По невообичаено топлата есен во Европа, зимата конечно е тука.
Ниските температури ќе ги тестираат кревките енергетски системи во Европа, погодени од остриот пад на протокот на руски гас и од фактот што не се завршени ремонтите во нуклеарните централи. Од Франција до Финска, владите предупредија на недостиг и заштеда на струја, бидејќи побарувачката за енергија се очекува да достигне врв во следните месеци.
Голем дел од континентална Европа очекува постудено време од претходно предвиденото, според „Максар“ (Maxar Technologies). Се очекува на 3 декември температурите во Берлин да се спуштат до -3,5 степени. Под сезонскиот просек ќе паднат и температурите во Амстердам, Хелсинки и Стокхолм.
Bloomberg
Невообичаено топлата есен придонесе Европа да го зголеми нивото на складиран гас. Иако во моментот се полни речиси 95 проценти од резервите, тие постојано се намалуваат во последните десет дена, според Гасната инфраструктура на Европа (Gas Infrastructure Europe).
Во Франција, Шпанија и Португалија температурите ќе останат малку поблаги во следните денови, но следната недела студот ќе го почувствуваат и граѓаните на тие земји, посочуваат од „Максар“.
Bloomberg
Поблаги промени се очекуваат во северна Норвешка и северна Шведска во следните шест до десет дена, велат синоптичарите.