екстремно енергетски зависен – особено при обработка на податоци. Според ММФ, потрошувачката на струја во центрите за податоци е повеќе од удвоена од 2015 година, достигнувајќи меѓу 400 и 500 терават-часа во 2023 година – веќе рамно на вкупната годишна потрошувачка на една средно развиена држава. А трендот е дури на почетокот. Според процените, глобалната потрошувачка на струја поврзана со ВИ може да достигне 1.500 терават-часа до 2030 година – речиси колку што денес троши Индија годишно.
Прочитај повеќе

Зошто фондовите за ризичен капитал претпочитаат ВИ наместо луѓе
Младите таленти губат позиција што до неодамна им беше влезница во индустријата
13.05.2025

Генеративната вештачка интелигенција во 2025: година на јаз, година на можности
Извештај на „Дилојт“: Компаниите брзо инвестираат во вештачка интелигенција, но се соочуваат со растечки структурни проблеми.
12.05.2025

Од „Епл“ прогнозираат дека нема уште долго да се пребарува преку Гугл
„Епл“ понуди необичен аргумент во обид да го зачува профитабилното партнерство со „Алфабет“.
08.05.2025

„Опен еј-ај“ ќе им помага на државите во развој на вештачката интелигенција
Компанијата предводник во сферата на вештачката интелигенција преку нов проект ќе соработува со влади за изградба на центри за податоци и приспособување на ВИ-алатки на локални јазици.
07.05.2025
САД се типичен пример. Таму, според податоците на ММФ, потрошувачката на струја во датацентрите би можела да порасне од 178 терават-часа во 2024 година на дури 606 терават-часа до 2030 година – повеќе од тројно зголемување за помалку од деценија. Без сериозни инвестиции во инфраструктурата, тоа може да доведе до недостиг и поскапа струја. „Ако побарувачката продолжи да расте, а инвестициите не ја следат, цените на струјата во САД би можеле да пораснат за 8,6 отсто до 2030 година“, предупредуваат од ММФ.
Можни сценарија и ризици
Извештајот анализира три можни сценарија за идниот развој. Првото, базно сценарио, не го зема предвид влијанието на ВИ и се темели на постојните енергетски политики. Второто претпоставува раст на ВИ без промени во политиките, што значи дека дополнителната побарувачка ќе се задоволи главно со фосилни извори. Третото сценарио вклучува забрзано интегрирање обновливи извори, на пример преку субвенционирани тарифи. Во тој случај растот на цените на струјата би бил поумерен, а и влијанието врз животната средина значително намалено.
Иако ВИ ветува економски раст, тоа не значи дека ќе биде и еколошки неутрална. Според ММФ, во второто сценарио – без дополнителни мерки – глобалните емисии на стакленички гасови би пораснале за 1,7 гигатони CO₂ - еквивалент до 2030 година. Тоа е споредливо со вкупните енергетски емисии на Италија за период од пет години. Со политики што ги поддржуваат обновливите извори, ова зголемување би можело да се намали за една четвртина. „Мерки како субвенции за чиста енергија би можеле да ги намалат емисиите за 24 отсто во споредба со основното сценарио“, наведува ММФ.
И покрај еколошките и инфраструктурните предизвици, ВИ останува клучен двигател на продуктивноста. Според процените на ММФ, придонесот на ВИ кон глобалниот економски раст ќе изнесува во просек 0,5 процентни поени годишно во периодот од 2025 до 2030 година. Сепак, трошоците не се занемарливи: ако цената на CO₂ изнесува 39 долари по тон, емисиите поврзани со зголемената потрошувачка на енергија би чинеле меѓу 50,7 и 66,3 милијарди долари. „Тоа е меѓу 1,3 и 1,7 отсто од реалната добивка во БДП што би ја донела ВИ“, се наведува во извештајот.
Енергијата како извор на идниот раст
Во геополитички контекст, нерамномерната распределба на енергетските ресурси би можела да ги продлабочи разликите меѓу земјите. Оние што веќе денес немаат стабилно снабдување со струја ќе бидат уште поранливи на дигиталните шокови. Земјите што можат сами да обезбедат доволно енергија – особено од обновливи извори – ќе имаат стратегиска предност. Истовремено, ММФ предупредува дека растот на побарувачката за енергија ќе врши дополнителен притисок врз глобалните синџири за снабдување со суровини како литиум, бакар и кобалт – клучни за батерии и електрични мрежи.
На политичко ниво, пораката е јасна: без стратегиска адаптација, енергетиката може да стане тесното грло за развојот на ВИ. Ќе бидат потребни брза модернизација на преносните мрежи, зголемена енергетска ефикасност во центрите за податоци и поттикнување на инвестиции во чиста енергија. Како што заклучува ММФ: „Светот мора да се приспособи на брзорастечката енергетска потреба на ВИ – пред таа самата да почне да ја диктира“. Овој извештај нуди ретко трезвен поглед на дигиталната иднина, која честопати е претставена во оптимистички тон. Технолошката трансформација има своја цена – и таа, како што изгледа, ќе биде напишана на сметката за струја.