Илон Маск изјави дека новите фабрики на „Тесла“ губат милијарди долари во Германија и Тексас, додека производителот на електрични возила се обидува да го зголеми производството.
„Фабриките во Берлин и Остин моментно се печки за горење на пари“, рече извршниот директор во видео-интервју со клубот Tesla Owners of Silicon Valley, објавено во средата.
Коментарите, кои се дел од пошироката дебата снимена на 31 мај, нудат нови сознанија за бизнисот на „Тесла“ во деновите кои резултираа со одлуката на Маск да ги намали трошоците со отпуштање на вработени.
Намалувањето на бројот на работници ќе погоди околу 10 отсто од платените работници на „Тесла“ во следните три месеци, или околу 3,5 отсто од глобалната работна сила на компанијата, изјави Маск за главниот уредник на Bloomberg News, Џон Миклетвејт, на Економскиот форум во Катар во вторникот.
Во интервјуто на 31 мај, Маск рече дека „Тесла“ се обидува брзо да го зголеми производството на SUV моделот Y во Остин, кој користи нови 4680 ќелии и структурно интегриран пакет батерии. Со цел да биде во чекор со големата побарувачка за своите автомобили, компанијата во писмо до акционерите во април објави дека во Остин ќе се произведуваат и модели Y со постари 2170 ќелии, но алатот потребен за тоа заглавил во Кина, рече Маск.
„Сето ова брзо ќе се поправи, но бара многу внимание и ќе бидат потребни поголеми напори за оваа фабрика да се донесе до големо производство отколку што беа потребни за нејзина изградба“, рече Маск за фабриката во Остин. Воедно оцени дека Берлин е во малку подобра позиција бидејќи компанијата ја опремила фабриката за производство на автомобили со 2170 ќелии.
„Тесла“ ги потроши последните неколку години давајќи приоритет на изградба на нови фабрики на различни локации низ светот за да ја поевтини дистрибуцијата на автомобили на најголемите пазари. Повеќе фабрики, исто така, ја зголемуваат горната граница на бројот на автомобили што може да се произведуваат годишно.
Тешкотиите на „Тесла“ во основањето фабрики во Остин и Берлин беа предизвикани од ковид-заклучувањето во фабриката во Шангај, објанси Маск. Во времето на минатомесечното интервју, компанијата се обидуваше да се опорави од драматичниот пад на производството предизвикан од ограничувањата на кинеската влада, како и од постојаните прекини во синџирот на снабдување.
„Изминатите две години беа апсолутен кошмар поради прекините во синџирот на снабдување, а тоа сè уште трае. Нашата најголема грижа е фабриките да продолжат да работат, за да можеме да ги платиме луѓето и да не банкротираме“, рече Маск. „Заклучувањето поради ковид во Кина беше многу голем предизвик, во најмала рака“, додаде тој.
Од интервјуто, „Тесла“ повеќе од тројно го зголеми производство во својата фабрика во Кина.
Аналитичарот на „Морган Стенли“, Адам Џонас, ја намали целната цена на производителот на автомобили на 1.200 долари по акција од 1.300 долари, делумно поради нарушувањето во Кина. Тој сепак верува дека акциите на „Тесла“ ќе имаат поголема вредност во иднина.
Акциите на „Тесла“ паднаа за помалку од еден процент на 708,26 долари во Њујорк во средата.