Новогодишните и божиќните празници се пред нас. По напорната, турбулентна година, проследена со неколку кризи, се чини дека празничната атмосфера е единственото нешто што ги враќа енергијата и подготвеноста за нови борби во годината што претстои, без разлика дали зборуваме од личен или професионален аспект.
А новогодишните и божиќните празници се посебни од неколку причини. Прво се надоврзуваат едни на други и со тоа ни нудат подолг период на т.н. зимски одмор. Второ, светилките и украсите се нешто посебно, несвојствено за другите празници, и создаваат една магична атмосфера, која нè носи некаде во замислениот свет од нашите фантазии и на некој начин го буди детето во нас. Трето, зимата дава дополнителен шмек, особено ако има снег. Па, замислете ја таа убава опуштена атмосфера во топол дом, лежерна облека, традиционална храна за тие празници и, како неизоставен дел, некој добар филм, додека новогодишните светилки трепкаат некаде од страна.
Во една таква идилична атмосфера, одеднаш ќе се појави проблем: каков филм да гледаме? Ќе речете камо секогаш во животот само тоа да ни е проблем. Но веќе рековме дека празничниот период е магичен и ја буди нашата фантазија, па барем тие неколку дена живееме во свет полн со радост и среќа, каде што единствениот проблем е кој филм ќе го гледаме со нашите блиски.
Дали веќе имате некој наслов на ум? Или можеби ќе бидете маратонци, кои ќе изгледаат една, па дури и неколку сезони од некоја серија за време на празниците? А, ќе гледате дома или можеби ќе одите во кино? За што и да се одлучите, ви посакуваме само добра забава.
Пандемиските 2020 и 2021 година создадоа нови филмомани во Македонија
„Ни претстои период на празници поминати во кругот на семејството, со многу храна, малку повеќе слободно време и простор за гледање добра ТВ-програма. За таа цел, овој пат во фокусот на анализата за ‘Пикаса’ беше дигиталната застапеноста на киносалите и ТВ-пакетите“, вели нашата соговорничка Ема Муратова, менаџерка за бизнис-развој во „Пикаса аналитикс“, која во моментот развива и дава решенија на осум пазари.
Тие анализираат колку и на кој начин се спомнува филмската индустрија во Македонија и во регионот преку дигиталните и социјалните медиуми. Филмската индустрија кај нас се состои од Нетфликс, ХБО, Глеј, Макс ТВ и Фокс.
Анализата на „Пикаса“ покажува дека бројката на написи за овие платформи во дигиталните медиуми во Македонија е 16.669, а на социјалните мрежи 10.502, со вкупен број на реакции од публиката 411.491, во вид на допаѓања, споделувања и коментари.
„Во 2019-та има приближно идентична застапеност на медиумските написи и објавите на социјалните мрежи, но сепак претставуваат само 7 отсто од вкупните податоци што ги анализираме за овој четиригодишен период, од 2019 до 2022 година, со просек од 10 реакции по објава“, вели Муратова.
Пандемијата си го направи своето, па рестрикциите во движењето и долгите карантини понудија многу повеќе време поминато дома, кое меѓу другото се користеше и за повеќе време посветено на филмови и серии. Тоа го потврдува и аналитиката на „Пикаса“.
„Пандемиската 2020 година бележи доминантен раст во споредба со другите години, и тоа во споредба со 2019 има раст од 191 отсто во медиумскиот простор и 146 проценти со споменувања на социјалните платформи. Бројот на реакции од страна на публиката бил зголемен за 247 проценти. А 2021 година го следи речиси истиот процентуално нагорен тренд од 2020 година“, објаснува Муратова.
Излегувањето од пандемијата и враќањето во целост на работа и на секојдневните обврски во 2022 година ги скратија овие задоволства на луѓето.
„Но 2022-та во споредба со 2021 година изненадува со раст од само 2 отсто на медиумите и еден отсто на Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб. За првпат по тригодишен континуиран раст на реакциите од страна на публиката, сега следува пад од 5,5 проценти“, забележува нашата соговорничка Ема Муратова.
Кој го победи Нетфликс во 2022 година?
