Борбата за родова еднаквост во сферата на економијата и претпримништвото во Македонија доживува своевиден пораз ако се земе предвид дека во изминатиов период има намалување на бројот на жени на високи раководни функции. Според податоците на Државниот завод за статистика, учеството на жените во бордови на директори на компаниите во земјава се намалило од 23 проценти во 2016 година на 21 процент во минатата година. Во овој временски интервал намалување има и на процентот на извршни менаџерки и тоа од 30 проценти во 2016 година на 25 проценти во минатата година.
Регионален проблем
Неодамнешното истражување на бизнис школата „Cotrugli“ покажa дека просечното учество на жените во одборите на директори на најголемите компании што котираат на Македонската берза е 33,98 проценти, што ја стави нашата земја прва на листата земји од регионот, рангирани по овој параметар. Учеството на жените во управните структури во најголемите берзански компании во Србија изнесуваше 27,25 проценти) Хрватска (16,56 проценти), Бугарија (16,95 проценти), Романија (17,55 проценти), Словенија (18,56 проценти), БиХ (19,86 проценти) и Црна Гора (20,77 проценти).
За споредба, жените во малите, средните и големите компании во Европа сочинуваат 35 отсто од одборите. Податоците на Европскиот институт за родова еднаквост ја наведуваат Франција како земја со најголем процент на жени во одборите – дури 45 проценти.
Европа ги менува работите
Европската Унија (ЕУ) во јуни годинава постави цел до 2026 година да се зголеми стапката жени менаџери во компаниите до 40 проценти. Европскиот парламент (ЕП) и Европскиот совет соопштија дека во преговорите е постигнат договор за директивата за зајакнување на родовата еднаквост во управувањето со компаниите кај земјите членки.
Компаниите ќе треба да преземат чекори за да обезбедат процентот на жени на сите високи позиции, вклучувајќи го и Одборот на директори, да биде најмалку 33 проценти.
За да се постигне целта, компаниите ќе треба да им дадат приоритет на жените кандидати при изборот меѓу подеднакво квалификувани кандидати. Компаниите кои нема да ги исполнат овие цели ќе мора да покажат дека следеле транспарентен процес при назначувањето или при изборот на менаџери.
Народна банка позитивен пример
Народната банка неодамна се најде на прво место во светот според застапеноста на жените на раководни позиции. Тоа бешенотирано во објавата на британскиот тинк-тенк ОМФИФ – Официјалниот форум на монетарни и финансиски институции, посветена на Индексот на родова еднаквост во финансиските институции за 2022 година. Со овој индекс веќе девет години по ред се рангираат финансиските институции според родовата застапеност.
Водејќи се од заложбите за унапредување на положбата на жената во финансиските институции, ОМФИФ ја поздрави високата застапеност на жените на раководни места во нашата централна банка, претставувајќи ја како институција со врвни достигнувања.
Во нивната објава за застапеноста на жените во раководните структури на Народната банка, се истакнува дека пет од единаесет високи раководни позиции во Народната банка ги извршуваат жени, меѓу кои и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерките Емилија Нацевска и Ана Митреска.
Ќе помогнат ли стратегиите?
Во јули, годинава беше изгласана Стратегија за родова еднаквост 2022-2027 година која треба да биде основен стратешки документ на земјава за воспоставување сеопфатна рамка за понатамошни активности во насока на унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на жените.
„Со донесување на оваа Стратегија, Република Северна Македонија се стреми кон унапредување на состојбата на родовата еднаквост во согласност со меѓународните стандарди, препораки и обврски, препознавајќи дека родовата еднаквост е еден од клучните аспекти за просперитет на целото општество. Стратегијата се заснова на принципите на законитост, јавност, транспарентност, одговорност, отчетност и меѓу секторска соработка. Визија на Стратегијата е постигнување родова еднаквост во општество во кое жените и мажите, девојчињата и момчињата, имаат еднакви права, пристап до ресурси, можности и заштита во сите сфери на животот, како услов за целокупен и одржлив економски, демографски, социјален развој и напредок на земјата, односно општество во кое жените и мажите ќе ги имаат истите привилегии и одговорности кои ќе ги остваруваат во вистинско заедничко партнерство“, соопштија тогаш од Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму нагласија дека во владината програма за работа 2022-2024 се истакнува заложбата за родова еднаквост, преку сузбивање на родовите стереотипи, елиминирање на родово базираното насилство, зајакнување на жените во економијата и земјоделството, како и вреднување на лидерските потенцијали на жените.