„Хуавеј“ (Huawei Technologies) и „Чајна мобајл“ (China Mobile) изградија интернет мрежа од 3.000 километри што го поврзува Пекинг со југот, при што властите ја промовираат како најнов технолошки пробив.
Двете компании се здружија со Универзитетот Џингхуа и истражувачите од „Цернет“ (Cernet.com) за да ја создадат, како што тврдат, првата интернет мрежа во светот која постигнува стабилна и сигурна брзина од 1,2 терабити во секунда, неколку пати поголема од вообичаените брзини низ целиот свет. Тестирањето започна на 31 јули и оттогаш помина различни фази кои потврдуваат дека целта е постигната, соопшти универзитетот.
Џингхуа, матичниот универзитет на кинескиот претседател Шји Џинпинг, го претставува проектот како прв во индустријата кој е целосно изграден на домашна технологија, при што „Хуавеј“ се издвојува во нивното соопштение. Кинеската компанија направи голем исчекор во август кога претстави паметен 5Г телефон со софистициран процесор направен во Кина, што предизвика прослави на кинеските државни медиуми и социјалните мрежи. Настанот, исто така, предизвика дебата во Вашингтон за тоа дали администрацијата на Бајден отиде доволно далеку во обидот да го спречи кинескиот технолошки напредок.
Мрежата „работи врз основа на клучни технологии во сопственост на Кина“, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на универзитетот, а пренесе официјалната новинска агенција „Ксинхуа“.
„Блумберг њуз“ не ја потврди автентичноста на тие тврдења. Во февруари, „Нокиа“ (Nokia) - глобалниот ривал на „Хуавеј“ - објави дека постигнала проток од 1,2 терабити во секунда на својата оптичка мрежа во Европа на урбани растојанија од околу 118 километри.