Македонците навалија на купување државни записи
Во Македонија има своевиден бум на интересот меѓу граѓаните за купување државни хартии од вредност, а најдобар показател за тоа е што заклучно со март годинава физички лица поседувале државни записи во вредност од 138 милиони денари (2,2 милиони евра), што е рекорден раст во изминативе две години.
Растот на каматите на државните хартии од вредност е многу поголем отколку растот на каматите на депозитите кај комерцијалните банки, што секако го увидоа некои од граѓаните, кои почнаа традиционалното штедење да го менуваат со инвестирање пред сè во државни записи. Заклучно со февруари годинава, каматите на вкупните депозити изнесуваат еден процент, додека каматата на 12-месечните државни записи заклучно со декември минатата година била 3,5 проценти.
Зошто малите инвеститори чекаат на ред да купат државни обврзници? Секој работен ден во февруари се формираше долга редица луѓе пред седиштето на Банката на Шпанија во Мадрид. Невообичаено, но сосема разбирливо. Шпанците побрзаа да ги инвестираат своите заштеди во шпански државни обврзници наместо во банкарски депозити. Приносите од три отсто се повисоки отколку тие на депозитите, а токму тоа беше еден од главните аргументи за купувањето. Слично беше и во Хрватска, каде што Хрватите буквално „навалија“ на националниот долг.
Иако каматните стапки во Европа растат од средината на минатата година, банкарските штедачи не го чувствуваат тоа, бидејќи каматите на орочените депозити сѐ уште се ниски. Освен Хрватите и Шпанците, кои - разочарани од ниските каматни стапки на банкарските депозити - одамна се одлучија за државни обврзници со купонска камата од три отсто, сличен штеден производ имаат и Италијанците.
САД и сојузниците размислуваат за целосно ембарго за извоз од Русија
Некои од клучните сојузници на Украина, меѓу кои и САД, размислуваат да пристапат кон целосна забрана на најголемиот дел од извозот во Русија, што потенцијално би било значајно заострување на економскиот притисок врз претседателот Владимир Путин поради неговата војна.
Според познавачи на ова прашање, претставници на Групата седум (Г7) разговараат за идејата пред лидерскиот самит во Јапонија во мај, а целта би била во забраната да се вклучат земјите-членки на Европската Унија. За предлогот сè уште се расправа и може да се промени, велат упатените.
Грижата за безбедноста во однос на Кина ги засенува економските интереси на САД
Министерката за финансии на САД, Џенет Јелен, рече дека администрацијата на Бајден е подготвена да ги прифати економските трошоци бидејќи се обидува да ги заштити американските национални безбедносни интереси од заканите што ги носи Кина, иако таа апелира до Пекинг да соработува за заедничките глобални грижи.
„Националната безбедност е од огромно значење во нашите односи со Кина. Ние нема да правиме компромиси за овие грижи, дури и кога тие наметнуваат компромиси за нашите економски интереси“, рече Јелен вчера во Вашингтон.
Администрацијата на Бајден ќе ги брани своите национални безбедносни интереси и ќе изрази загриженост за однесувањето на Кина, се бара здрава и фер економска конкуренција и целта е Кина да се вклучи во прашања како што се тие за климатските промени и олеснување на долгот на земјите во развој.
На берзите...
Европските фјучерси на акции се единствена и осамена светла точка на берзите, бидејќи Азија ги следи загубите на Волстрит откако американските податоци покажаа омекнување на пазарот на трудот. Индексот S&P 500 падна за 0,6 проценти, а технолошкиот Nasdaq 100 загуби 0,8 отсто од вредноста. Негативата на азиските берзански индекси се движи во распон од 0,1 отсто во Јапонија до 1,4 отсто во Кина.
Нафтата е на пат да оствари прва неделна загуба по минатомесечната банкарска криза, притисната од загриженоста за побарувачката и американската економија. По досегашниот пад оваа недела од шест отсто, утрово ВТИ за испорака во јуни се тргува со мала промена, по цена од 77,33 долари за барел, додека цената на нафтата брент изнесува 81,03 долари.
Доларот и јенот зајакнаа поради загриженоста од зголемените тензии меѓу Америка и Кина. Еврото падна во однос на американскиот долар за 0,1 отсто и нивниот курс сега е 1,0958 долар за евро. Златото, пак, загуби 0,5 отсто од својата вредност и падна под границата од 2.000, со што унца чини 1.994,51 долар.
Нема големи промени на криптопазарот. Биткоинот се тргува по цена од 28.194,65 долари, а етерот падна за 0,2 отсто, на 1.933,42 долари.
Денеска читајте...
Почувствувајте го духот на минатото преку филм. Пишуваме за тоа како со помош на современата технологија денес може да го зачуваме филмското културно наследство, кое уште нѐ поврзува, особено со регионот и поранешна Југославија.
Кинотеките и филмските архиви низ регионот веќe со години се обидуваат да ги зачуваат филмовите што го обележија минатиот век. Културните установи од некогашната заедничка држава активно соработуваат во процесот на обнова, односно на дигитализација на старите филмови, со заедничка желба за спасување на уметноста од пропаст и заборав, што нуди и можност за новите генерации да го почувствуваат духот на минатото време.
Разговараме и со директорот на „Вардар филм“, нашата државна продуцентска куќа, под чија капа се реализирал најголемиот дел од филмските дела од минатото. Саиди тврди дека институцијата е во процес на обнова, а целта е да стане модерен филмски центар, кој ќе го врати својот сјај, а ќе помогне во издигнувањето на македонската кинематографија.