Итно да се дејствува за диверзификација на енергетските ресурси, порача американската амбасадорка во државава Анџела Агелер на отворањето на шестото издание на енергетскиот форум „МЕФ 2023“. Форумот на темата „Подобрување на триаголникот: политики-финансии-енергетска технологија за енергетска отпорност и зелена транзиција“ продолжува и денеска, па ќе ги следиме пораките оттаму.
Британија се соочи со рекордна инфлација од девет отсто, што е нов врв за индексот по 2005 година.
Пишувавме и за тоа како маркетингот со погрешен избор или одлука може да се претвори во бојкот.
Но, ова се клучните вести што треба да ги знаете утрово:
Како инфлацијата го зголеми јазот меѓу сиромашните и богатите?
Платите растат побавно отколку инфлацијата, а тоа го зголемува јазот меѓу сиромашните и богатите, факт што го потврдува и Светската банка. Прецизно насочени мерки за помош ќе ја ублажеа ваквата појава, сметаат експертите.
Јазот и натаму ќе се зголемува, а причини има повеќе, но клучно е што инфлацијата на сиромашните е повисока од инфлацијата на богатите, зашто сиромашните трошат повеќе од својот буџет на храна и енергија отколку богатите, а тие две компоненти најмногу поскапеа во изминатата година.
Се наѕира ли спас од инфлацијата?
Очекувањата за потрошувачките цени во еврозоната паднаа на најниско ниво од 2020 година, според индексот на Европската комисија, што може да ги утеши креаторите на политиките што се обидуваат да ја стават инфлацијата под контрола.
Извештајот покажува дека се очекува дополнително намалување на цените во производството, услугите, градежништвото и малопродажбата, а економското расположение падна на најниско ниво во последните шест месеци.
„Енвидија“ полета
Секако, не буквално. Пазарната капитализација на „Енвидија“ надмина една илјада милијарди долари, што ја направи оваа компанија прв производител на чипови со толкава вредност. А огромниот потенцијален раст на вештачката интелигенција носи прогноза дека приходите и натаму ќе растат.
Компанијата е една од петте американски со таква капитализација, приклучувајќи им се на „Алфабет“ (Alphabet Inc.), „Амазон“ (Amazon.com Inc.), „Епл“ (Apple Inc.) и „Мајкрософт“ (Microsoft Corp). Инаку, само девет компании во глобални рамки некогаш го постигнале тоа ниво.
Водич за алтернативни инвестиции
На аукција во април годинава, патики на Мајкл Џордан биле продадени за 1,8 милион долари. Вклучувајќи ги хонорарите на аукциската куќа, вкупната цена на патиките достигна 2,2 милиони долари, што едвај ја надмина најниската процена, но сепак стана светски рекорд на аукција.
Реалноста е дека економската нестабилност низ светот ќе има ефект на пазарот на колекционерски предмети во следнава година, а падот на цените на овие предмети веројатно е неизбежен. Вредноста на колекционерските предмети вртоглаво порасна во раните години на ковид, кога луѓето имаа многу пари и немаа каде да одат. Сега парите се поскапи, па втор „ролекс“ или петта чанта имаат помал приоритет.
Следиме...
Се одржува регионална зелена конференција „Регрин“ (ReGreen) во организација на „Блумберг Адрија“, која ќе даде одговори на многу прашања во врска со ризиците и можностите од климатските промени и зелената транзиција.
Македонската статистика ќе понуди податоци за индустриското производство и прометот во секторот трговија.
Очекуваме и нови податоци за инфлацијата во три клучни економии во Европа: Германија, Франција и Италија. Шпанија веќе објави инфлација пониска од очекувањата, 2,9 отсто за мај.