Наместо замрзнати цени, да се намалат даноците и да се употребат државните резерви
Ова е барањето на бизнисмените, кои сметаат дека замрзнување на цените не е соодветна мерка во услови на пазарна економија. Затоа тие предлагаат дека доколку се намалат даноците или државата интервенира со државните резерви, во тој случај ќе се постигне истиот ефект, ќе се намалат цените на целните производи, но во вториот, за разлика од првиот случај, тоа нема да биде на штета на компаниите.
„Инсистираме да се престане со замрзнувањето на цените и да се најдат алтернативи, односно да се интервенира со државните резерви и да се побараат други можности за намалување на цените за крајните корисници, како што е намалување даноци и ДДВ“, рече Менди Ќура, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Од комората бараат и да се либерализира пазарот на трудот, односно да се прошират или целосно отворат квотите за увоз на работници од странство, бидејќи бизнис-секторот долго време се соочува и со тој проблем, недостиг од работна сила.
Третина од Македонците зеле кредит за сметки и за храна
Секоја трета сметка за струја во земјава е со истечен рок за плаќање, а еден отсто од домаќинствата се пред присилна наплата. Ова го покажуваат последните податоци на „ЕВН Македонија“. Последното истражување на „ЕОС матрикс“, пак, покажува дека третина од граѓаните зеле кредит во последните шест месеци за да се справат со високите цени. Овие податоци се доказ дека домаќинствата во земјава ја губат битката со инфлацијата.
Во последните шест месеци една четвртина од потрошувачите од Источна Европа се задолжиле и тоа е повеќе во однос на потрошувачите од Западна Европа. Во регионот Адрија, пак, најмногу се задолжувале Македонците, а најмалку Словенците.
Што ќе донесе енергетската реформа – помали ценовни шокови или повисоки цени?
За да се заштити од енергетски и ценовни потреси, Европа почна да работи на реформа на внатрешниот пазар со електрична енергија. Оваа реформа во фокусот ги има обновливите извори на енергија и заштита на потрошувачите од ценовни шокови.
Имено, граѓаните сега ќе станат многу поактивни играчи, ќе може да имаат по повеќе договори со снабдувачи, што ќе ги заштити од ценовни шокови. Од друга страна, предложената реформа има цел да го забрза производството од обновливи извори на енергија.
Домаќинствата сега ќе можат да комбинираат по неколку снабдувачи или преку еден да се снабдуваат за редовните потреби, а да склучат договор со друг снабдувач за користење ноќна тарифа на пример за полнење на електричното возило.
На берзите...
Во пресрет на состанокот на банкарите од американските Федерални резерви (ФЕД), кои треба да одлучат за тоа дали и колку ќе се зголемат каматите, расположението на светските берзи е позитивно.
Индексот S&P 500 порасна за 1,3 отсто, а индустрискиот индекс Nasdaq 100 се зголеми за 1,4 отсто. Европскиот Euro Stoxx 50 се искачи нагоре за 0,3 проценти. Позитивата е присутна и кај азиските берзански индекси, каде што јапонскиот и хонгконшкиот се со најголем раст од 1,8 отсто, а кинескиот бележи најмал раст од 0,2 отсто.
По дводневниот раст неделава, цената на нафтата денеска паѓа во пресрет на одлуката на ФЕД за каматните стапки. Имено, ВТИ за испорака во мај загуби 0,6 проценти од вредноста, паѓајќи на 69,25 долари за барел, додека нафтата брент падна за 0,5 отсто, со што сега барел се тргува по цена од 74,91 долар.
Еврото сосема малку се промени во однос на доларот и сега овие валути се разменуваат по курс од 1,0771 долар за едно евро. Незначителна е и денешната промена на вредноста на златото.
На криптопазарот сликата е обратна од вчерашната. Најголемиот токен, биткоинот, утрово порасна за 0,6 проценти, искачувајќи се на 28.332,08 долари, а етерот ја зголеми својата вредност за 0,4 отсто, на 1.808,95 долари.
Денеска читајте...
Се зголемуваат шансите за повторно воведување директна авиолинија меѓу Скопје и Љубљана откако македонската влада распиша нов оглас за субвенционирање авиокомпании, а се очекува и словенечката влада да спроведе иста постапка кон крајот на март. Властите, операторите на аеродроми и бизнис-заедницата посакуваат авионско поврзување меѓу двете земји, но крајниот збор ќе го имаат авиокомпаниите, кои ќе треба да пресметаат колку е исплатливо летањето на оваа дестинација.
Национален или регионален авиопревозник - што ѝ треба на Македонија? Пазарот е мал, а бизнисот скап за да можеме да размислуваме за национален авиопревозник. Факт е дека има потреба од повеќе летови и поголема поврзаност на земјава со светските метрополи, но можностите за остварување на овие потреби се лимитирани. Сепак, има формула што е блиска со таа за национален авиопревозник, на пример партнерско поврзување со некоја од големите компании што летаат во земјава.