Кога околу 2018 година телекомуникациската индустрија почна агресивно да го најавува 5Г како следната револуција, очекувањата беа огромни: брзини до стопати поголеми од 4Г, латенција од само неколку милисекунди и можност да се поврзат милијарди уреди во реално време. Визијата беше дека оваа генерација ќе биде основата за автономни возила, паметни градови, интернет на нештата (Internet of things / IoT) и дигитална индустријализација.
Неколку години подоцна, сликата е поделена. Во Азија, Америка и делови од Латинска Америка, 5Г веќе значајно го менува начинот на кој функционираат индустриите и граѓаните. Но во Европа процесот е побавен, често поради регулаторните процедури, високите трошоци за изградба и потребата операторите да ја монетизираат претходната 4Г-инфраструктура.
„Искуствата низ светот се различни, од целосна промена на поврзаноста и комуникација во реално време до примери каде што 5Г се имплементираше повеќе како ‘технологија само на хартија’“, вели Владислав Бидиков, ИТ-експерт за комуникациски технологии.
Прочитај повеќе

Македонија со 6Г: Како ќе изгледа иднината на интернетот?
Мрежата 6Г (6G) претставува следниот голем чекор во телекомуникациите, кој ветува дека ќе го промени начинот на кој се поврзуваме и комуницираме со технологијата.
06.12.2024

„Старлинк“ во Македонија: Се исплати ли интернетот на Илон Маск?
Обезбедувањето интернет-конекција преку сателити не е нова идеја, но особено зеде замав откако Илон Маск се вклучи во играта.
19.01.2024

Македонија е лидер на 5Г-технологијата во Централна и Југоисточна Европа
Просечната брзина на 5Г-мрежите во Македонија изнесува 317,91 Mbps.
30.09.2023
Според него, суштината на 5Г е едноставна, но трансформативна. „Правилното и квалитетно имплементирање на 5Г значи поврзаност на ист начин како и оптичка врска – само преку радиомрежа. Тоа е крајната цел.“
Depositphotos
Историски гледано, секој скок во мобилните технологии носел нови можности: со 2Г мобилната телефонија стана масовна, со 3Г интернетот влезе во сечиј џеб, со 4Г започна ерата на мобилни апликации и видеостриминг. А 5Г се надоврза на оваа еволуција ветувајќи дека ќе ја доведе дигиталната конективност до ниво на индустриски и општествени трансформации. Прашањето е дали тоа ветување е исполнето.
Македонскиот контекст
Во Македонија, како и на многу помали пазари, пристапот беше поинаков – постепена надградба врз постојната 4Г-инфраструктура. „Кај нас 5Г сè уште се имплементира со темпо генерално диктирано од АЕК“, вели Бидиков. „Но тоа се прави како дополнување на постојната 4Г-мрежа. За мали региони како нашиот, тоа е правилниот пристап.“
Тој додава дека почетокот бил бавен, но интересот на корисниците и индустријата значително го забрзал процесот. „Целосната покриеност на клучните географски подрачја е завршена, но сè уште има потреба од подобрување и проширување. Најголема разлика е видлива кај медиумите, кои денес можат да прават квалитетен аудио-видео пренос на начин што порано беше надвор од буџетот.“
Во споредба со други мали пазари во регионот, Македонија не заостанува значително. Словенија, на пример, ја заврши својата лицитација за 5Г-спектар пред три години и денес има стабилна покриеност во урбаните центри, додека Хрватска оди со комбиниран модел на приватни и јавни инвестиции. За македонски услови, според Бидиков, најважно е рационално да се користи постојната инфраструктура и фокусот да се стави на конкретни примени, а не само на маркетинг.
Владислав Бидиков
Приватна архива
„Кај нас повеќето оператори директно технолошки пристапија кон градење 5Г-мрежи. Тоа значи дека направија реална револуција“, додава тој. „Дури и глобално, таму каде што кампањата се сведуваше на маркетинг, тоа беше резултат на комоцијата на големите оператори, но и тие на крајот мораа да вложат. Суштинските предности не можат да се покријат со маркетинг, бидејќи корисниците јасно кажаа дека ги сакаат придобивките.“
Дали инвестициите се оправдани?
Глобално, телекомуникациските компании потрошија стотици милијарди евра во изградба и лиценци. Повратот е сè уште предмет на дебата. Некои земји имаат видливи придобивки, но на други пазари 5Г е во рана фаза и неговите ефекти ќе се мерат во години.
Бидиков е јасен: „Одговорот на ова прашање ќе го знаеме кога 5Г ќе се пензионира. Сепак, способноста за комуникација во реално време е значајна за индустриите и медицината. Ако се земе ова предвид, инвестициите се целосно оправдани.“
Depositphotos
Тој нагласува дека многу од големите визии – автономни возила, паметни градови, масовен IoT – сè уште се во развој, но тоа не е вина на самата технологија. „Голем дел од визионерските можности се реалност, а дел останаа идеи – не затоа што 5Г не е соодветен, туку поради недоволно брзата поддршка од сродните индустрии. За автономни возила треба технолошки напредна автомобилска индустрија, а за IoT – навремена визија од провајдерите на услуги.“
Што ќе ни донесе 6Г
Додека 5Г сè уште не е целосно искористен, индустријата веќе зборува за 6Г. Историјата покажува дека за секој скок помеѓу генерациите се потребни години. „Фокусот уште долги години ќе биде на целосно и максимално искористување на 5Г, додека паралелно ќе се подготвува теренот за 6Г,“ објаснува Бидиков.
Тој предвидува дека идниот скок нема да биде толку драматичен како на пример преминот од 4Г кон 5Г. „Веќе имаме значителен напредок во сателитската комуникација, па можно е мобилните мрежи и интернет-инфраструктурата да се развиваат заеднички. Погледнете го само влијанието на ’Старлинк‘ (Starlink) – и на уште два-три слични системи што се во подем. Тоа може целосно да ја промени потребата од скапи паралелни мрежи само за мобилни уреди.“
Додека 5Г сè уште ја трасира својата улога во иднината, трката за технолошка доминација продолжува. Не станува збор само за побрз интернет туку за основа на новата дигитална економија, каде што нациите, индустриите и граѓаните ќе се мерат според својата способност да се поврзат, адаптираат и иновираат. Во оваа игра, оние што ќе заостанат – нема само да бидат офлајн туку и надвор од сликата.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...