Речиси половина од македонските банки (46 проценти) во наредните три години планираат да вложат во вештачка интелигенција за потребите на вршењето на банкарските активности, а од нив само три (23 проценти) го квантифицирале и износот што планираат да го вложат - до 0,25 проценти од сопствените средства. Преостанатите не се сигурни колкaв дел од сопствените средства би одвоиле за вештачка интелигенцијa. Ова го покажуваат резултатите од анкетата на Народната банка за согледувањата на банките за деловните активности и ризиците од работењето во 2025 година спроведена меѓу сите 13 банки во земјава.
Дигитални производи и услуги
Во однос на дигиталните активности, најголемиот број од банките (62 проценти) оцениле дека искористеноста на дигиталните канали за банкарските производи и услуги во сегментот на населението е до 50 проценти, додека во однос на нефинансиските правни лица поголемиот дел од банките (62 проценти) укажале на повисока искористеност на дигиталните канали од над 50 проценти, при што најголемиот дел од нив (54 проценти) оцениле дека нивните клиенти од корпоративниот сектор ги користат дигиталните канали во обем помеѓу 75 и 100 проценти.
Прочитај повеќе

Дајмон: Вештачката интелигенција веќе ѝ заштедува милијарди на „ЏП Морган“
Џејми Дајмон тврди дека ВИ е најреволуционерната технологија по интернетот и дека „ЏП Морган“ веќе ја користи за заштеда, иновации и автоматизација.
пред 22 часа

Пазарната капитализација на „Енвидија“ е полуда отколку што мислите - поголема од цели берзи и индустрии
„Енвидија“ повеќе не е „компанија на иднината“ која сè уште не го оправдала својот потенцијал, таа веќе стана гигантски играч чија пазарна капитализација се натпреварува со цели индустрии, па дури и со поединечни национални економии или берзи.
07.10.2025