Според анализите на „Пикаса“, на генералната листа на најпребарувани клучни зборови за 2022 година во Македонија, Нетфликс е 112-то рангиран клучен збор, а пред него се наоѓаат сајтови за спортски резултати, временска прогноза, хороскоп, спортско обложување и неколку сајтови за филмови за возрасни.
„Дали станува збор за заситеност на маркетот и потенцијалот на пазарот или за други социоопштествени теми во фокус на интересот на граѓаните, може да се дознае со кростабулација на конкретни теми во ист временски период и подетално согледување на нештата што ќе влијаат на следната маркетинг-стратегија, буџетирање на кампања или лансирање нов пакет услуги. Потребата за податоците е сè почеста, а важноста е непроценлива“, вели Муратова.
Таа вели дека адвертајзингот е постојана врева, и тие се трудат на своите клиенти да им дадат објективна опсервација и визуелен приказ, што ќе ги водат до поквалитетни одлуки за кампањи доколку се одлучат да се промовираат или рекламираат на некој начин во составот на филмската индустрија.
„Од друга страна, пак, киноиндустријата, која се состои од ’Кинотека’, ’Милениум’, ’Синеплекс’ и ’Киносенс 7д’, во една компаративна анализа со телевизиските пакети за истиот временски период од четири години, има секаде помалку активности т.е. 341 отсто помалку медиумски написи, 228 проценти помалку објави на социјалните мрежи и 205 отсто помала интеракција од страна на публиката со споделувања, допаѓања и коментари“, анализира Муратова.
Аналитиката на „Пикаса“ во делот на пребарување клучни зборови за категоријата забава, во класата на филм и музика, покажува дека најпребарувани термини се српски зборови за филмови со превод.
„Во истата класа на филм и музика во брендови се појавуваат нови зборови што се актуелни и процентуално најзастапени на ‘Гугл’ од страна на Македонците. Ова е уште една од алатките со кои нашите корисници може да се инспирираат и да креираат контент што веќе е посакуван и лесно препознаен од ‘Гугл’“, вели Ема Муратова од „Пикаса аналитикс“, која посакува во новата година телевизиските пакети и киносалите да го зголемат својот рејтинг.
Каков план има „Синеплекс“ за да го зголеми рејтингот?
Од најпознатото кино во главниот град велат дека интересот за посета на киното е секогаш присутен, но најголем пораст се забележува од октомври до јануари и од април до јуни.
„Во последните неколку години забележуваме дека и во летните месеци интересот се зголемува, иако се летни одмори и училиштен распуст. Интересот примарно зависи од насловите, кои се најчесто закажани во пресрет на големите празници, како Божиќ, Велигден и почетокот на летен одмор“, вели Билјана Јанкуловска, маркетинг-асистентка во „Синеплекс“.
На точно цела деценија од постоењето на „Синеплекс“ во Македонија, нивното искуство покажува дека актуелноста на филмовите зависи од повеќе фактори, но, сепак, може да се определи насоката на интерес според возраста и полот на гледачите.
„Секоја категорија на публика има свој омилен критериум за гледање филмови во кино. За тинејџерите, хорор-филмовите и ‘Марвел/ДЦ’ се најпривлечни. За женската популација од 25 до 50 години омилени филмови се романтичните комедии, додека, пак, семејствата се одлучуваат за анимираните филмови. Момците сакаат да гледаат акции, трилери и комедии“, вели Јанкуловска.
„Синеплекс“ ги прикажува сите филмови за кои дистрибутерите на филмови имаат права за прикажување во Македонија и оттаму велат дека одлуката кои филмови кога ќе се прикажуваат зависи од дистрибутерите.
„Божиќните филмови што сме ги прикажувале досега во ’Синеплекс’ најчесто биле гледани од семејства за време на зимскиот распуст. Најчест жанр на божиќни филмови се анимирани комедии или, пак, семејни филмови“, вели Јанкуловска.
Кои наслови да ги очекуваме во „Синеплекс“ во 2023-та?
Во новата година од „Синеплекс“ очекуваат нормализација на текот на филмската дистрибуција и враќање на големите премиери во кино, како што беше во претпандемиската 2019 година.
