Европа се ослободува од старите автомобили, Македонија ги увезува
Додека некои од Европејците се обидуваат што поскоро да се ослободат од старите возила поради забраната за движење на возила што се сметаат за загадувачи (во моментов со стандард еуро 4, а од октомври веќе и со стандард еуро 5), Македонците во тоа гледаат шанса да се испазарат за солиден автомобил. Во случајот ја анализиравме состојбата во Баварија, каде што Германците, поради временскиот теснец во кој се наоѓаат, продаваат автомобили под нивната реална вредност. Од друга страна, во Македонија не се донесоа најавуваните законски измени со кои ќе биде забрането да се увезуваат постари автомобили. Токму од таа причина сега речиси 90 проценти од возниот парк во Македонија е постар од 10 години и претставува сериозен загадувач на околината.
И трговците со автомобили алармираат на тоа дека е потребна промена на стандардите за увоз на автомобили.
Аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ потврдува дека во целиот регион повеќе се возат стари отколку нови автомобили, а во Македонија најпродавано возило е „киа“. „Шкода“ е најпопуларна кај Србите и Босанците, а „фолксваген“ најчесто купуваат Хрватите и Словенците.
Инвеститорите ѝ се благодарни на македонската влада за поголемата камата на еврообврзницата
Македонија вчера издаде четиригодишна еврообврзница во износ од 500 милиони евра со камата од 7,25 проценти. Вториот обид на Македонија годинава да се задолжи преку издавање обврзница чини поскапо, со оглед на тоа што за еврообврзницата што беше издадена минатиот месец, а потоа откажана поради техничка пречка, каматата изнесуваше 6,5 проценти.
Инвеститори од меѓународни инвестициски куќи ја поздравија грешката на Владата, со оглед на тоа што им овозможи поголема заработка за ист ризик.
Законот за хартии од вредност оди во пензија
Министерство за финансии подготвува два нови закони со кои ќе биде заменет постојниот Закон за хартии од вредност и се создава потенцијал за развој на пазарот на капитал.
Тоа треба да овозможи сите финансиски инструменти што се достапни за инвеститорите на меѓународните пазари да бидат препознаени и на домашниот пазар. Се предвидува лиценцирањето и организациските барања за брокерските куќи (инвестициски друштва) да се вршат според стандардите на ЕУ. Освен берзата (пазарниот оператор), ќе може да се основаат нови платформи за тргување, како мултилатерална платформа за тргување и организирана платформа за тргување. Со предлог-законот се зголемуваат и овластувањата на Комисијата за хартии од вредност.
На берзите...
Иако нема голема промена на светските берзи на вчерашното тргување, како и на почетокот на денешното тргување, сепак може да заклучиме дека индексите „пливаат“ во плитко зелено. Се истакнува единствено хонконшкиот индекс, чиј раст денеска е 1,9 процент.
Нафтата ВТИ утрово порасна за 0,5 отсто и барел се тргува по цена од 80,85 долари. И нафтата брент и ВТИ вчерашното тргување го завршија со плус од 0,3 проценти.
Златото утрово се тргува по цена повисока за 0,2 отсто и унца чини 1.849,93 долари.
На криптопазарот мала позитива низ целиот кризен период деновиве. Биткоинот го започнува денот во плус за 0,2 проценти и чини 22.461,83 долари, а етерот е со 0,4 отсто поголема вредност, односно се тргува за 1.572,7 долари.
Денеска читајте...
„Блумберг Адрија“ анализира дали ниските цени на енергентите може да ја поттикнат потрошувачката до ниво што ќе влијае на натамошен раст на цените и инфлацијата. Дали светот влегува во маѓепсан круг или во т.н. инфлаторна спирала?
На темата за инфлаторната спирала разговараме со академик Таки Фити и со Петар Гошев, поранешен министер за финансии и гувернер на централната банка.