Западните земји одговорија на војната во Украина со големи меѓународни санкции против Русија. Но, Соединетите Американски Држави и нивните сојузници со децении користат санкции за различни цели. На листата со санкции на САД се и граѓани односнo компании од регионот Адрија.
Санкциите во САД ги објавува Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), која работи во рамки на Министерството за финансии на САД. Тоа може да бидат општи санкции против одредена земја или индустриски сектор, на пример забрана за увоз или извоз на одредени стоки. Но, повпечатливи се т.н. SDN (specially designated nationals), кои претставуваат насочени санкции што се однесуваат на одредено физичко или правно лице.
На почетокот на годинава на врвот на листата предничеа лица од Иран, Сирија и Северна Кореја, а по инвазијата на Украина, Русија одеднаш стана најсанкционираната земја. Во тој период немаше премногу поединци и компании под санкции во регионот Адрија, за кој постојат две посебни американски програми за казнување.
Првата, означена како BALKAN, е на сила од 2003 година, кога тогашниот претседател Џорџ Буш со извршна наредба ја укина вонредната состојба во врска со ситуацијата на територијата на поранешна Југославија, додавајќи листа на лица кои претставуваат закана за мирот и стабилноста во регионот.
Загриженост за стабилноста
Втората е означена како BALKANS-EO14033 и е усвоена со извршна наредба во јуни минатата година од страна американскиот претседател Џо Бајден, а се однесува на физички и правни лица кои, според оценката на американските власти, придонесуваат за дестабилизација на Западен Балкан. За лицата кои се наоѓаат на една од двете листи, САД ги замрзнува имотите пријавени таму, а извршната наредба на Бајден додаде и забрана за влез во САД.
Покрај двете балкански програми, некои поединци и компании се санкционирани со други програми, главно во врска со продажба на нелегални дроги (се користат ознаките SDNTK и SDNT), поддршка на тероризмот (SDGT) или кршење на човековите права (GLOMAG).
Санкционирани од Македонија
Од нашата земја, на двете црни американски листи наменети за Балканот, фигурираат вкупно 13 лица. Од нив, најскоро санкционирани, односно на листата усвоена со извршна наредба на Бајден (BALKANS-EO14033) се поранешниот премиер во азил во Унгарија, Никола Груевски и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
За Груевски, во извештајот за санкциите се вели: „Груевски е осуден и останува осомничен во бројни случаи за корупција и е обвинет за злоупотреба на службената положба, перење пари и други дела поврзани со неговиот мандат како премиер на Северна Македонија од 2006 до 2016 година. Тој континуирано избегнува апсење за неговата пресуда од 2018 година од страна на судот во Северна Македонија за обвиненија поврзани со корупција, што претставува сериозно назадување во одговорноста за корупција и активностите против корупција во Северна Македонија. Груевски е сопственик и директор на унгарската компанија I.C.I.C. KFT, која е регистрирана како друштво со ограничена одговорност во Пецел, Унгарија...“.
Во однос на поранешниот директор на УБК и братучед на Никола Груевски, Сашо Мијалков, во извештајот се посочува: „Мијалков е поранешен началник на контраразузнавањето во Северна Македонија. Тој наводно, учествувал во шема за местење на гласови и експанзивна операција за незаконско прислушување чија цел биле 20.000 луѓе, вклучително и опозициски политичари, судии и новинари, што му обезбедиле политичка и економска добивка и кои предизвикаа двегодишна политичка криза во земјата, преку откривање на наводната владина вмешаност во судството, контрола врз повеќе медиуми и мешање во изборите. Во февруари 2021 година, со оглед на неговата улога како главен организатор на шемата за прислушување, тој беше осуден од судот во Северна Македонија за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и примање награда за незаконско влијание. Потоа, во април 2021 година, судот во Северна Македонија го осуди Мијалков за злоупотреба на службената должност поради договор за набавка на опрема за надзор и прислушување...“.
Од Стејт департментот сметаат дека поранешниот премиер и екс директорот на УБК преставуваат закана за стабилноста на регионот на Западен Балкан и тоа преку корупција, криминал и други незаконски активности. Од тие причини, американските власти им ги замрзнуваат американските средста и им забрануваат секакви трансакции со лица од САД. Санкциите не се однесуваат само на Груевски и Мијалков, туку и на нивните семејства.
Во однос на другата американска црна листа, BALKAN која е на сила од 2003 година и на која се лица кои претставуваат закана за мирот и стабилноста во регионот, од Македонија фигурираат 11 поединци.
Всушност, на неа првично се најдоа девет лица: Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени. Истата, една година подоцна беше проширена и со уште двајца македонски политичари: Мендух Тачи и Љубе Бошкоски.
Санкционирани од Хрватска
Хрватска на листата за санкции има четири правни лица. „Цилиндер систем“ (Cylinder System LTD), која произведува метални цилиндри за складирање на течни гасови, е вклучена во санкциите против Иран затоа што блискоисточната земја наводно ја контролира компанијата која ги снабдува со воена опрема. Според податоците на веб-страницата IranWatch, меѓу увозниците на производите на компанијата е и Словенија. Санкциите вклучуваат забрана за трансакции со американски клиенти и замрзнување на американските средства.
Две хрватски компании во сопственост на Маја Николаевна Токарева се на листата на санкции против Русија. Нивна сопственичка е ќерката на Николај Токарев, претседателот на руската компанија за нафтоводи „Трансњефт“ (Transneft), а преку нејзините компании поседува два имота на Лошињ, наведува меѓународната мрежа на новинари OCCRP. Фондацијата „Беневоленс интернешнл“ (Benevolence International), на хартија хуманитарна организација, е на листата на санкции против глобалниот тероризам со ознака SDGT (Global Terrorism Sanctions Regulations).
Санкционирани од Србија
Во Србија под санкции се 35 физички и правни лица, најмногу од сите земји во регионот. Србија е, исто така, единствената земја во регионот чии поединци или компании се санкционирани според GLOMAG (Global Magnitsky Act), санкција против кршење на човековите права. Повеќето од имињата на листата спаѓаат во оваа категорија. Станува збор главно за лица поврзани со трговецот со оружје Слободан Тешиќ, по кого е распишана и потерница од „Интерпол“. Негови главни компании во Србија се „Партизан тек“ (Partizan Tech) и „Техноглобал системс“ (Technoglobal Systems) и двете на списокот на санкции.
Сепак, има и некои преклопувања. Лука Караџиќ, брат на поранешниот претседател на Република Српска, осудениот воен злосторник Радован Караџиќ, е санкциониран и во Босна и Херцеговина и во Црна Гора и во Србија. Под санкции во Србија е и неговата компанија „Комотко“.
Американците го бараат и словенечкиот „крал на стероидите“
На списокот се пет физички и четири правни лица од Словенија: Михаел, Матевж и Аленка Карнер, Дејан Донко и Урош Сливникте и компании поврзани со нив Karner, Merideis, Palea и Velinvestment. Сите тие се дел од криминалната група која под водство на Михаел Карнер се занимавала со продажба на анаболички стероиди во САД, па се вклучени во програмата за санкции за борба против странски дилери на дрога под шифра SDNTK. Карнер беше уапсен во Австрија по американска потерница, каде што успеа да избегне екстрадиција до американските власти.
Карнер неодамна на конференцијата Business Forensics организирана од Tax-Fin-Lex одржа предавање за отворање фирми во даночните раеви, што крена прашина и предизвика откажување на учеството на некои други предавачи, меѓу кои и на словенечката министерка за внатрешни работи, Татјана Бобнар.