Величествените седум се минато, доаѓаат нови лидери во вештачката интелигенција
Нови гиганти за вештачка интелигенција го освојуваат пазарот! Прочитајте кои имиња се во налет и брзаат да ја заменат старата гарда...
30.09.2025
Поголемиот дел од банките (62 проценти) не користат електронско (онлајн) одобрување кредити, а сите што користат (38 проценти) сметаат дека нема позначајна разлика во остварувањето на кредитниот ризик од кредитите одобрени на овој начин во споредба со другите кредити одобрени на конвенционален начин.
Вештачката интелигенција носи и ризици
Близу половина од банките (46 проценти) очекуваат дека ризиците поврзани со инфлацијата и промената на каматните стапки ќе имаат најголемо влијание врз домашниот банкарски сектор во 2025 година. Потоа следуваат ризиците од надворешното макроекономско опкружување (38 проценти од банките), ризиците поврзани со нападите од дигиталниот простор и безбедноста на податоците (38 проценти) и ризиците поврзани со брзиот напредок на вештачката интелигенција и на технологиите воопшто, како и геополитичките ризици (по 31 процент).
Ризикот од напади од дигиталниот простор и безбедност на податоците (англ. cyber risk and data security) ќе се зголеми во 2025 година според 54 проценти од банките, додека 46 проценти од нив очекуваат дека овој ризик ќе остане на слично ниво.
„Притоа, речиси сите банки планираат активности за зајакнување на сигурноста на информативните системи во следниот период, и тоа 69 проценти од нив планираат да го направат со воведување дополнителни ИТ-решенија/софтвери за зајакнување на сигурноста на информативниот систем, а 38 проценти планираат да ги зајакнат внатрешните сигурносни контроли“, наведуваат од Народната банка.
Добредојде на четботовите
„Блумберг Адрија“ неодамна пишуваше дека банкарскиот сектор и финансиските институции во земјава во голема мера ги следат трендовите во однос на можностите од користењето на вештачката интелигенција како средство за автоматизација и унапредување на работните процеси, заштита од измами и за брзо воведување нови производи и услуги за потребите на клиентите. Тогаш од „Комерцијална банка“ информираа дека веќе користат алатки и решенија базирани на вештачка интелигенција (ВИ) и машинско учење (ML) и дека тие се неизбежен елемент што се користи во развојот на актуелните и идните решенија и алатки.
На прашањето какви се размислувањата за можноста за воведување четботови во работењето, од „Комерцијална банка“ соопштија дека четботовите се доста актуелни во секоја област и не само што се размислува за нив туку тие се неизбежен дел од стратегиските планови на финансиските институции и банките.
„Едноставно повеќе не може да се замисли еден модел на целосно дигитална банка без четбот, кој во суштина е базиран на вештачка интелигенција и машинско учење. Тие освен што ја олеснуваат работата на институциите, во голема мера им помагаат и на корисниците да ги постигнат своите финансиски цели. Се користат да им овозможат и разни дополнителни услуги, тие се перципираат како финансиски советници и водичи и во суштина нивното влијание во финансиската писменост на клиентите и инклузијата е неминовно“, велат од банката.
Depositphotos
Од банката укажаа дека нивна цел во оваа смисла е да се искористи технологијата правејќи позитивна промена во општеството.
„Со овој начин на комуникација и едукација на клиентите секој добива еднаква можност за финансиска писменост и инклузија во општеството. Банката веќе извесен период интензивно разгледува различни решенија за воведување четбот и/или гласовен бот во своите дигитални канали, со цел да се обезбеди врвно корисничко искуство за клиентите, особено во делот на обезбедување 24/7 поддршка, помош во изборот на најсоодветни производи и услуги и слично“, наведуваат од банката.
И од „Халк банка“ АД Скопје тогаш информираа дека веќе десет години користат алатки/решенија базирани на вештачката интелигенција, главно во сферата на безбедноста на системите и услугите.
„Дополнително, вештачката интелигенција, како и сите други нови технологии, е предмет на постојана анализа за потенцијална примена во преостанатите процеси во банката“, информираат од „Халк банка“.
На прашањето како се размислува во банката за можноста за воведување четботови во работењето, оттаму сопштија дека како една од банките лидери на македонскиот пазар во делот на дигиталното банкарство, дигиталните производи и дигитализацијата на процесите од целокупното работење, секако дека во континуитет ги следат и овие трендови.
„Сериозно размислуваме за воведување нови технологии, четботови и вештачка интелигенција, со цел да ја олесниме работата, да го подобриме корисничкото искуство на клиентите и да ја подобриме нивната ефикасност. Сепак, со оглед дека станува збор за сензитивна сфера и проблематика, во овој дел одиме во чекор со промените на пазарот“, соопштија од банката.
Вештачката интелигенција веќе ѝ заштедува милијарди на „ЏП Морган“
Извршниот директор на „ЏП Морган“ (JP Morgan Chase & Co.), Џејми Дајмон, изјави дека банката годишно троши околу две милијарди долари за развој на технологии поврзани со вештачката интелигенција – и дека од тие инвестиции веќе остварува исто толкави заштеди секоја година.
„Знаеме дека тоа носи милијарди долари заштеди, а верувам дека ова е само врвот на ледениот брег“, изјави Дајмон во интервју за „ТВ Блумберг“ (Bloomberg TV).
Дајмон постојано ги истакнува можностите што ги носи вештачката интелигенција, иако таа може да доведе до укинување одредени работни места. Тој нагласува дека банката веќе има стотици практични примени на оваа технологија – бројка што веројатно ќе продолжи да расте – и дека ВИ може да му помогне на човештвото да пронајде лек против ракот и да ги скрати работните недели.
Bloomberg
Во писмото до акционерите од минатата година, Џејми Дајмон ја спореди технологијата на вештачката интелигенција со „печатарската преса, парната машина, електричната енергија, компјутерите и интернетот“.
Њујоршката банка има илјадници вработени што работат на развој на ВИ, а Дајмон претходно изјави дека технологијата ќе биде вградена во сите процеси на компанијата – од тргување и истражување до заштита на капиталот и услугите за клиентите, често во улога на „копилот“ што им помага на вработените во одлучувањето.
Според Дајмон, ВИ веројатно ќе донесе драматични подобрувања во квалитетот на животот на работниците, но, како и со секоја нова технологија, ќе доведе и до губење одреден број работни места.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...