Додека Силициумската Долина на почетокот од 2026 година веќе се натпреварува за првите испораки на архитектурата „блеквел“ (Blackwell), новите чипови на „Енвидија“, а во индустријата сè почесто се зборува за следната генерација наречена „рубин“, Кина доби зелено светло за купување технологија што Западот веќе не ја смета за врвна понуда.
Дозволата за извоз на чиповите Х200 (H200) од „Енвидија“ во Кина не е само пазарен потег вреден повеќе од 40 милијарди долари туку и ладно пресметана геополитичка одлука: да му се овозможи на Пекинг пристап до денешната инфраструктура за идната да му остане недостижна.
Кинеските компании веќе нарачаа помеѓу 1,5 и 2 милиона чипа Х200, што повеќекратно го надминува годишното производство на претходната генерација Х100. Формално, ова е голем бизнис за „Енвидија“. Суштински, ова е признание дека Х200 во 2026 година веќе не е „скапоцен камен“, туку нова индустриска норма, доволно моќна да ја анимира економијата на вештачката интелигенција, но недоволно моќна да ја загрози технолошката предност што Западот ја гради со „блеквел“ и идниот „рубин“.
Прочитај повеќе
Како да го забрзате растот на вашата компанија со помош на вештачка интелигенција
Претставен е Агент билдер (Agent Builder) – алатка со вештачка интелигенција што самостојно креира и усовршува софтвер за корпоративна употреба. Откријте како оваа иновација ја менува играта за бизнисите и ги забрзува процесите.
23.01.2026
Европа мора да инвестира во ВИ со отворен код или да ѝ препушти сè на Кина
За да се натпреварува во глобалната трка за развој на помоќни модели и агенти со ВИ, Европа ќе треба да се справи и со високите цени на енергијата и да изгради повеќе центри за податоци.
20.01.2026
Кога разговорите со четботот ќе излезат од контрола
Како што ЧетГПТ и другите четботови стануваат сè повеќе користени, приказните за корисници кои го губат контактот со реалноста по маратонските сесии стануваат сè почести.
18.01.2026
ЧетГПТ против ЈугоГПТ: Кој е подобар во локален контекст?
Локални ВИ модели како ЈугоГПТ се обидуваат да го освојат Балканот. Иако технички прецизни, кога доаѓа до пазарот и поддршката, реалноста е многу поразлична...
16.01.2026
Доминацијата на големите технолошки компании се темели на нашата мрзеливост
Фејсбук, „Гугл“, „Амазон“ и другите платформи инвестираа многу во создавање средина каде што сè е скриено од нас, па затоа префрлањето кон конкурентите се чини премногу мачно.
09.01.2026
Зад оваа одлука се крие уште подлабока иронија. Кина не ги купува Х200 само затоа што не може да добие понови чипови, туку затоа што не може лесно да избега од софтверските екосистеми на „Енвидија“. КУДА (CUDA), програмската рамка на „Енвидија“ за графички процесори (GPU), стана де факто стандард за развој на вештачка интелигенција.
Огромно мнозинство постојни ВИ-системи, алатки и библиотеки се напишани токму за оваа платформа, што го прави преминувањето на алтернативен хардвер технички ризично и економски скапо. Дури и ако кинеските компании развијат конкурентен хардвер, софтверската зависност останува.
Во тој контекст, дозволата за извоз на Х200 во Кина не е знак на слабост, туку облик на контролирано забавување. Кина добива пристап до чипови што се компатибилни со екосистемот КУДА, што ја поврзува дополнително со софтверот на „Енвидија“, додека најновите архитектури остануваат надвор од дофат. Тоа е билет за трка во која стартната линија е намерно поместена наназад.
До вчера Х200 беше ексклузивна инфраструктура резервирана за најнапредните лаборатории. „Мета“ ги тренираше моделите Лама (Llama) на десетици илјади од овие чипови истовремено, додека „Гугл“, „Амазон“ и „Мајкрософт“ купуваа сè што „Енвидија“ можеше да испорача. Автомобилската индустрија ги користеше за развој на автономно возење, а фармацевтските компании за симулација на молекули на нови лекови. Денес истиот тој Х200 станува „дозволена“ технологија за Кина - не затоа што е безначаен, туку затоа што Западот веќе го гради следното ниво.
