Германија е формално во рецесија, а прогнозите се дека рецесијата ќе биде подлабока од првично очекуваната и економската активност ќе биде помалку изразена идната година, што ќе биде голем предизвик и за македонската економија. Заострувањето на трговските односи меѓу Кина и ЕУ не помага и може да допринесе кон дополнително намалување на економскиот раст во Европа.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Наместо искористување на ветрот во регионот, главоболка од долгата бирократија
Иако зелената транзиција веќе извесно време е во центарот на вниманието на експертите и инвеститорите во енергетскиот сектор, јасно е дека до неодамна динамиката на преминот од фосилни горива кон обновливи извори не беше доволно брза.
Како што веќе знаеме, балканскиот регион обично заостанува зад трендовите во поразвиените делови на светот, така што свеста за потенцијалот на регионот во обновливите извори релативно бавно созреваше. Секако, тука е и прашањето за финансискиот потенцијал, кој земјите од регионот Адрија не можат сами да го обезбедат, па промените во голема мера се поттикнати од странскиот капитал.
Побавни од полжав: Ни требаат 57 години за целосна родова еднаквост
Индексот на родова еднаквост во Македонија минатата година изнесува 64,5 поени од максималните 100 и има прогрес од 2,5 поени споредено со последното мерење во 2019 година. Доколку прогресот се одвива со ова темпо на земјата ќе и` бидат потребни приближно 57 години за да постигне родова еднаквост во сите домени.
Како и на претходното мерење на индексот, земјата сè уште се позиционира зад просекот на земјите членки на ЕУ (ЕУ-27) за 3,5 поени. доменот пари покажува дека жените во Северна Македонија во просек заработуваат помалку и се во повисок ризик од сиромаштија споредено со мажите. Индикаторите во доменот време покажуваат дека жените се тие што во најголема мера ја извршуваат неплатената работа во домот и грижата за децата, без разлика на нивниот статус на вработеност.
Добра година: Најбогатите дневно додаваат по 14 милиони долари на сметките
Секој член на индексот на милијардери на „Блумберг“ додавал во просек по 14 милиони долари дневно на своите сметки во изминатите шест месеци, покажуваат податоците собрани од „Блумберг“. Ова беа најдобрите шест месеци за милијардерите од втората половина на 2020 година, кога економијата закрепна по падот предизвикан од Ковид.
Добивките се совпаднаа со растот на берзите, бидејќи инвеститорите ги отфрлија ефектите од зголемувањето на каматните стапки на централните банки, војната во Украина и кризата во регионалните банки. Стандард и Пурс 500 индексот порасна за 16 отсто, а Насдак 100 се зголеми за 39 отсто.
Изработена првата дигитална мапа на 250 македонски винарници
Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство заклучно со 30 јуни во својот вински регистар евидентира 250 винарници од кои 167 се на физички лица односно семејни винарници, а останатите се комерцијални винарници.
„Во склоп на своите активности за потребата и подготовката на првата македонска винска енциклопедија и географска карта извршено е геолоцирање и дигитално мапирање со цел да овозможи на странските гости и винските ентузијасти брзо и едноставно пронаоѓање и лоцирање за нивно понатамошно истражување“, соопштија од „Винопедија“.
Онлајн верзија на картата овозможува посебно да се прикажат малите семејни винарници од останатите комерцијални винарници.
Кина ја носи трговската борба во Европа, неизвесна зелената транзиција
Одлуката на Кина да го ограничи извозот на критичните минерали ќе ги погоди клучните сектори на Европската унија во напорите да ја декарбонизира економијата и ги демонстрира границите со кои се соочува Западот во аспирациите да ги премести синџирите на снабдување надвор од дофатот на креаторите на политики во Пекинг.
Кина е најголемиот светски производител на двата минерали, галиум и германиум, кои ќе бидат предмет на извозни ограничувања следниот месец и кои се клучни за индустријата за полупроводници, телекомуникациите и електричните возила. ЕУ добива 71 проценти од својот галиум од Кина и 45 проценти од својот германиум.