Доколку движењата и на фронтот на девизниот пазар и на фронтот на инфлацијата продолжат на одржлива основа, тогаш постои простор за одредени промени во монетарната политика во втората половина од годинава, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, на прашањето кога би можело да се очекува пад на каматните стапки.
Со последната одлука од неделава, НБРМ повторно ја задржа каматната стапка на 6,30 отсто. Причината, како што вели Митреска, е што Централната банка оценува дека ова ниво е соодветно на тековните услови во економијата.
Има поволни трендови, меѓутоа ризиците (особено од геополитичка природа) и натаму опстојуваат, посочува вицегувернерката и вели дека е потребно внимателно водење на монетарната политика и во наредниот период.
„Тоа што за нас е важно е да видиме дека овој процес на дезинфлација или на стабилизирање на инфлацијата продолжува на одржлива основа, а ризиците не се материјализираат. Во моментов сме во процес на подготвување на најновите макроекономски проекции, тоа значи дека ги сумираме сите најнови информации поврзани со цените на примарните производи, ризиците, странската побарувачка, домашната побарувачка итн., и сето тоа ќе го ставиме во контекст на едни посреднорочни макроекономски проекции. Ако и динамиката на инфлацијата и нашите среднорочни проекции за инфлацијата покажат враќање кон историски ниските нивоа, тогаш постои простор за одредени промени во монетарната политика во втората половина од годината. Тоа што не смееме да го заборавиме е дека водиме политика на стабилен девизен курс на денарот и затоа за нас како централна банка исто така е важно да видиме дека тековно поволните движења за девизниот пазар, каде што нема притисок врз девизниот курс, опстојуваат и во следниот период, а проектираната патека на резервите е конзистентна со она што го оценуваме како адекватно ниво на девизни резерви. Се разбира, и одлуката и однесувањето на Европската централна банка имаат влијание врз функцијата или начинот на којшто реагираме“, вели таа.
Митреска посочува дека во фокусот на дискусиите на Комитетот и овој пат беше инфлацијата, а тоа што е видливо во континуитет е еден подолг период на нејзино стабилизирање.
„Во првото тримесечје оваа година во просек таа е 3,4 отсто и во суштина тоа е темпо на раст коешто беше присутно на почетокот на 2021 година. Исто така, како што и очекувавме, и распонот на нашата инфлација во однос на инфлацијата во еврозоната како наше монетарно сидро, по првичното зголемување на почетокот на шокот, бележи намалување односно се стеснува, а тоа проширување во акутната фаза на инфлациската епизода, како што знаете, е последица на структурни карактеристики на нашата економија. Сите големи ценовни шокови на светските пазари поради нашата структура многу побрзо и подиректна се рефлектираат отколку во земјите на еврозоната. Сите овие промени на стабилизирање и забавување на инфлацијата се во линија и на случувањата на светските берзи, иако има осцилации, сепак општо кажано и цените на храната и цените на енергентите постепено се нормализираат, а секако забавувањето е резултат и на позатегнатите финансиски услови“, вели Митреска.
Зголемувањето на инфлацијата во март на 4 проценти, пак, за Народната банка било очекувана промена.
„Оваа промена беше веќе вградена во есенските проекции, според коишто очекувавме инфлација за оваа година во интервал од 3,5-4 отсто, велам очекувана со оглед на тоа што е резултат на повлекувањето на дел од краткорочните мерки на државата коишто беа имплементирани за стабилизирање на инфлацијата“, вели таа.
Со Митреска зборувавме и за ефектите врз кредитирањето и растот на зелените кредити, кои во 2023 година имаат годишен раст од 29,1 проценти, додека на квартално ниво се зголемени за 5 проценти.
„Тоа се кредити наменети за зголемување на енергетската ефикасност, инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто значат користење одржливи материјали, решенија. Во секој случај, станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестиции што значат заштита на животната околина или ублажување на ефектите од климатските промени. Меѓутоа, во основа, главно се однесуваат на инвестиции во проекти коишто значат вложувања во обновливи извори на енергија“, вели вицегувернерката.
Таа посочува дека препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, Народната банка зазела проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги поставила зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија.
„Донесовме тригодишен односно среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето, меѓународната соработка... Член сме на меѓународната мрежа за зелени финансии, исто така неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат една мапа или насока како треба да се однесуваат банките во однос на мерење, оценување и управување со ризиците од климатските промени. Презедовме и некои конкретни чекори, уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот задолжителна резерва на начин којшто го стимулира зеленото кредитирање. Во рамките на самата институција работиме и на политика на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, вели Митреска.