„Во првите три месеци од 2023 година можеме да ги погледнеме следните филмови: ‘Вавилон’ со Бред Пит и Марго Роби, ‘Ент Мен и Осата’ (ново продолжение на хероите на Марвел), четвртиот дел на акцијата ‘Џон Вик’ со Кијану Ривс, најновото продолжение за комичното дуо ‘Астерикс и Обеликс’, ‘Магичниот Мајк’ со Ченинг Тејтум. Исто така,за време на распустот ќе може да се погледнат и ‘Аватар: Патот на водата’ и ‘Сакам да танцувам со некого’, семејните филмови ‘Лил, Лил, крокодил’, ‘Мачорот во чизми: Последната желба’, ‘Мечокот од север’, ‘Биби и Боби во Снешковград’ и други“, вели Јанкуловска.
Таа најавува и дека за подоцна во текот на годината се закажани продолженијата на „Невозможна мисија“ со Том Круз и „Индијана Џонс“ со Харисон Форд.
„Секако, не можеме да ги изоставиме и филмовите ‘Барби’, ‘Супер Марио’, ‘Брзи и бесни 10’, ‘Опенхајмер’, ‘Малата сирена’ и други“, вели Билјана Јанкуловска од „Синеплекс“.
Македонската платформа „Глеј“ зема сè поголем замав
Од „Глеј“ (Gley.mk) велат дека глобалните стриминг-платформи радикално ги сменија гледачката навика и гледачите, односно корисниците сакаат сами да си одберат што, кога и колку ќе гледаат.
„На нашиот пазар не постоеше стриминг-платформа што ќе им понуди на корисниците избор на локални и регионални содржини, во микс со атрактивни странски содржини, плус комплетен превод на македонски и албански јазик, вклучувајќи и на детската содржина. Тука некаде се роди идејата да го почнеме ’Глеј’“, велат оттаму.
Бројката на претплатници е во постојан пораст, а по нешто повеќе од една година постоење, досега имаат над 25.000 регистрирани претплатници што имаат пристап до платформата. Најчестиот тип на претплата е основниот, со кој се овозможува само еден стрим истовремено.
„Нормално, во летните месеци тој раст е помал, како и активноста на корисниците, во споредба со овој период од годината. Очекуваме до крајот на првото полугодие од идната година бројката на корисници што ја користеле платформата да надмине 40.000“, велат од „Глеј“.
Сериите ги предводат филмовите, а најгледана серија на „Глеј“ е „Преспав“
„Домашните и регионалните содржини се најбарани и најгледани. Сериите секако го заземаат примарното место, но и филмовите не заостануваат многу. Од друга страна, детската содржина буди сѐ поголем интерес. Можеме со сигурност да кажеме дека барем 20 отсто од корисниците гледале детска содржина“, вели Маја Габер, маркетинг и пиар-координаторка во „Глеј“.
Податоците покажуваат дека најгледаната содржина во оваа година е серијата „Преспав“, а „Беса“ го држи високото второ место. Кај филмовите, тоа се „Тома“ и „Трето полувреме“. Ако ги анализираме одделно македонските содржини, од сериите, покрај „Преспав“, најмногу се гледа и „Куќен притвор“, додека од филмовите носечки се „Џган“, „Трето полувреме“ и „Ефектот на среќа“.
„Интересот за македонските содржини е голем, ама се малку. Една од основните цели на ’Глеј’ е да ја поддржи македонската продукција, да биде место каде што таа дополнително ќе се монетизира, да поттикнеме нејзин забрзан развој. За таа цел, неодамна објавивме повик за откуп на сценарија што би можеле понатаму да бидат обработени и продуцирани, а со тоа да имаме нова содржина во која корисниците ќе можат да уживаат“, вели Габер.
Нивната статистика покажува дека гледачкиот период дефинитивно е кога доаѓа зимата, особено за време на празниците, кога луѓето имаат повеќе време.
„На дневно ниво, по 22 часот е времето кога најмногу се користи нашата платформа. Во викендите, корисниците се секогаш поактивни, а и времето игра најголема улога. Лошо време значи повеќе стримање, добро време значи помалку“, објаснува Маја Габер.