Bloomberg
Х200 е графички процесор дизајниран исклучиво за вештачка интелигенција. За разлика од чиповите во лаптопите, чија основна дејност е да рендерираат графика во видеоигри или да прикажуваат видеосодржини, Х200 не „црта слики“. Тој извршува математички операции – милијарди истовремено.
Физички, Х200 е голем приближно како книга, додека класичен графички процесор има големина на поштенска марка. Разликата во меморијата е уште поекстремна: додека типичен гејминг-процесор има околу 16 гигабајти меморија, Х200 располага со 141 гигабајт ултрабрза меморија. Практично, тоа значи дека Х200 може да чува и обработува огромни ВИ-модели директно во меморијата, без постојано преместување на податоците.
Х200 е до стопати посилен од најмоќните гејминг-чипови во задачите поврзани со вештачка интелигенција. Таа разлика ги дефинира границите помеѓу „ВИ-апликацијата“ и „ВИ-инфраструктурата“.
Зошто светот не може да произведе доволно чипови Х200?
„Енвидија“ не ги произведува чиповите Х200 самa. Овој чип поминува низ десетици фабрики на три континенти. Тајвански ТСМЦ (TSMC) го произведува процесорот и го интегрира со меморијата, додека јужнокорејските компании „СК Хајникс“ (SK Hynix) и „Мајкрон“ (Micron) произведуваат специјализирана ултрабрза меморија, ХБМ (HBM), без која современите ВИ-чипови не би можеле да функционираат. Фирми од Јапонија испорачуваат клучни компоненти за чипот.
Најголемото тесно грло во системот е технологијата CoWoS на ТМСЦ, процесот што ги спојува процесорот и меморијата во една целина. „Енвидија“ веќе резервира над половина од глобалниот капацитет на CoWoS до 2027 година, што значи дека преостанатиот капацитет го делат АМД, „Интел“ и глобалните гиганти што имаат свои чипови.
Разликата што ја прави оваа технологија е како помеѓу испраќање писмо по пошта и директно пренесување на информациите од рака на рака. Во светот на вештачката интелигенција, ова значи десетици пати побрз пристап до податоци, што директно влијае на способноста за тренинг на големи ВИ-модели.
Што се случува со снабдувањето и конкуренцијата на пазарот?
Во 2026-2027 година пазарот веќе нема да има недостиг како во 2024 година, но синџирот на снабдување ќе остане кршлив. Секое нарушување, од геополитички напнатости до природни катастрофи во Азија, може да го забави напредокот на целата индустрија.
АМД се обидува со чипот МИ300Х (MI300X), но и „Гугл“, „Амазон“ и „Мајкрософт“ развиваат свои чипови. Сепак, проблемот останува: чипот на „Гугл“ е добар за сопствени модели, но не е универзален, како што не е и оној на „Амазон“.
Каква е ситуацијата во регионот Адрија?
Додека глобалните гиганти инвестираат десетици милијарди долари во сопствени ВИ-инфраструктури, регионот Адрија се потпира на постарите генерации чипови и услуги на облак. На пример, „Телеком Србија“ има процесорски кластер во Белград базиран на чипови A100 од „Енвидија“, претходниците на Х100 и Х200, а слични конфигурации постојат и во Загреб и Љубљана.
Но, аргументот во регионот често е ист: цената. Еден сервер со осум чипа Х200 чини колку што чини трисобен стан во центарот на Белград (околу 350.000 евра). За повеќето компании во регионот, ова претставува недостижна инвестиција, па се користат решенија на облак од глобални провајдери.
Но дали тоа е долгорочно одржлива стратегија? Ако регионот трајно се откаже од сопствена инфраструктура и се задоволи само со користење туѓи модели, ризикува да остане само пазар за туѓи технологии, а не производител на вредности. Иако чиповите 100 се доволни за четботови и аналитика, тие не се основа за тренинг на модели што ја обликуваат новата економија.
Без сопствена инфраструктура, регионот Адрија може да се претвори во дигитална колонија што плаќа закуп на туѓа инфраструктура.