Ако длабоката поделба на претседателските избори не беше доволна да ги раздели Бразилците, Светското првенство претставува нов тест за идентитетот: дали да се носи нивниот најценет дрес.
Жолто-зелениот дрес на бразилската фудбалска репрезентација стана препознатлив изборен реквизит на приврзаниците на претседателот во заминување Жаир Болсонаро. Овој дрес толку многу се поврзува со лидерот на десницата, што голем број навивачи со поинаква политичка определба го отфрлаат како опција за тековниот мундијал.
„Иднината е сина“, вели Вилијам Енрике, кој продава дресови во центарот на Рио де Жанеиро, покажувајќи кон вториот дрес на бразилската фудбалска репрезентација. Потоа погледот го насочува кон купот непродадени жолти дресови, додавајќи: „Купувачите ми велат: 'Тоj е на Болсонаро! Дај го другиот'.“
Носен од фудбалски великани како Пеле и Роналдо кои му помогнаа на Бразил да освои пет светски првенства, култниот жолт дрес е симбол на доминацијата на оваа земја во фудбалот. Но, дресот го носеа и верните приврзаници на Болсонаро за време на митинзите, а и кога излегоа на улиците за да протестираат против неодамнешната изборна победа на новоизбраниот претседател, Луис Инасио Лула да Силва.
Фудбалската федерација на Бразил (CBF) настојува да ја „испере“ политиката од дресот во славните бои. Пред почетокот на првенството започна видео кампања со цел да се деполитизира познатата „амарелиња“, како што жолтиот дрес се нарекува во Бразил. Видеото покажува фудбалски фанови кои го носат овој дрес, при што оди и рап песна со текст „Ајде да одиме со жолто!“
„Сите може да се чувствуваме добро за дресот на националниот тим“, порача претседателот на CBF, Едналдо Родригес претходно месецов, по покренувањето на кампањата. Сепак, анкета објавена минатата недела од страна на информативниот портал Metropoles покажа дека тоа не е сосема точно бидејќи нешто повеќе од една четвртина од Бразилците одговориле дека нема да ја носат амарелињата.
Валтер Казагранде Џуниор, некогашен напаѓач на националниот тим, отворено ги изрази чувствата на многумина од критичарите на досегашниот претседател: „Екстремната десница на Жаир Болсонаро уништи сè што ѝ беше на патот, вклучително и наклонетоста што ја имаме кон нашиот жолт дрес“.
И играчите се подеднакво поделени како навивачите. „Она што го гледам е дека во текот на изминатите четири-пет години актуелниот претседател ја оживеа гордоста да се биде Бразилец“, рече во интервју Гилмар Риналди, поранешен голман кој беше дел од победничката екипа на Светското првенство во '94-та година.
Напорите за деполитизирање ги компликува и фактот дека бразилската суперѕвезда Нејмар е отворен поддржувач на Болсонаро и вети дека ќе му го посвети својот прв гол на Светското првенство на претседателот во заминување.
„Тажно е што дојде до ова“, вели Педро Линдаки (21), студент по бизнис администрација носејќи амарелиња во метрото во Рио. „Гласав за Лула, но мислам дека политичарите не треба да се мешаат со спортот“.
Други се обидуваат да го „спасат“ дресот на свој начин.
Тајина Пињо претходно годинава лансираше линија за облека наречена Canary Revolt. Препознатлива одлика на брендот се прогресивните слогани и симболи поставени на дресот, како црвената ѕвезда на Работничката партија на Лула.
„На младите луѓе им останува да го вратат славниот дрес“, вели Пињо.
Од своја страна, Лула веќе вети дека ќе носи жолто за време на турнирот. И многу Бразилци во Катар сигурно ќе го следат примерот.