Почнува увозот на странски работници, издадени дозволи на лица од Непал и Пакистан
Од почетокот на годинава, заклучно со вчера, од страна на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ) се дадени позитивни мислења за издавање работна дозвола за странец до Министерството за внатрешни работи за две лица од Непал и десет лица од Пакистан, додека за Бангладеш нема поднесени барања, информираат од АВРСМ.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, неодамна информира дека од почетокот на годинава над 3.000 странски граѓани добиле дозвола да работат во земјава, а годишната квота, како што посочи, е 5.000. Според него, земјава планира „увоз“ на работна сила, а најмногу кадар недостига во туризмот и градежништвото.
Подолго време во земјава работат работници од Турција, во делот на градежните инвестиции на турски компании, и од Кина, на изградба на автопатиштата.
Злато - сигурна инвестиција во несигурни времиња
Цената на златните прачки порасна по турбуленциите на финансиските пазари со пропаѓањето на банката „Силикон валеј“ во САД и проблемите на швајцарската банка „Кредит Суис“. Само за една недела, на почетокот на март, цената порасна за 6,5 отсто, што е најголем неделен раст по пандемијата во 2020 година. Читајте колку златото е сигурна инвестиција во несигурни времиња.
Но уште пред земјотресите во банкарскиот свет, цената на златото растеше. Тој раст беше поддржан од солидната побарувачка за злато во втората половина од годината, особено од централните банки, кои купија рекордни 400 метрички тони метал во третиот квартал, покажуваат податоците на „Блумберг“.
„Го гледаме златото како најголем добитник додека светот се лизга кон рецесија и ги принудува централните банки да го променат курсот“, напиша во извештај вишиот макроекономски стратег на „Блумберг интелиџенс“, Мајк Мекглон. И домашните познавачи на состојбите сметаат дека златото е сигурна инвестиција во несигурни времиња.
На берзите...
Мерачот на глобалните акции се упатува кон втора квартална добивка по ред, нагласувајќи го оптимизмот на инвеститорите во услови на банкарски превирања и покачени каматни стапки. Технолошките акции го предводат тој раст во ова тримесечје, зголемувајќи се за 19 проценти, најмногу од средината на 2020 година.
Утрово индексот S&P 500 порасна за 0,6 отсто, а технолошкиот Nasdaq 100 за 0,9 проценти. Фјучерсите за европските акции пораснаа за 0,2 отсто, а позитивна е состојбата и со азиските акции. Таму индексите денеска остваруваат добивка во висина меѓу 0,2 отсто на пример во Кина и 1,4 отсто во Јапонија.
Нафтата се движи кон неделен раст од повеќе од седум отсто, бидејќи тековното нарушување на ирачкиот извоз го затегна пазарот повеќе од податоците за инфлацијата во САД. Извозот на нафта од Ирак преку Турција веројатно нема да продолжи оваа недела, бидејќи уште е активен спорот меѓу Багдад и Курдистан со кој се запрени испораки од околу 400.000 барели дневно. По вчерашниот раст од два отсто, цената на ВТИ за испорака во мај утрово е сосема малку променета и барел чини 74,38 долари. Нафтата брент, пак, загуби 0,2 отсто и се тргува по цена од 79,08 долари за барел.
Европската валута, која се доближува кон својот двомесечен максимум во однос на американскиот долар, утрово е малку променета и нивниот курс за размена е 1,0906 долар.
На криптопазарот нема големи промени. Биткоинот се тргува по цена од 28.170,82 долари, додека етерот порасна за 0,4 отсто и чини 1.802,9 долари.
Денеска читајте...
Пишуваме за десетте најчесто фалсифкувани луксузни предмети. Ако некогаш сте купувале од улични продавачи во големите градови како Њујорк, Лос Анџелес или Сан Франциско, веројатно сте налетале на такви фалсификати. Ви ги пренесуваме заклучоците од истражувањето на „Јаху фајненс“ за тоа кои предмети најчесто се фалсификуваат.
Препродавачка на фалсификати вели дека целта е да се удвои влогот. Пренесувајќи го искуството, таа вели дека цените се движат од две евра, да речеме, за маица, па до 18 или 20 евра, а за фалсификувана чанта „луј витон“ со врвен квалитет во Турција плаќате од 200 до 250 евра. Купувале претежно помлади луѓе, од 18 до 45 години.
Фејк-економијата врти милиони. Не само во регионот, трговијата со фалсификати расте со растот на светската трговија. Вредноста на трговијата со плагијати би можела да изнесува меѓу два и три отсто од светската трговија, покажа истражувањата.
Во Шутка, во станови, во бутици - лажни брендови се продаваат секаде
На македонскиот пазар најчесто се фалсификуваат производи за секојдневна употреба. Царината задржала 14 илјади парчиња облека, 1.700 парчиња обувки, 14 илјади парчиња играчки. При контролите во земјава, пак, пазарните инспектори најчесто наоѓаат и привремено одземаат текстилни производи (облека), накит, козметички препарати, обувки, со кои неовластено се користи или имитира добропозната трговска марка. ДПИ изрекол 24 казни, во вкупна вредност од само 2.325 евра.