За празниците, „Глеј“ пласира над 70 нови филмови, како и нови епизоди од постојните серии. Така што сметаат дека обезбедиле содржина за секого по нешто, во зависност од тоа што му причинува задоволство на корисникот.
„Во следните неколку месеци ќе има многу програмски освежувања, новата сезона на ’Преспав’, серијалот ’Тома’, странски реални шоуа, документарна програма од домашна и странска продукција, регионални хитови, но и нови холивудски наслови. Секако, тука се и новите епизоди на омилените детски содржини. Технолошки и програмски ќе воведеме и пренос на настани во живо, а за корисниците ќе обезбедиме и содржина што ќе можат да ја гледаат без да имаат активна претплата и на тој начин да можат да ја испробаат платформата и да се запознаат поблиску со нејзината понуда пред да стапат во претплатнички однос“, информира Маја Габер од „Глеј“.
Нетфликс е предводник во оваа индустрија во светот
Податоците покажуваат дека Нетфликс има многу повеќе претплатници во светот споредено со неговиот најголем конкурент ХБО (HBO).
Имено, Нетфликс има околу 220 милиони претплатници низ светот, додека ХБО има над 81 милион, а има цел до 2025 година таа бројка да ја удвои, односно да достигне 150 милиони претплатници.
Во САД, ХБО е малку поконкурентен и таму има околу 50 милиони претплатници, додека Нетфликс има околу 73 милиони, но во САД и Канада заедно.
Популарноста на Нетфликс на изостанува ниту во нашата држава, но компанијата не објавува податоци одделно по држави, туку само според поделени четири региони во светот. Податоците од Македонија влегуваат во вкупната статистика за Европа, Средниот Исток и Африка, каде што заклучно со третото тримесечје годинава Нетфликс има 73,5 милиони претплатници.
Што има во светот?
Само во ноември и декември околу 150 божиќни филмови имаа премиера на телевизија и стриминг-платформи. Холмарк (Hallmark Media) има најмногу, дури 40, додека ривалскиот конкурент Лајфтајм (Lifetime) има 26 филма.
Хумористичната серија „Дедомразовци“ на „Волт Дизни“, произведена за нивната онлајн платформа Дизни+, беше една од десетте најгледани емисии во САД во текот на неделата пред Денот на благодарноста.
На пазарот одлично котираат и некои необични понуди, како „Насилната ноќ“ на „Универзал“ (Universal Pictures), филм во кој Дедо Мраз спасува семејство од платеници. Овој наслов досега ги надмина проекциите на благајните, со 13,5 милиони долари во првиот викенд во декември.
Дејвид Заслав, главен извршен директор на „Ворнер Брос дискавери“ неодамна изјави дека најголемиот дел луѓе им даваат предност на високобуџетските изданија во кината, кои генерираат приходи од милијарди долари, но евтините празнични филмови и нивната големата понуда ги смета за важен исклучок, бидејќи може да се направат само за три недели и бараат минимални трошоци за маркетинг, капитализирајќи ги предвидливите навики за гледање, кои за милиони луѓе станаа традиционален божиќен ритуал.
Секоја година за време на празниците има толку многу пребарувања за божиќни теми што Нетфликс го подели жанрот на својата услуга во поткатегории, вклучувајќи глупави божиќни филмови, божиќни филмови од 1990-тите, британски божиќни филмови, канадски божиќни филмови и многу повеќе.
Гледачите секако ги прифаќаат жанровите. Пет од најдобрите и најгледани десет филма на Нетфликс во неделата од 28 ноември до 4 декември беа токму божиќни филмови, вклучувајќи ја и најдобрата продукција „Дневникот на Ноел“. Тој филм е во топ 10 во 83 земји, вклучувајќи и голем број муслимански нации и Израел, што покажува колку добро овие филмови можат да патуваат. Таквата популарност, исто така, помага да се објасни зошто повеќе од 200 нови играни филмови и ТВ-филмови со зборот „Божиќ“ беа наведени во интернет-базата на филмови за објавување минатата година, бројка што е двојно зголемена од 2016 година и четирикратно од 2011 година.
Текстот е напишан со помош на Томас Бакли/Блумберг.